Почитувани присутни, Ценети колеги, Драги пријатели,
Благодарам за оваа можност да се обратам на третиот Глобален форум во Баку што ни овозможува отворен дијалог за некои од најважните теми на денешницата.
Кога зборуваме за Европската унија и за соседството неопходно е да се сетиме на вистинското значење на Унијата. Големиот наратив на Европската унија е дека непријателите стануваат пријатели, дека со отворањето на просторот се создаваат луѓе со отворен ум, подготвени за дијалог и меѓусебно разбирање и почитување. Европа треба да стане простор на мир, слобода и почитување на различноста, развој и просперитет за нашата и за идните генерации. Тоа е дел од визијата за европски мир – Pax Europeana.
Со политиката на проширување, Европската унија долго време беше светилник што го осветлуваше патот на државите од Источна и од Југоисточна Европа кон напредното европско семејство. Во оваа пригода сакам да потсетам на големите ветувања што ни беа дадени на визионерскиот самит во Солун во 2003 година: До 2014-та, на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, целиот Балкан да биде дел од Европската унија.
Слично на тоа, наративот на Европската политика кон соседството беше да ги надмине бариерите и да им помогне на европските соседи да ги достигнат европските стандарди и просперитет. Демократија, човекови права, владеење на правото, пазарна економија и одржлив развој, зголемена мобилност, комуникација и дијалог.
Источното партнерство е источната димензија на Европската политика кон соседството. Партнерството требаше да создаде услови за забрзување на политичката и економска интеграција меѓу Унијата и заинтересираните партнерски држави – Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Украина. Требаше да овозможи мирно решавање на конфликтите врз основа на принципите и нормите на меѓународното право и да помогне во градењето доверба и дијалог меѓу страните.
Крајната цел беше преку реформи да се помогне кон остварување на заедничките заложби за стабилност, безбедност и просперитет на Унијата, партнерските држави и на целиот европски континент.
Евромедитеранската унија, пак, требаше да ги унапредува економската интеграција и демократските реформи во земјите од Северна Африка и на Блискиот Исток. Да овозможи економски раст, создавање нови работни места и намалување на невработеноста. Целта беше Медитеранот да се претвори во простор на мир, демократија, соработка и просперитет. Неевропскиот дел од Медитеранот да биде Европа во сè освен во географијата.
Дами и господа,
Сите овие политики на Унијата, меѓу другото, имаат за цел да доведат до просперитет. Зборот просперитет доаѓа од латинскиот prosperitas, што во себе ги содржи зборовите надеж и успех. Денес, не е лесно да зборуваме ниту за надеж ниту за успех, а со тоа и за просперитет.
Да почнеме со политиката на проширување. Наместо ветувањата од Солун, во изминативе години имаме стагнација во проширувањето.
Веќе 10 години Република Македонија се наоѓа во чекалната на Европската унија, не затоа што не ги исполнува условите за почеток на преговорите, туку поради блокадите на јужниот сосед.
Одлагајќи го проширувањето, Европската унија како да ни ја одлага надежта. Одлагајќи ни ја надежта, Унијата нè демотивира и создава фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Како резултат на сето тоа, сега сме блокирани и поради последиците од наметнатата блокада.
Но, Македонија не е единствената што ги трпи последиците од одлагањето на проширувањето. Косово се соочува со масовни миграции, додека Босна и Херцеговина со нестабилност.
Европската политика кон соседството е сериозно разнишана.
Наместо очекувањата дека Источното партнерство ќе им помогне на партнерите да достигнат просперитет и да се приближат кон европските стандарди, денес имаме нов вооружен конфликт во Европа и состојба што нè потсетува на Студената војна.
Наместо зацртаните цели на Евромедитеранската унија за Медитеранот како простор на мир, демократија, соработка и просперитет, се случи Арапската пролет што ја втурна Северна Африка во нестабилност.
Јасно ни е дека Европската унија сè уште го бара своето вистинско место во меѓународниот поредок. Поради бавниот процес на носење одлуки и недостатокот од кохерентност, заедничката надворешна и безбедносна политика сè уште не го положи тестот на времето.
Тука со мене се колеги од регионот. Пред нас е следната дилема: Дали Европскиот совет сè повеќе наликува на претседателството на СФРЈ?
Ценети екселенции,
Глобалните закани се закани и за Европската унија. Сè што се случува во кризните жаришта се рефлектира врз Европа.
Секојдневно од земјите-членки на Унијата се регрутираат и се радикализираат нови странски терористички борци кои се борат на боиштата во кризните региони, кои не се далеку од нас.
Тука е и светската економска криза, поради која, Унијата се соочува со предизвици за стабилноста на еврозоната.
Свесни сме дека денес Европската унија, но и Европа воопшто, не е ниту воена, ниту економска суперсила. Но, таа е дефинитивно суперсила на животниот стил. Затоа, Европа е посакувана дестинација на милиони луѓе од незападниот свет.
Поради демографските предизвици со кои се соочуваат европските народи, европската економска конкурентност во светски рамки сè повеќе зависи од имигрантите, кои чинат сè поголем дел работоспособното население и стануваат двигател на европската економија. Најчесто, станува збор за луѓе со различна етничка, религиска, јазична и културна припадност.
Секоја европска држава сè повеќе ќе биде мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска. Затоа, неопходен е одржлив модел на интегрирање на бројните имигранти. Можеби, во сегашноста на мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска Македонија се наѕира иднината на Европа.
Да резимираме. Европската унија, која е мировен проект, добро функционира во услови на мир, но не толку добро во услови на кризи и на конфликти. Одговорот на дилемата за Европската унија и за соседството лежи во самата унија. Затоа, прашањето што треба прво да го одговориме е: Дали Европската унија има механизми да одговори на овие предизвици? Дали Европската унија може да продолжи да дава надеж за успех, и со тоа да биде двигател на просперитетот?
Ви благодарам.

|