
Почитувани граѓани на Република Македонија, Почитувани учесници во народноослободителната борба Ценети присутни, Дами и господа,
Утре, на 11 Октомври, Република Македонија прославува 73 години од почетокот на народното востание. Востание за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор. Денес, со почит се сеќаваме на сите борци и херои кои учествуваа во големата борба. Борци кои себеси се гледаа како продолжувачи на делото на илинденците за слободна и независна Македонија.
Годинава одбележуваме 111 години од Илинденското востание и 70 години од АСНОМ. Празнувајќи ги, се сеќаваме на моментите со кои се промени тогашната реалност, која сега е наше минато. Минато, од кое учиме за да ја планираме нашата иднина.
Почитувани присутни,
Долго време, Македонија беше несреќното поле на кое странските пропаганди го сееја семето на раздорот и кавгите. Не отуѓуваа од нашите сонародници и браќа земјаци. Пропагандите ширеа меѓу нас сомнеж во способноста сами да се ослободиме, да опстанеме и да напредуваме.
Долго време страдавме поради таа ропска несигурност и наметнат раздор. Долго време како народ бевме орудие за поткусурување на нечии туѓи сметки, влегувавме во туѓи игри за туѓи интереси и апетити. Дозволивме да бидеме разединети, и да работиме, како што вели Кочо Рацин, за туѓи бели дворови.
Последиците од тоа ги знаеме. Балканските војни ги дочекаме меѓусебно раскарани. Првата светска војна ја дочекавме меѓусебно поделени. Пропуштивме многу можности за слобода и за државност на Македонија.
Но, ја научивме лекцијата, и не дозволивме да ни се повтори минатото.
Уште во 1918 година „Женевското друштво за независна Македонија", раководено од д-р Анастас Коцарев ги повикува „сите Македонци без разлика на верата и народноста да заборават на поранешните омрази и лични расправии и да создадат цврсто јадро за единство и независност на Македонија..."
Се роди свеста дека силата е во сплотеноста. Македонските здруженија во татковината и надвор од неа почнаа да се окрупнуваат, македонските интелектуалци да се собираат, македонските студенти да се поврзуваат и заеднички да настапуваат. Сите македонски друштва во Швајцарија по 1918 година се обединуваат во „Генерален совет на македонските друштва во Женева". Во нивниот апел до цивилизираниот свет од јуни 1919 година се вели: „Ние Македонците бараме ова неприкосновено право (на самоопределување) да се почитува, кога ќе стане збор за Македонија. Македонскиот народ ги има неопходните и потребните способности за самоуправа, бидејќи тој не е аморфна маса, ниту несвесна заедница..."
Апелот наиде на одѕив меѓу пријателите на Македонија.
Првата светска војна заврши со Париската мировна конференција на која се одлучуваше и за судбината на Македонија. На 33 седница на Комитетот за нови држави одржана на 15 јули 1919 година, владата на Италија го отвори прашањето за автономија на Македонија. Автономија во носењето закони за јазикот, образованието, верата, локалната самоуправа. Автономија која подразбирала власт од народот за народот.
На Конференција, за жал, ни беше ускратена државноста, бидејќи таму се одлучуваше за нас без нас. Сепак, и таму имавме пријатели кои не поддржуваа. Пријатели кои го слушнаа гласот на единството кој бараше благородните принципи на човечкото право да бидат применети и во случајот со Македонија.
Од горкиот пораз во Париз, излеговме со трошка надеж дека поради единството ќе не чујат. Слободата ни беше на дофат, но Македонецот сеуште не беше целосно слободен во душата. Сепак, времето полека но сигурно се наближуваше.
Истата таа, 1919-та година, Ѓорче Петров, во беседата за Гоце Делчев рече:
„Гоце беше фанатичен поддржувач на максимата дека ропството се должи, пред се, на самиот роб и се крепи од него повеќе отколку од мачителот и дека кога ќе престане робот во душата да биде таков, ропството исчезнува само по себеси. Неговите надежи беа да ја види цела Македонија пламната во бунтовнички жар, секоја долинка, секој камен, сите дабови, секоја куќа претворена во борбена заседа. Секој роб поединечно и во групи да влезе во борба со секој враг кој ќе го види пред себе, како белег на ропството."
Во 1941 година, кога злото на фашизмот и нацизмот се надвисна над Европа, Македонија за четврти пат во триесет години беше окупирана, поделена и поробена.
