Говори и обраќања
GO
Клучниот збор за 2015 година треба да биде дијалогот - годишно обраќање во Собранието на Република Македонија
Четврток, 18 Декември 2014

godisno_obrakanje1Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитувани пратеници,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани претставници на правосудните органи на Република Македонија,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на верските заедници на Република Македонија,
Претставници на медиумите,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Денес сум тука меѓу вас, со нов легитимитет, но и со нова доверба од граѓаните за континуитет. Континуитет за споделената визија и за стратегиските цели на Република Македонија. Тука сум за да ги споделам со вас моите видувања за годината што ја оставаме зад нас, очекувањата за годината што е пред нас, но и за периодот што следи до крајот на оваа деценија.

Почитувани присутни,

Ова е мое второ обраќање годинава пред Собрание што не е во полн состав. Искрено жалам што и денес не присуствуваат народните пратеници кои избрале да не ги претставуваат граѓаните што гласале за нив. Со тоа што ги оставија своите места во овој дом на демократијата празни, ги оставија и непретставени граѓаните кои ги избраа. Празните места во Собранието не можат да ја претставуваат волјата на граѓаните.

Пред 23 години, кога политичките партии за прв пат се вклучија во демократски натпревар, и кога граѓаните на Република Македонија за прв пат гласаа на слободни и демократски избори, демократијата беше прифатена како процес и како поредок, како политички систем на оваа држава. Демократијата стана темелен консензус во нашето повеќеетничко, повеќерелигиско и повеќејазично општество.

Гласањето на избори е уставно право на граѓаните, но нивното претставување во Собранието е уставна обврска на избраните пратеници.

Сакам да напоменам дека како претседател, пред 7 месеци ги поканив политичките лидери, вклучувајќи ги и господинот Заев и господинот Ахмети, да разговараме за интересите на државата. Тие сè уште не се одзваа на поканата, која е сè уште отворена. Да се одбие разговор за интересите на државата за мене е израз на крајно неодговорно политичко однесување.

Затоа, на оние кои денес не се тука, сакам да им порачам дека политичкиот дијалог не е израз на слабост, туку израз на политичка зрелост.

Често слушаме дека политичката култура не се гради преку ноќ. Но, ние мораме за кратко време да го постигнеме она за коешто на развиените демократии им биле потребни децении и векови. Демократијата е тука и сега. Потребна е поголема политичка одговорност и позрела политичка култура.

И најтешките проблеми се надминуваат преку дијалог. Ако го вратиме дијалогот, ќе најдеме решение. А решението ни е неопходно, бидејќи оваа состојба се одразува на нашето општество, но и на нашиот европски и евроатлантски пат.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Меѓуетничките односи во Македонија сè уште се соочени со предизвици, кои доаѓаат и од политичка манипулација, која ја извртува вистинската слика за соживотот.

Суштината на нашиот општествен и државен концепт е да живееме едни со други, а не едни против други, ниту едни покрај други. Но, и за тоа ни е потребно, во духот на нашиот македонски модел на соживот, повеќе дијалог, повеќе почитување и поголемо прифаќање на различноста.

Клучниот збор за 2015 година и во однос на Собранието и во меѓуетничките односи треба да биде дијалог.

Сите сме свесни дека работите не се толку едноставни.

Отсуството на политички дијалог во Собранието и фрустрациите во меѓуетничките односи, меѓу другото се одраз и на оспорувањето на нашето име, идентитет и јазик, на состојбите во регионот, Европската унија и светот.

godisno_obrakanje2Ценети присутни,

Иднината на Република Македонија е во НАТО и во Европската унија.

За жал, откако во 2005 година станавме земја-кандидат за членство во Унијата, Европскиот совет не успеа досега да најде начин да ги започнеме преговорите за членство.

Да не трошиме многу зборови. Знаеме колкави се штетите и знаеме кои се последиците од блокадите на нашето членство во НАТО и во Европската унија. Блокадите предизвикуваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Но, блокадите предизвикуваат и уште нешто. Се губи моќта на европската идеја да мотивира и да менува. Всушност, слабее нејзината трансформирачка моќ за нашето општество.

Последиците ги гледаме и ги чувствуваме. И токму овие последици од блокадите сега некои ни ги наведуваат како причина за неможноста да ги отпочнеме преговорите за членство во Унијата. Не е тешко да дојдеме до заклучокот.

Ние сме сега всушност блокирани и поради последиците од наметнатата блокада.

