Обраќање по повод свеченото отворање на 55. издание на фестивалот „Охридско лето“
Недела, 12 Јули 2015   

OHletootvoranjeПочитувани вљубеници во уметноста,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Од мугрите на историјата, уметноста е како огледало што нè потсетува на две големи вистини. Првата е дека сме создадени со потребата и сами да создаваме. Затоа и најсреќни сме во моментите кога ги изразуваме најдлабоките дарби кои нè чинат она што сме, со сета наша различност и неповторливост. Втората вистина е дека, споделувајќи ги плодовите на нашите дарби, ние придонесуваме кон градењето подобар свет за идните поколенија.

Сепак, во периоди кога минува низ големи трансформации, човештвото како да заборава да погледне во огледалото на уметноста. Растргнати сме меѓу безбројните избори и можности што ги нуди технологијата, без да знаеме на што точно да се посветиме. Се чини дека светот никогаш порано не бил толку материјално богат, а истовремено толку духовно сиромашен.

Но, не губиме надеж, бидејќи, како што велат мудрите, убавината е таа што ќе го спаси светот. Човекот повторно ќе се огледа во неа и ќе се потсети на она што го дефинира, а тоа е да создава и да споделува уметност.

Република Македонија е навистина среќна што веќе 55 години фестивалот „Охридско лето" е огледало што нè збогатува духовно. Нè збогатува со оние музички, сценски и ликовни дела кои, премостувајќи ги бариерите на просторот и времето, преку изведбите на врвните македонски, европски и светски уметници допираат и до нас.

Со таа мисла, го прогласувам годинешниот јубилеен фестивал „Охридско лето" за отворен!

  Back<<Назад