Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Чест ми е да ви се обратам и да ве поздравам на овој научен собир посветен на Македонско-словачките книжевни, културни и јазични врски.
Се вели дека минатото време никогаш не е толку минато за да не може да ја допира и сегашноста. Тоа, секако, се однесува и на пријателските односи меѓу Република Македонија и Словачката Република чии корени допираат до моравската мисија на сесловенските светители и просветители, светите Кирил и Методиј.
Сите ние го знаеме поводот за моравската мисија. Византиското царство и Моравското кнежество имале заеднички интерес. Моќната Византија сакала да гради сојузи со словенските држави, додека словенска Моравија настојувала да ја зачува и да ја зацврсти својата независност. Затоа, моравскиот кнез Ростислав побарал од византискиот цар Михаил III да му прати мисионери кои ќе го шират христијанството на словенски јазик. Свесен дека патот до заедничка вера, а со тоа и сојузот, води преку јазикот, царот им ја доверил оваа важна мисија на Константин Филозоф-Кирил и неговиот брат Методиј.
Ценети присутни,
Се чини дека двајцата солунски браќа имале своја солунска агенда, која по својата визија ги надминувала интересите на Византија и Моравија.
Врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун, меѓу кои и племињата на Драговитите, Сагудатите и Ринхините, солунските браќа ја составиле првата словенска азбука – глаголицата. Старословенскиот јазик го трансформирале во првиот пишан јазик на словенските земји. А со јазичниот клуч што го исковале, тие го отвориле срцето на народите, за да можат да ја прифатат светлината на знаењето и на верата.
Она што се случи ја промени историјата на Европа и на светот. Еден по еден почнаа да паѓаат бројните ѕидови што го делеа европскиот простор.
Прво падна образовниот ѕид што ги разделуваше народите со писменост од народите кои до тогаш сè уште беа без писмо. Во Охрид беше основан првиот словенски универзитет во Европа чии ученици станаа учители на словенскиот свет.
Второ, падна духовниот ѕид, што ги делеше христијаните и паганите, и го отвори европскиот простор за ширење на Евангелието на разбирлив, мајчин јазик.
Трето, падна културниот ѕид што ги делеше цивилизираните народи на империите од оние кои до тогаш биле сметани за варвари. Кирил и Методиј им овозможија на словенските народи сами да ја пишуваат својата автентична приказна на страниците од светската историја.
Четврто, падна комуникацискиот ѕид. Со старословенскиот јазик, Кирил и Методиј ни оставија комуникациски код што поврзува не само генерации, туку и цели народи и држави, вклучително и Македонија и Словачка.
И покрај сите предизвици, закани и прогони со кои се соочувале, Кирил и Методиј успеале да ги интегрираат словенските народи од Централна, Источна и Југоисточна Европа во поширокиот духовен, културен и образовен европски простор.
Со нивното дело Кирил и Методиј придонесоа кон втемелувањето на визијата за Европа обединета во различноста. И во сè што правеа, тие ги рушеа ѕидовите и го отвораа просторот.
Солунската агенда на светите Кирил и Методиј беше остварена, иако признанието дојде по повеќе од 1000 години. Во 1980 година во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS, папата Јован Павле II ги прогласи за копокровители и патрони на Европа.
Ценети присутни,
1140 години по солунската агенда на светите Кирил и Методиј, Европската унија излезе со своја солунска агенда. Балканските држави со воодушевување го пречекаа визионерскиот самит во Солун во 2003 година. На самитот беше истакната намерата до 2014, до 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, целиот Балкан да биде дел од Европската унија.
Сепак, реалноста во Европа денес сигурно не е онаква каква што ја замислувале нејзините визионери и лидери, ниту како што ја посакуваат земјите-членки и земјите-кандидати.
Се случи светската економска криза која предизвика домино-ефект што ги разниша клучните европски политики. Последиците од тоа се чувствуваат и на европско, но и на регионално и национално ниво.
Наместо исполнување на заветот на Куденхов Калерги за праведно решение за прашањето на европските граници преку нивно укинување, сведоци сме за обратното. Проблемот со бегалците од Медитеранот и од Блискиот Исток придонесе кон тоа нецели 30 години по падот на Берлинскиот ѕид, Европа да почне да гради нови ѕидови.
Физичките ѕидови што сега никнуваат низ Европа произлегуваат од менталните ѕидови – предрасудите, ксенофобијата и стравот од различноста. Како Европа да заборава дека демократијата не е само правото да се биде рамноправен, туку и правото да се биде различен.
Затворајќи се сама во себе и претворајќи се во тврдина, Европа како да си ги поткопува сопствените темели. Ниту една држава, па дури ни Република Македонија, не е имуна на овие процеси.
Ветувањето од Солун не само што не е исполнето, туку и политиката на проширување се соочува со стагнација. Цели 10 години, Република Македонија не е на агендата за проширување на Европскиот совет поради блокадата од јужниот сосед. Блокадата доведе до тоа за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна од претходната.
Дами и господа,
Иако во Република Македонија нема физички ѕидови, за жал, има ментални ѕидови и ровови во кои секојдневно се води политичката битка. Македонските граѓани со вознемиреност гледаат како со секоја наредна политичка криза менталните ѕидови се надградуваат, а политичките ровови се продлабочуваат. А од високите ѕидови и од длабоките ровови сè потешко е да се види човечкото лице на политичкиот противник.
Одговорноста не е само на Унијата, туку и на секоја земја-членка и на секоја земја-кандидат за членство, вклучително и Македонија.
Како што европското лидерство треба храбро да го отвори просторот и да ја интегрира цела Европа во Европската унија, така и македонските лидери мора да ги срушат менталните ѕидови и да ги затрупаат менталните ровови.
Во вакви сложени услови, лидерите на политичките партии во Република Македонија мора што поскоро, преку дијалог, да дојдат до решение со кое ќе се надмине оваа политичка криза.
Верувам дека треба да се угледаме на храброста и на солидарноста на светите Кирил и Методиј, и да останеме доследни на нивното најголемо постигнување – рушење на ѕидовите, отворање на просторот и поврзување меѓу луѓето и народите, со заемна почит и прифаќање на различноста.
Ви благодарам.

|