Двојните стандарди со кои сме соочени не можат да ја победат вистината. Сме минале низ многу премрежија. Нè негирале, бришеле и игнорирале. Нè асимилирале, делеле и раселувале. Но, и покрај сè, сме издржале. Како што пред 70 години, на АСНОМ, успеавме да создадеме наша сопствена држава, така денес, сме уверени дека ќе станеме членка на Европската унија и НАТО. Затоа што Македонија ја градиме во нас, од нас, за нас, за да живееме и ние и идните генерации во мир и благосостојба.

Официјална Атина може да го забави, но не и да го спречи нашето поврзување со Европа. Не може веќе да ги спречи македонските граѓани да патуваат низ Европа, македонските компании да тргуваат со Европа. Македонските професори да предаваат низ Европа, а македонските студенти да студираат во Европа, македонските уметници да творат и да се претставуваат низ Европа, македонските спортисти да победуваат во Европа.

Официјална Атина може да ни го забави патот кон Брисел, но не може да нè спречи да ги имаме европските вредности, стандарди и критериуми. А токму тие се целта на нашиот европски пат – да ја донесеме Европа во Македонија. Наша обврска е да ги спроведеме реформите, да ги постигнеме стандардите и принципите, да ги обезбедиме човековите права и правото на човечко достоинство, за доброто на граѓаните на Македонија.

Во нашата надворешна политика продолжуваме да се водиме од принципот на отвореност кон сите. Отвореност која не е декларативна, туку конкретна. Уште од првиот ден на вториот мандат, продолжив со истиот интензитет. За само седум месеци имав 10 посети на странски држави и над 40 средби и разговори со некои од највлијателните државници во светот за суштествените прашања што се однесуваат на Македонија.

Тоа го барам и од македонската дипломатија. Да биде максимално активна, отворена, да ги негува старите и да создава нови пријателства. Да бидат посветени не само на политичката, туку и на економската, јавната и културната дипломатија. Ако можеме јас, како претседател, премиерот и министрите, тогаш и македонската дипломатија мора да биде поактивна.

Градиме добри односи со сите добронамерни држави во светот, а најдобри можни односи со сите наши соседи.

Почитувани сограѓани,

Нормално е во односите со соседите со кои имаме најдинамични релации да се појават одредени разлики околу некои прашања. Но, тоа не нè спречува да имаме максимална соработка во однос на сите други прашања.

Ги поддржувам и ги поздравувам сите иницијативи и реализирани заеднички седници на владите од нашиот регион. Во таа насока се и моите чести средби со сегашните и поранешните претседатели од регионот. Се надевам дека со идниот претседател и на нашиот јужен сосед ќе го надоместиме она што е пропуштено во изминативе две децении.

Крајно време е заедно да видиме што сè сме пропуштиле и сè што сме изгубиле во неповрат, и сè што можеме да добиеме ако ја надминеме оваа бариера во нашите односи. Која ќе биде користа за граѓаните на двете земји, за македонскиот и за грчкиот народ, но и за поширокиот регион во целина.

Дами и господа,

Пред еден век, со еден испукан куршум во Сараево започна Првата светска војна.
Пред само четврт век, со падот на Берлинскиот ѕид, заврши Студената војна. Следеше период на нова надеж дека мирот конечно ќе завладее во светот.
Но, се покажа дека болните лекции од минатото не беа научени, и дека грешките се повторуваат. 2014 година беше прогласена за година на светскиот мир, иако нема мир во светот.

Нашиот регион излезе од мачното минато, почна период на градење доверба, но забавеното темпо на интеграциите создаде нова реалност и ново прекршување на интересите на Балканот.

Во ваква ситуација, ние во регионот мора меѓусебно максимално да соработуваме во сите сфери од заеднички интерес. На сите регионални собири инсистирам дека дојде време кога декларативноста во регионалните односи мора да ја испратиме во историјата. Неопходна е нова етапа со нови потреби за конкретни проекти во регионалната соработка.

Првите чекори се веќе направени. Оваа наша потреба ја разбраа Франција и Германија, по што следеа самитите во Брдо, Дубровник и Берлин. Овие нови форми на конкретна регионална соработка треба да бидат пример за сите стари регионални механизми кои сè уште се премногу декларативни. Ќе го искористиме нашето претседавање со Централноевропската иницијатива следната година за конкретни проекти со конкретни придобивки за граѓаните во нашиот регион.

Затоа Република Македонија води политика на отвореност кон сите кои со нас сакаат да соработуваат. Ние ѝ припаѓаме на Европа, но и на светот во кој имаме свои пријатели, и во Америка, и во Азија, и во Африка и во Австралија. Како дел од меѓународната заедница, ги следиме не само интересите на Унијата, туку и нашите државни интереси.

