Обраќање на претседателот Иванов на Форумот Кран Монтана
Петок, 17 Октомври 2014   

zeneva01Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува чест да се обратам на тема која не засега сите нас подеднакво. Додека зборуваме овде, стотици илјади луѓе во кризните жаришта се прогонети поради нивната религија. Нивните домови се опустошени, нивните светилишта се уништени, нивното минато е избришано, а нивната иднина е доведена во прашање.

Нивната тажна сегашност не потсетува на мачното минато на Балканот. Денешната сесија посветена на Балканот се одржува на симболичен ден, од кој можеме да извлечеме две многу важни лекции за корените на проблемот но и за можните решенија на истиот.

Честопати велам дека тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира и создава непријатели. Меѓурелигиските конфликти се резултат на отсуство на комуникација и дијалог. Од нив произлегуваат предрасудите, исклучивоста, омразата и нетрпеливоста кон различните.
Еднаш посеано, семето на омразата кон различноста расне во коров што брзо се проширува и многу тешко се искоренува. На Балканот тоа многу добро го знаеме.

На денешен ден, 17 октомври, пред 102 години, започна Првата балканска војна. Како што Балканските војни од 1912 и 1913 беа крвава предигра за Првата светска војна, така воените конфликти во поранешна Југославија во 1990-те значеа крваво финале на Студената војна.

Од тогаш државите од регионот се посветија на дијалогот, помирувањето и меѓусебната соработка. Почнавме заедно да чекориме кон членството во Европската унија и НАТО, и да ја градиме заедничката европска иднина за нашите граѓани.

И токму кога раните од меѓуетничките и меѓурелигиските конфликти во нашиот регион почнаа полека да зараснуваат, кога мирот, безбедноста и стабилноста полека почнаа да се прошируваат, државите од Балканот се соочуваат со нова сериозна закана која може да го разниша сето она што до сега беше изградено.

zeneva02Ценети екселенции,

Балканот е европска порта кон Медитеранот. Функцијата на секоја порта е да биде отворена за добронамерниците и затворена за оние кои не мислат добро. Низ оваа европска порта, за жал, се почесто се протнуваат и странски терористички борци кои се упатуваат кон кризните жаришта. Тоа е предизвик за сите балкански држави од кои секојдневно се регрутираат и радикализираат нови странски терористички борци и нивни поддржувачи.

Имаме одговорност кон сопствените граѓани, но и одговорност кон Европа кон која се стремиме. За тоа зборуваат и неодамнешните извештаи на Европската комисија за напредокот на државите-кандидати. Европската унија очекува од држави во регионот да преземат соодветни мерки за спречување на радикализацијата и справување со феноменот на странските терористички борци.

За да одговориме на оваа закана, неопходни се неколку чекори, за кои неодамна зборував и во Советот за безбедност на Обединетите нации.

Прво, потребно ни е ширење на зоната на мирот, безбедноста и стабилноста во нашиот регион. За нас, тоа значи забрзано проширување на НАТО.

Второ, неопходно е почитување на меѓународното право што ќе овозможи поголема предвидливост во меѓународните односи. Република Македонија предолго го чека заслуженото членство во Алијансата, и тоа поради непочитувањето на резолуциите на Обединетите нации, непочитување на меѓународно превземени обврски и на Пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Трето, забрзана интеграција на Република Македонија и другите балкански држави во Европската унија. Одлагајќи го проширувањето, Европската унија си создава проблем на сопствената територија.

Четврто, се појасна е неопходноста од интензивна соработка и размена на информации меѓу земјите од Западен Балкан со цел утврдување и проценка на безбедносните закани и оперативна координација. Потребна ни е соработка за рано предупредување, превенција и координација на активностите меѓу полициските и службите за разузнавање.

Петто, за глобални предизвици неопходен е глобален одговор.

Глобалните и регионалните механизми треба да се фокусираат на програми за контрарадикализација и дерадикализација. Целта би била да им се затвори портата за сите оние кои сакаат да ги инфицираат нашите општества со погубните идеологии.

Кога зборуваме за идеологија, мислиме на светоглед, сфаќање на светот околу нас и нашето место и улога во него. Во тоа се состои главниот проблем. Сите идеологии што потхрануваат омраза, подразбира свет во кој екстремистите се обединети во намерата да ја искоренат различноста.

Наспроти тоа е светот што ние го градиме, а тоа е свет во кој има дијалог, почитување и прифаќање на различноста.

Дами и господа,

Реков дека денешниот ден е симболичен бидејќи пред 102 години започна Првата балканска војна. Само 2 години претходно, во Скопје, во Македонија, се роди Мајка Тереза. Во радиус од 100-тина метри од нејзината родна куќа, имало католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија.

Таа во Македонија научи да го живее единството во различноста. Македонскиот модел на соживот и почитување на различноста придонесе Мајка Тереза да прерасне во мајката на 20 век која на денешен ден пред 35 години ја доби Нобеловата награда за мир.

Во тоа се состои и решението што го нудиме. Водени од нашата традиција на почитување на различноста, во 2003 година го инициравме Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите. Само две години подоцна, преку дијалог, Шпанија и Турција ја иницираа Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

Ние, Република Македонија, работима активно за наредната 2015 година повторно на сцената да го вратиме Дијалогот на цивилизациите што ќе биде целосно посветен на младите.

Сите држави во регионот кои се надвор од ЕУ и НАТО не можеме сами да одговориме на овие предизвици. Имаме ограничени капацитети. Затоа ни се потребни партнери, со кои можеме да изградиме капацитет и да се спротивставиме на насилниот екстремизам и радикализмот.

Можеме и мораме да им го одземеме на екстремистичките групи оној ресурс што им е најпотребен – нови регрути.

Со почитување на различноста да ја надградиме традицијата на толеранција кон различноста. Бидејќи, честопати, се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака.

Од овде, ги повикувам лидерите од сите општествени сфери да се вклучат поактивно во иницијативата каква што е Алијансата на цивилизациите. Верувам, убеден сум дека најдобрата превентива против секој облик на насилен екстремизам и радикализам е токму афирмацијата на филозофијата на почит кон различностите.

Ги повикувам лидерите да инвестираат во младите. Неопходно е да ги едуцираме младите во сите мултиетнички и мултирелигиски општества за важноста од дијалогот, кој подразбира почитување и прифаќање на различноста.

Ви благодарам.

zeneva03

  Back<<Назад