Но, не дозволивме да ни се повтори минатото. Луѓето учеа од сопствените грешки и од грешките на претходните генерации кои ги пропуштија можностите за државност.
За разлика од минатото, кога бевме разединети и раскарани поради туѓите претстави за Македонија, Втората светска војна ја дочекавме обединети во духот и единствени во целта. Не обедини борбата за човечки слободи и правдини на сите чеда на Македонија. „Ропството Македонецот ќе го прекине тогаш кога тој ќе прекине да биде роб во душата" рече Делчев. И токму прилепскиот партизански одред што го носеше името на Гоце Делчев, на 11 октомври 1941-та, стави крај на ропството.
На 11 октомври, македонскиот народ се охрабри и востана против надворешниот поробувач, но и против робот во него самиот. На 11 октомври, стремејќи се кон слобода, македонскиот народ започна решителна борба против окупаторот. Тоа е славен ден кога Македонецот престана да биде роб во душата. На тој ден Македонија конечно го сруши ропското во својата свест. Во тоа се состои величественоста на овој ден, од кој учиме како, со верба во себе, да ја освоиме слободата. Независно кога почнале првите борбени акции, 11 октомври остана како симбол на крајот на ропската свест и симбол за освојување на слободата. Тоа е суштината на 11 Октомври.
Следеа тешки борби, хероизам и самопожртвуваност на борците од народноослободителната и антифашистичка борба. Борба со која оживеаја револуционерните традиции на Илинден. Борба во која се препородивме како народ и се почувствуваме способни да си ја земеме судбината во сопствените раце.
Сенародното вооружено востание, како дел од големата антифашистичка коалиција, не донесе до државотворниот АСНОМ, на кој народот стана творец на својата иднина.
Почитувани сограѓани,
Учесниците на Првото заседание на АСНОМ се основоположниците на македонската државност.
Денес го одликував последниот жив учесник на АСНОМ и еден од татковците на Македонија, првоборецот Петар Иваноски – Тиквар. Тој е последниот од 60-мината кои пред 70 години го создадоа она што денес го имаме.
Народното востание беше можно, пред се, поради единството во храброста на борците во народноослободителната и антифашистичка борба.
АСНОМ беше остварлив, пред се, поради единството во државотворниот дух на основоположниците на Македонија и исполнувањето на заветот на Илинденците. Завет искажан од Димо Хаџи Димов, дека Македонија, која го имала својот прв Илинден, ќе го има и својот втор Илинден.
Поради тоа единство, денес имаме своја држава, во која сме свои на своето, во која сами носиме одлуки за нашата сегашност и нашата иднина. Поради тоа единство, денес нашите деца слободно и без страв зборуваат, пишуваат и творат на Македонски јазик. Поради тоа единство, денес ги уживаме основните гарантирани граѓански права и слободи.
Но, иако ветени, тие права не беа целосно дадени. Многумина од оние кои останаа верни на слободарскиот дух на народноослободителната борба и државотворниот дух на АСНОМ подоцна беа потиснати, обесправени, заборавени. Меѓу нив беа Андонов-Ченто, Брашнаров и Шатев, Полежиновски и Чучков, Шаторов-Шарло и Пирузе-Мајски, Фотев, Аголи, Соколов и многу други знајни и незнајни родољуби.
Целосната слобода беше потисната се до 8 Септември 1991 година, меѓу народот прифатен и како наш трет Илинден.
Драги сограѓани,
Годините на независност се години на себеспознавање и саморефлексија. Мора да се соочиме со самите себе. Со сите успеси но и со сите предизвици и слабости.
Имаме сопствена држава со сопствена Армија која ја гарантира нашата безбедност и безбедноста на нашите деца. Имаме брзо растечка економија и поволна бизнис клима за странски инвестиции. Препознатливи сме во светот по нашиот македонски модел на соживот и почитување на различноста. Водиме мирољубива политика и сакаме најдобри можни односи со сите наши соседи. Имаме бројни пријатели и партнери кои не поддржуваат на нашиот европски и евроатлантски пат. Имаме јасна цел за тоа каде природно припаѓаме и каде ја гледаме нашата иднина.
Но, мора да бидеме свесни дека сите премрежија од минатото не останаа само во минатото. Наследивме и предизвици со кои сеуште се соочуваме, но и визии и стремежи кои сеуште не се остварени.