Ова е реална политика во услови на длабока трансформација на светскиот поредок. Живееме во хиперповрзан свет, со нови предизвици и нови ризици, и природни, и економски и политички.

Светот денес, и во економијата и во политиката е соочен со неизвесност, несигурност и непредвидливост.

Природните непогоди насекаде во светот се гласен аларм дека климатските промени се новата реалност што ќе ги промени нашите животи и животите на идните поколенија.

Економската глобализација ја менува важноста на национално-политичките граници. Наместо енергетска сигурност сè повеќе има енергетска неизвесност.

Новата состојба сè повеќе наликува на периоди кои мислевме дека се зад нас. Се будат етно-културните и религиските идентитети. Имаме ескалација на нетрпеливоста, фанатизмот и екстремизмот во светот. Секојдневно сме сведоци на злосторствата што ги предизвикуваат поединците со затворени умови.

Правиме сè што е во наша моќ да ги обезбедиме и да ги гарантираме мирот, безбедноста и стабилноста на Република Македонија.

Но, треба да сме свесни дека стабилноста и напредокот на Македонија не зависат само од Македонија, туку и од опкружувањето и од глобалните предизвици.

Иако нашиот јужен сосед се обидува да нè изолира од членството во Европската унија и НАТО, ние не сме изолирани од предизвиците и ризиците со кои се соочуваат сите земји-членки. Секојдневно од нив се регрутираат и се радикализираат нови странски терористички борци кои се борат на боиштата во кризните региони, кои не се далеку од нас. За жал, меѓу нив според разузнавачки информации има и 100-тина државјани на Република Македонија.

Глобалните закани се закани и за нас. Сè што се случува во кризните жаришта се рефлектира врз Европа.

Затоа, реагирав и во Советот за безбедност на Обединетите нации и укажав на безбедносниот вакуум што го создава една земја-членка на НАТО и на Европската унија во нашиот случај, но и бавното темпо на интеграција на целиот регион. Укажав дека со нелегалната блокада на нашето заслужено членство во НАТО се врши сериозно блокирање на мирот, безбедноста и стабилноста на целиот Балкан. Блокирајќи нè нас, официјална Атина ги блокира колективните интереси и темелните принципи на двете организации кон кои сакаме да се приклучиме. Еден од тие темелни принципи е почитувањето на меѓународните договори и меѓународното право. Затоа, продолжуваме да бараме ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Глобалните закани, кризните региони и заканата од странски терористички борци станаа закани и по националната безбедност на Македонија.

Затоа, Советот за безбедност на Република Македонија со кој раководам констатира дека субјектите на системот за национална безбедност успешно ги исполнуваат должностите од делокругот на своите надлежности, вршат координација и меѓусебна соработка во насока на јакнење на националните безбедносни капацитети.

Субјектите на системот за национална безбедност ги јакнат активностите за обезбедување, навремено предупредување за евентуални закани и ризици по националната безбедност, за подобрување и развој на системот за рано предупредување, превенција и контрамерки по евентуална утврдена закана и ризик.

Размената на податоци и информации за заканата од странски терористички борци во државите од регионот на Западен Балкан и со членките на Унијата и НАТО е приоритет во одржувањето на мирот и стабилноста во регионот.

Нашите армиски капацитети се предмет на идна предвидена модернизација и организациска формациска поставеност.

Македонија останува партнер во обезбедувањето на мирот и стабилноста преку учество во меѓународните воени мисии ИСАФ, АЛТЕА и Обединетите нации.

Иако учеството во Авганистан во идната мисија „Одлучна поддршка" е намалено со бројност, сепак Македонија останува меѓу првите држави кои по глава на жител партиципира со најголем број војници. Армијата на Република Македонија е докажан партнер на другите НАТО држави.

Драги сограѓани,

Врвен национален интерес е постигнувањето економски раст и развој. Со создавање поволна бизнис-клима ги надоместуваме пропуштените можности од 90-те и ги санираме последиците од глобалната економска криза.

Мојата агенда за 2015 година, но и за наредните години ја прилагодувам на потребите на македонската економија, на македонските стопанственици и на напорите на Владата за привлекување странски инвестиции во Македонија.

Македонската економија се отвора кон светските пазари. Градиме нова, динамична и извозно-ориентирана индустрија. Наместо земја која извезува само суровини, Македонија станува земја која извезува производи и услуги конкурентни на европскиот и светскиот пазар.

