Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Вчера го празнувавме денот на св. Климент Охридски, најголемиот светител и учител на Македонија и на македонскиот народ. Денес, имаме можност да се потсетиме на учителите на нашиот учител, на светите Кирил и Методиј.
Врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун, меѓу кои и племињата на Драговитите, Сагудатите и Ринхините, солунските браќа ја составиле првата словенска азбука – глаголицата. А со помош на глаголицата постигнале многу.
Успеале старословенскиот јазик да го трансформираат во првиот пишан јазик на словенските земји. А потоа, со тој пишан јазик успеале да го растераат духовниот мрак и маглата на незнаењето. Едно нешто особено ме импресионира кај светите Кирил и Методиј.
Со помош на глаголицата тие не ја превеле, туку ја препеале Библијата на старословенски. А, препевот е секогаш многу потежок од преводот. Тоа зборува и за богатството на јазикот и за нивната генијалност.
Но, знаеме дека јазикот постои заради луѓето, а не обратно. За да ги долови автентичните искуства на секој народ, јазикот се менувал и се збогатувал. Па така, наместо еден, вечерва, ние што сме собрани тука зборуваме на повеќе словенски јазици и, наместо едно, користиме повеќе писма.
Но, независно на кој словенски јазик ќе го изговориме, и со кое писмо ќе го напишеме, дали на кирилица или на латиница, зборот си останува збор. А токму делото на светите Кирил и Методиј останува вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме. Затоа, минатиот месец во името на благодарниот македонски народ поставив плоча во Базиликата на Санта Марија Маџоре во Рим. Благодарност каква што чувствуваат сите народи кои се дел од словенството како јазична заедница.
Благодарност каква што чувствувале и авторите на овој извонреден словачки документарен филм што премиерно се прикажува во Македонија. Режисерот Кристијан Безак и сценаристот Бернадета Токарова успеаја да ни расветлат нови моменти од животот на оние на кои им должиме толку многу.
Ќе завршам со следнава мисла од еден наш творец, кој рече дека довербата во сопствениот јазик е најсигурната доверба и во себеси и во сите нас заедно. Зашто само јазикот никогаш не нè оставил сами. И, зашто само тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме. И сето тоа поради св. Константин-Кирил и Методиј и нивните ученици.
Ви благодарам.

|