Во текот на независноста, се соочивме со многу тешки моменти и одлуки. Со двојни стандарди и неправедни блокади. Но, и покрај се, не се обесхрабривме.
Секојдневно ги чувствуваме последиците од оние кои го негираат македонскиот јазик и идентитет. Но, ние знаеме кои сме, што сме и што сакаме. Проблем немаме ние, туку оние кои не ја прифаќаат и признаваат реалноста.
Сеуште сме блокирани на нашиот европски и евроатлантски пат. Но, и покрај се, не се откажуваме. Остануваме доследни на преземените обврски и задачи, кои со континуирани реформи ќе продолжиме да ги остваруваме, за доброто на македонските граѓани. Но, е обврска не само на државата, туку и на сите сегменти на македонското општество. Само сплотени ќе ги оствариме нашите стратегиски цели за европска и евроатлантска Република Македонија.
Ценети присутни,
Предизвици сме имале и ќе имаме. Но не треба да се обесхрабруваме, бидејќи најтешкото е веќе зад нас. Најтешкиот пат го започнаа нашите храбри борци и херои, кога на 11 октомври собраа сила, се впуштија во борба, ставија крај на ропската свест и извојуваа слобода. Најтешкиот пат го минаа учесниците на АСНОМ кои ги удрија темелите на нашата Македонска држава.
Овие светли празници не потсетуваат дека кога станува збор за националните интереси и стратегиските цели, треба да бидеме сложни и единствени, онака како што беа сложни и единствени борците и учесниците на АСНОМ.
Меѓу нив имаше стари Илинденци и млади борци. Доаѓаа од различни краишта на Македонија. Имаа различна етничка припадност. Припаѓаа на различни социјални слоеви и имаа различни идеолошки сфаќања. Но и покрај сите разлики, едно нешто ги обединуваше, а тоа е стремежот за слобода на Македонија.
И денес, имаме многу различни идеи, погледи и политички партии. Во тоа се состои и богатството на демократијата. Но, имаме само една држава – Република Македонија.
Никој нема да ја чува Македонија ако ние не ја чуваме. Никој нема да ја гради Македонија ако ние не ја градиме. Никој нема да ја почитува Македонија ако ние не ја почитуваме.
Затоа, да не дозволиме да не занесува секој ветар на лагите, заблудите и лукавството. Мора да бидеме свесни за вистината. Да ги отфрлиме лажните претстави за Македонија создавани за туѓи потреби и туѓи интереси.
Иако сме различни, сепак во државата треба да сме единствени. Државата сме сите ние – и власта и опозицијата, и младите и старите, и работниците и пензионерите, и студентите и професорите. Државата сме сите ние, и Македонците и Албанците, и Власите и Турците, Србите, Ромите и Бошњаците, Христијаните, Муслиманите, Евреите и атеистите. Сите ние сме државата, која ја наследивме од нашите предци, и која сме должни безбедно да им ја предадеме на нашите потомци.
Драги пријатели,
И денес, за жал, можеме да се увериме со што се се соочуваат народите кои немаат сопствена држава. Во нивната тажна сегашност го препознаваме нашето мачно минато. И, благодарни сме што имаме држава. Благодарни сме им на сите оние кои ги дадоа своите животи за да бидеме свои на своето, за да имаме наша држава. Наша сопствена држава – Република Македонија.
Секое време има свои можности и предизвици. И радосни и тажни моменти. Но, успеваат оние кои се свесни за реалноста и се прилагодуваат кон промените во светот во кој живееме.
Затоа ни се потребни успешни поединци во секое поле. Во образованието и науката, во економијата и претприемништвото, во иновациите и технологиите, во културата и спортот. Во секоја сфера на нашето живеење. Потребни ни се успешни млади луѓе кои со самодоверба ќе водат нови успешни битки за освојување на нови можности, нови пазари, нови признанија за Македонија. Како претседател секогаш ќе ги поддржувам идеите и делата кои се за добро на Република Македонија. Кои се за ваше добро, за доброто на сите македонски граѓани.
Отсега па натаму е многу полесно бидејќи сме свои на своето. Благодарни на нашите Илинденци и борци, храбро и достоинствено се соочуваме со предизвиците. Со тоа, нашата генерација создава услови за идните генерации да продолжат да ги реализираат сите до сега неостварени стремежи.
Нека ни е вечен Денот на народното востание против фашизмот! Нека ни е вечна слободата! Да живее Република Македонија!

|