Почитувани сограѓани,

Република Македонија има сопствена реформска агенда во која се носат важни одлуки за макроекономската стабилност, микроекономската ефикасност, здравството, образованието, администрацијата, правосудството, медиумите...

Кога велиме дека се стремиме кон Европа, мислиме на европските вредности, стандарди и критериуми, европската култура, европската наука, европското образование...

Затоа ни се потребни европските стандарди за да се вреднуваме со најдобрите. Не можеме да бидеме партнери во големото европско семејство доколку не ги спроведеме реформите според утврдените вредности.

Клучот за сето тоа е во образованието.

godisno_obrakanje_3Почитувани граѓани на Република Македонија,

Образованието се трансформира насекаде во светот. Ако во минатото државата ги креирала образовните профили за нејзините потреби, денес, сè повеќе пазарот и бизнисот ја преземаат улогата на државата, и креираат профили според своите потреби. Со тоа се менува концептот за високото образование насекаде во светот, но, и кај нас.

Невозможно е да се проектира иднината на Македонија без успешна трансформација на образованието, бидејќи иднината на државата зависи од квалитетот на високото образование, како што и тоа зависи од квалитетот на претходните степени на образование.

Јасно е дека се неопходни реформи. Македонските универзитети не се на високите места на ранг-листите. Со ретки исклучоци, македонските студенти не добиваат конкурентно образование за глобалниот натпревар. Успешните приказни во образованието најчесто се резултат на лична иницијатива, лични амбиции и ангажираност од самите студенти и професори.

Како претседател, но и како универзитетски професор, континуирано се среќавам со студентите. Минатата година имав одделни средби и со најдобрите студенти од сите државни универзитети од Република Македонија на кои отворено разговаравме за сите проблеми и прашања со кои се соочуваат студентите. Заеднички заклучок од тие средби беше дека локалните стандарди создаваат локална вредност, а светските стандарди создаваат светска вредност.

На Македонија ѝ се потребни студенти и професори според врвни стандарди за да бидат препознатливи и конкурентни на глобалниот пазар на знаење. Само на таков начин, нашите студенти и професори ќе станат партнери, а не само консументи на резултатите на глобалните научноистражувачки достигнувања.

За тоа да го оствариме, потребни ни се длабоки реформи во образованието на сите нивоа. И сите сме согласни за една работа, а тоа е потребата од висококвалитетно образование. Заедно треба да го најдеме најдобриот пат до таа цел.

Ќе го издвојам проектот за целосно стипендирање на студентите што се запишуваат на 100-те најдобри универзитети во светот, кој е достоен за почит. Македонија е една од ретките држави во светот што имаат ваков вид стипендии. Со ова инвестираме за идните генерации да имаат подобри услови од претходните генерации.

Останува овој процес на стипендирање успешно да се заокружи и да се спроведе до крај, онака како што е планиран, за студентите кога ќе се вратат во Македонија веднаш да најдат работа.

Со внимание ја следам широката стручна и јавна дебата за нови сеопфатни законски решенија за сите степени на образование. Неопходно е да се слушнат сите засегнати страни, и универзитетите и студентите, наставниците и учениците, родителите, бизнис-секторот, предлагачот... Заеднички и низ дијалог да го најдеме најдоброто решение.

Студирањето е и израз на слобода, но и на одговорност. Автономијата на универзитетот е уставно загарантирана и мора да се почитува.

Науката во минатото се сметаше за трошок. За жал, тој ментален став сè уште постои и денес. Премалку се инвестира во науката и во научните истражувања.

Како што беше зголемен буџетот за образование, така треба да се зголемува и буџетот за наука. Кога сами си ја финансираме науката, сами си ги одредуваме приоритетите, бидејќи сами знаеме што ни е најпотребно. Секаде каде се вложувало во образование и наука, порано или подоцна, резултатите биле позитивни.

Затоа, повикувам буџетот и поддршката за науката да бидат зголемени, бидејќи економскиот успех на државата се темели на знаење, наука и образование. Вложувањето во наука и во истражување влијае врз намалувањето на невработеноста и на зголемувањето на конкурентноста на македонската економија.

Почитувани сограѓани,

На средината сме на оваа деценија. Сакам со граѓаните да споделам каде ја гледам Македонија во 2020 година.

Европската унија најави дека нема да се проширува до 2019 година. Свесни сме дека ние не можеме да го промениме тој став на Унијата.

Но, како што треба смирено да ги прифатиме нештата коишто не зависат од нас, така, треба да имаме и храброст и мудрост да ги промениме нештата коишто зависат од нас.

