Отворање на Mеѓународниот симпозиум „100-годишнина од Првата светска војна, фронтот на Чанакале и нивните глобални последици“
Среда, 09 Декември 2015   

simpozium00Почитувани присутни,
Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор, чест ми е да бидам покровител на овој меѓународен симпозиум посветен на битката на Чанакале. Ме радува што соработката меѓу научните и образовните институции на Република Македонија и на Република Турција се проширува и се збогатува. Нè поврзуваат многу нешта, вклучително и оваа тема.

Почнувајќи од 2014-та, одбележуваме еден век од почетокот и текот на Првата светска војна. Еден испукан куршум во Сараево го означи почетокот на Големата војна, која доведе до рушење на три империи. Овој настан покажа колку е важен мирот на Балканот за европскиот мир. Со тоа почна краткиот и крвав 20 век.

Оваа година се сеќаваме на една од најголемите битки во самоубиствената војна на Европа, но и светот. Поради истрајноста на Мустафа Кемал Ататурк, Дарданелската воена операција на Антантата против Турција заврши со неуспех. Антантата не смеела да си дозволи уште еден пораз на Балканот. Исходот од битката на Галиполи бил вовед во Македонскиот фронт.

Македонскиот фронт бил отворен во октомври 1915 година и се протегал цели 600 км, од Егејското Море на исток до Јадранското Море на запад.

Повеќе објект отколку субјект во Големата војна, Македонија беше несреќното боиште на кое Европа се уништуваше самата себе. На Македонскиот фронт се судрија речиси еден милион војници од 20 нации групирани во десетина различни армии. На фронтот се издавале наредби на различни јазици, се вееле различни знамиња, се носеле различни униформи.

Но, за 200.000 војници на фронтот, единствената разлика била во униформата што ја носеле и во знамето под кое се бореле. Тие војници биле Македонците, кои со Букурешкиот договор се најдоа на различни страни од границите, а со почетокот на Војната биле присилно мобилизирани.

Ценети присутни,

Еден наш творец напиша дека минатото време никогаш не е толку минато за да не може да ја допира и сегашноста.

Ататурк, пак, рекол „мир во земјата – мир во светот". Тоа било во време на создавање на новите држави. Денес, кога во ерата на глобализацијата, државата се соочува со криза, важи обратното „мир во светот – мир во земјата". Мирот во секоја од земјите сè повеќе зависи од мирот во светот.

Тажно е што во 21 век, во годините прогласени за меѓународни години на мирот, нема мир во светот.

На Блискиот Исток и во Северна Африка, радикалните екстремисти ја уништуваат различноста негувана со векови. Европа повторно се соочува со ксенофобијата. Двојните стандарди го суспендираат меѓународното право и ги држат во заложништво меѓународните институции кои сè потешко ги исполнуваат функциите за кои беа создадени.

Со затегнатите односи меѓу Истокот и Западот, состојбата сè повеќе наликува на периодот на Студената војна. Цената за оваа состојба ја плаќа Европа, која го губи капацитетот да биде фактор на обединување.

Заедно со недовербата меѓу државите расте непредвидливоста во меѓународните односи.

Зошто се случува сево ова?

Според Хегел, од историјата учиме дека ништо не научивме од историјата. Но, исто така, забележуваме дека во услови на глобализација сè помалку се трудиме да научиме нешто од историјата.

Ни се одзеде слободното време, а без слободно време нема ниту читање книги, ниту размислување. Откажувањето од читањето и од размислувањето е декларација за духовен и интелектуален банкрот.

Тоа значи дека вие, историчарите и архиварите имате полни раце работа. Ве повикувам да ги отворите дефтерите, да ги препрочитате старите книги, да ги извадите на виделина старите сведоштва, и со тоа да ни помогнете да ја научиме лекцијата од минатото за да не ни се повторува постојано.

Со таа мисла, ви посакувам успешен симпозиум.

Ви благодарам.


simpozium3

  Back<<Назад