Од нас самите зависи на што ќе се посветиме наредниве пет години.

Дали ќе водиме инает и ќе ги бојкотираме демократските институции или, пак, ќе се вратиме на дијалогот во институциите за да доаѓаме до решенија. Македонските граѓани заслужуваат демократија со зрела политичка култура.

Дали ќе ги чекаме преговорите за членство во Унијата, па дури тогаш да започнеме да ги исполнуваме критериумите, или ќе ги вложиме сите напори за да ги исполниме критериумите за членство во Унијата, дури и пред да започнеме со преговорите. Да имаме највисоки стандарди во јавната администрација, правосудството, медиумите. Дали пет години ќе го губиме времето или, пак, ќе бидеме подготвени уште веднаш по тој период да станеме членка на Унијата.

Драги сограѓани,

За нас нема дилема.

Од самите нас зависи како ќе ја градиме Македонија како инклузивно општество и ќе ја јакнеме општествената кохезија.

Од самите нас зависи како ќе го промовираме и како ќе го унапредуваме македонскиот модел на соживот кој преку Охридскиот рамковен договор го вградивме во Уставот. Да продолжиме да бидеме пример за почитување и за прифаќање на различноста меѓу Македонците и Албанците, Србите и Власите, Турците, Ромите и Бошњаците, меѓу христијаните, муслиманите, Евреите и атеистите. Потребно е покрај мултиетничките коалиции да ја промовираме и мултиетничката економија, со заеднички потфати, од кои полза ќе имаат сите.

Наша одговорност е да продолжиме Македонија да ја развиваме како земја со уште поповолна бизнис-клима и со поконкурентна економија заснована врз знаење и одржлив развој. Да продолжиме со создавање услови за сè повеќе луѓе да се вработат. Услови во кои секој земјоделец и трговец, секој стопанственик и иноватор што има претприемачки дух, ќе создава производи и услуги за извоз на глобалниот пазар.

Да продолжиме да градиме општество засновано на повозвишени вредности и цели.

Од нас самите зависи дали нашите деца ќе живеат во чиста и здрава животна средина. Заедничка одговорност е енергетски и инфраструктурно да ја обезбедиме Македонија, за идните поколенија да имаат подостоинствен живот.

Од нас самите зависи дали нашите универзитети ќе бидат конкурентни, дали нашите студенти ќе имаат квалитетно образование, дали нашите истражувачи ќе создаваат врвни научни достигнувања, вреднувани и дома и во светот. До 2020 година не ни преостанува ништо друго, освен да бидеме држава која инвестира во висок човечки капитал и е дел од поширокиот европски и глобален пазар на образование и наука.

Од нас самите зависи дали до крајот од оваа деценија Македонија ќе биде поуспешна држава во која подобро ќе се живее.

Ако не сме свесни за сево ова, ќе го изгубиме времето. Многу нешта можат да се вратат назад, но времето не може. Нема поголема загуба од залудно потрошеното време. Не смееме тоа да си го дозволиме.

Убеден сум дека можеме сето ова да го оствариме. За тоа е потребно да веруваме во себе, да сме посветени на работата, да бидеме одговорни кон нас и кон идните поколенија, да сме отворени за дијалог, и меѓусебно да се почитуваме.

Да живее Република Македонија!
godisno_obrakjanje_4

manu1
Обраќање на промоцијата на „Стратегија за претприемачко учење на Република Македонија 2014 – 2020“
Понеделник, 15 Декември 2014

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Светот во кој живееме е исправен пред многу предизвици. Еден од нив е како да се постигне натамошен интензивен економски развој и отворање нови работни места. Во таа смисла, сакаме Република Македонија да биде држава во која се почитуваат економските слободи, слободниот и отворен пазар, трудот и работливоста. Држава и општество чии граѓани живеат од својот труд, кои инвестираат, вработуваат луѓе, работат за унапредувањето на својата положба, во која секој може слободно да работи и да напредува.

Нашата визија е луѓето да ги изградуваат и да ги користат своите потенцијали, да создаваат квалитетни производи и да нудат квалитетни услуги не само за локалниот, туку и за европскиот, за глобалниот пазар. За да се достигнат овие вредности кои се основа на просперитетот на секоја нација, неопходно е развивање на претприемачкиот дух.

Со цел да ја оствариме споделената визија, ја изготвивме Стратегијата за претприемачко учење во Република Македонија 2014-2020. Притоа, тргнавме од уверувањето дека претприемачкото учење е камен-темелник за одржлив економски раст, развој и отворање нови пазари, нови економски можности и нови работни места.

Неоспорен факт е дека нема поисплатлива среднорочна и долгорочна инвестиција од онаа во претприемачкото учење. Развивајќи го претприемачкиот дух кај младите, создаваме мотор што во иднина ќе ја движи напред македонската економија и на европскиот и на глобалниот пазар.

manu2Ценети присутни,

Оваа стратегија не ќе беше можна без посветената работа на бројни експерти од Македонија и од странство, кои се здружија со релевантните државни и научни институции и странски партнери.

На сите вклучени им честитам за посветената работа и им благодарам за документот што го подготвија. Како претседател на Република Македонија, горд сум што и мојот Кабинет беше активно вклучен во овој проект.

Во изготвувањето на стратегијата се угледувавме на поискусните од нас. Бевме изненадени што и многу поразвиени и економски помоќни европски држави немаат стратегии за претприемачкото учење. Верувам дека Република Македонија навремено тргна по вистинскиот пат што несомнено ќе донесе корист за нашата економија и за општеството во целина.

Сега, кога ја имаме стратегијата следува најважниот сегмент, а тоа е нејзиното спроведување. Со максимално залагање на меѓуресорската група за претприемачко учење, но и на сите засегнати институции, ќе бидат доследно исполнети целите на стратегијата.

Верувам дека сите можеме да го помогнеме процесот на спроведување. Најмалку што можеме да направиме е да ја подигнеме свеста за значењето и важноста на претприемачкото учење во целото наше општество. Со тоа ќе помогнеме да се создадат услови за заживување на стратегијата.

Драги пријатели,

За претприемачкото учење не е значајно само формалното, туку и неформалното образование, како и бизнис-заедницата. Сите вклучени во овој потфат треба соодветно да придонесат за развој на претприемачкото учење. Во нив секој граѓанин треба да препознае можност за стекнување знаење за развој на своите претприемачки вештини и поттикнување на претприемачкиот дух.

Преку знаења, вештини и способности, граѓаните треба да се стекнат со сето она што го одликува секој успешен претприемач. Да се стекнат со претприемачкиот менталитет кој е предуслов за успехот.

Ви благодарам.
manu3

bontonkarpos01
Обраќање на завршната манифестација на проектот „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)"
Недела, 14 Декември 2014

Почитувани присутни,
Почитувани спортисти,
Драги вљубеници во спортот,

Ми претставува вистинско задоволство да ве поздравам на завршната манифестација од годинешниов проект „Спортски бонтон – Традиционални спортски игри".

Денес сме тука како победнички тим. Во нашиот тим беа децата и родителите, наставниците и спортистите од повеќе општини во Република Македонија. Заедно трениравме, заедно се натпреварувавме, заедно стигнавме до целта и го победивме противникот.

Нашиот противник многу добро го знаеме. Тој е нетрпелив кон играчите и навивачите од спротивниот тим. Непристојно навива и безобsирно ги етикeтира различните. Не се воздржува ниту од физичка пресметка за време на спортските натпревари. Воден од желбата за победа, по секоја цена, го оправдува и го охрабрува користењето на недозволени допинг средства. Нему профитот му е поважен од натпреварот, па ги мести спортските резултати. Гордо се нарекува спортист или спортски фан, но всушност нема ништо заедничко со спортот. Тој е нашиот противник, но пред сè противник на спортот.

Против таков противник излеговме со она што најдобро го знаеме: спортскиот бонтон и фер играта, соработката и заедништвото, тимската игра и витештвото, промовирањето на позитивниот спортски дух и почитувањето на различноста. Две години по ред се натпреварувавме и победивме.

bontonkarpos02Драги пријатели,

Проектот се одвиваше во неколку македонски општини. Oпштини кои безрезервно се вклучија во активностите и со сиот свој капацитет придонесоа за успешна реализација. Ним, на организаторите и на сите поддржувачи на проектот им благодарам и им честитам.

Успеавме да го трансформираме сфаќањето за спортот кај најмладите. Но, успеавме да ги трансформираме и самите спортски терени.

Од место на нетрпеливост, насилство и навреди, спортските терени ги претворивме во простор за почитување, прифаќање и градење пријателства меѓу најмладите што ги надминуваат сите разлики.

На спортските терени, децата спортуваа со другарчиња кои доаѓаат од различни средини, зборуваат на различни јазици и одат во различни храмови.

Но, сите овие разлики стануваат неважни кога ќе се споредат со она што им е заедничко. Сите тие се деца кои му се радуваат на животот, кои се љубопитни и сакаат да знаат. Деца кои имаат нескротлива желба за другарување и споделување. Како претседател, но пред сè како родител и како професор, сметам дека нема поважно од тоа.

Благодарение на спортот децата разбраа што е потребно за вистински да ги запознаат своите врсници.

Почитувани пријатели,

Нашиот победнички тим не запира овде. И натаму продолжуваме да се натпреваруваме во вистински спортски дух. Да ја промовираме суштината на спортот, зближување, поврзување, интегрирање.

Значењето на овој проект не е само во вклученоста на децата, туку и на возрасните пред сè, наставниците. Особено сум благодарен на нивното учество и придонес. Ги охрабрувам спортските работници, учителите, наставниците и родителите да продолжат да ги учат децата на добро спортско однесување.

Од сите нас зависи дали спортот ќе ја задржи својата суштина и дали ќе продолжи да се промовира како алатка за градење на заедништво и пријателство меѓу луѓето. Не се сомневам во позитивниот исход.

Ви благодарам.

bontonkarpos03

16dena
Изјава на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов - „Обој го светот во портокалово за 16 дена“
Сабота, 06 Декември 2014

Почитувани,

Ви се обраќам за јавно да ја поддржам акцијата „Обој го светот во портокалово за 16 дена". Акција чија цел е да се сврти вниманието на целото наше општество за елиминирање на сите форми на насилство врз жените и девојчињата.

Изминатава недела, портокаловата боја стана боја на солидарност и поддршка на правата на жените и девојчињата кои се неотуѓив дел од универзалните човекови права и правото на човечко достоинство.

Жената е столб на семејството и нераздвоен дел од политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот во Република Македонија. Должни сме да го почитуваме и унапредуваме правото на жената да се образува, да го живее својот живот и да ги подига своите деца со љубов, сигурност и достоинство.

Достојниот маж, сопруг и татко се бори против сите форми на дискриминација на жената, против неправдата, насилството и угнетеноста.

Како Претседател, но и како сопруг, сакам да ги повикам младите и старите, мажите и жените, јавните личности и невладиниот сектор активно да се вклучат во кампањата која повикува за Стоп на насилството врз жената – СЕГА!

Ве повикувам заедно да го мобилизираме јавното мислење, да ги охрабриме онеправданите и заеднички да застанеме против дискриминацијата врз жените.

Да застанеме против предрасудите, обичаите и стереотипите.

Активностите не застануваат на 16-тиот ден од кампањата туку продолжуваат. Борбата против насилството врз жената треба да трае 365 дена во годината.

Logo_MKD-01

UKLO01
Обраќање по повод 35 годишниот јубилеј од основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола
Петок, 05 Декември 2014

Почитуван ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски", проф. д-р Жоглев
Почитувани декани и професори,
Ценети студенти,
Драги пријатели,

Вистинско задоволство е да ви се обратам во пресрет на денот кога го чествуваме големиот народен светител, просветител и учител Св. Климент Охридски.

За неговата важност сведочи фактот што многу научно-просветни институции, многу училишта, факултети и библиотеки во Република Македонија го носат неговото име. Една од највидните меѓу нив е универзитетот „Св. Климент Охридски" кој одбележува 35 години од основањето.

И како Претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор, ми претставува задоволство што заедно го славиме овој јубилеј. Јубилеите се можност да се погледне на достигнувањата од минатото, да се согледаат состојбите во сегашноста и да се зацрта патот за иднината.

Во изминатите 35 години, универзитетот генерираше знаење, наука и квалификувани наставници и истражувачи и од општествените и од природните и од техничките науки. Од овој универзитет произлегоа многу правници, економисти, педагози, многу квалификувани стручњаци од областа на земјоделството, туризмот, медицината, јавната администрација, информатичките технологии...

Тие се дел од она што е создадено од високото државно образование во Република Македонија.

Сепак, сведоци сме дека во изминатиов период, високото образование доживува голема трансформација и во Македонија но и во Европа и светот.

UKLO02Ценети присутни,

Од самите свои почетоци, образованието и државата се во симбиоза.

Во антиката, атинските школи постоеле да ги образуваат граѓаните и да создаваат нови генерации водачи кои мудро ќе го водат полисот. Преку образованието, тие се стремеле кон мудроста. Оттука, филозофијата е стремеж кон мудроста.

Во средниот век, филозофијата е во основата на образованието на првите универзитети во Болоња и Сорбона каде се подготвувале идните правници, лекари и теолози на Европа.

Со ренесансата и просветителството, образованието станува достапно за поширок круг на луѓе, а не само на одбраните. Техничките струки стануваат дел од универзитетот и со тоа ќе се промени суштината на универзитетите.

Како што образованието на првиот полис создаваше граѓани на градот, така вториот полис, вестфалската држава имаше потреба од образование што ќе создаде државјани на државата.

На почетокот на 19 век беа направени коренити реформи на високото образование со што се создаде универзитетско образование. Тоа е модел што е во основа на сите универзитети во светот.

Државните универзитетите се создадени за да ги образуваат луѓето кои ќе придонесуваат за државата. Луѓе кои ќе ја креираат политиката, ќе се вклучат во економијата, индустријата, културата, но и во самото образование. Државниот универзитет подразбира образование за потребите на суверената држава.

Денес, сето тоа се менува. Глобализацијата доведе до трансформација на државата, која се соочува со се повеќе нетериторијални предизвици и можности. Ако во минатото државата ги креирала образовните профили за нејзините потреби, денес, се повеќе пазарот и бизнисот ја превземаат улогата на државата, и креираат профили според своите потреби. Со тоа се менува концептот за високото образование насекаде во светот.

Со либерализацијата на високото образование, се очекуваше дека ќе се поттикне конкуренцијата, а со тоа и квалитетот. Многу од овие очекувања не беа до крај остварени.

Од успешната трансформација на високото образование зависи иднината на секоја држава. Затоа, се превземаат мерки за подобрување на квалитетите на високото образование, што е предуслов за нови странски инвестиции, за поуспешна економија и поголем просперитет.

Драги пријатели,

Во сите овие промени, кои не ја одминуваат ниту Република Македонија, едно нешто не се менува. И не треба да одиме подалеку од животот и делото на патронот на овој значаен универзитет.

Севкупното дело на Св. Климент не упатува кон врвните етички вредности и принципи. Да имаме личен и професионален интегритет. Да бидеме одговорни, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност. Да ги почитуваме законите и правилата, и да ги почитуваме другите, ако сакаме и другите да не почитуваат нас.

Во трудољубивоста, посветеноста кон извршувањето на задачите и волјата за акција треба да се угледаме на Св. Климент. За него се вели дека срдечно и ревносно, „не давајќи им одмор на своите очи," ги исполнувал своите должности.

Тоа се одлики на доблесни луѓе, онакви какви што и големиот просветител сакал да произлезат од неговиот универзитет. Тоа се одлики кои мора да ги чуваме и негуваме во нашите универзитети, во нашето високо образование во Република Македонија.

Ви благодарам.

UKLO03

miroven_korpus1
Обраќање по повод давањето свечена обврска на Мировниот корпус од САД во Република Македонија
Петок, 28 Ноември 2014

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Од сите вредности кон кои се стреми човекот, најпосакуван и воедно најтешко остварлив е мирот. Од мирот зависи економијата, развојот, планирањето на нашата иднина и иднината на нашите деца. Но, мирот не е униформен, ниту ултимативен. Мирот се гради преку дијалог, почитување и прифаќање на различноста.

Една таква благородна визија имаше Претседателот Џон Ф. Кенеди кога пред 53 години го формираше Мировниот корпус за да ги промовира принципите на мирољубивиот соживот помеѓу народите и државите во светот.

Луѓето што застанаа на чело на Корупсот имаа храброст таа визија да ја спроведат во практика, и да пружат помош до речиси 139 држави во светот, вклучувајќи ја и Република Македонија.

Дозволете ми да ве поздравам, и да изразам висока почит за мисијата на сите генерации волонтери на Мировниот корпус во Република Македонија. Сакам да знаете дека ве поддржуваме во добрите намери и ви честитаме за вашите дела, посветеност и личен пример во нашите заедници.

Како основа за градење трајни лични пријателства меѓу американските граѓани и нивните македонски домаќини, Мировниот корпус прерасна во мост на пријателство меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Токму затоа, во 2011 година, на 50-годишнината од формирањето и 15-годишнината од почетокот на работата во Македонија, го одликував Мировниот корпус со престижното признание Орден за заслуги за Македонија.

Денес, како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани сакам да се заблагодарам за исклучителната улога на американските државјани кои работат како волонтери во оваа организација.

Со уверување дека оваа, нова генерација ќе продолжи да го развива пријателството и взаемното разбирање меѓу македонските и американските граѓани, им посакувам на новите волонтери успешна работа и понатамошен пријатен престој во Република Македонија.

Ви благодарам.
miroven_korpus_2

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 28 од 64