Обраќање на претседателот Иванов по повод доделувањето на Повелбата на Република Македонија за Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“
Петок, 12 Јуни 2015   

prilep01Почитувани присутни,
Драги сограѓани,

Денес Прилеп и тагува и се радува. Тагува, бидејќи еден од неговите големи синови, Благоја Спиркоски – Џумерко, замина во вечноста. Се радува бидејќи споменот за Џумерко продолжува да живее и преку Прилепскиот народен театар и преку Македонскиот театарски фестивал.

Верувам дека нема посоодветен начин Прилеп и Македонија да се збогуваат од големиот актер отколку со тоа што ќе ѝ посакаат добредојде на неговата голема љубов ‒ театарот.

Почитувани присутни,

И покрај сите искушенија на кои нè наведуваат масовните медиуми и социјалните мрежи, кои како да ни ги скратуваат и времето и трпението, сепак, му останавме верни на театарот. За тоа има барем две причини.

Годинава славиме двоен јубилеј. 140 години од раѓањето на таткото на македонската драматургија – Војдан Чернодрински и 50 години од почетокот на Македонскиот театарски фестивал што го носи неговото име.

Во текот на 50 години и 417 фестивалски деноноќија биле изведени 663 претстави, и класични и современи, и странски и македонски. Како природен простор за македонското драмско творештво, фестивалот го одржува заветот на Чернодрински.

Сето тоа е дело на бројните драматурзи, режисери, продуценти и, секако, актери кои го оживуваат зборот на сцената. За тоа се заслужни и драмските критичари, но и помалку видливите, но никако помалку важни мајстори на својот занает без чија посветеност ниту една претстава нема да допре до срцата на луѓето, а тоа се сценографите, костимографите, шминкерите, мајсторите на светло и звук...

Втората причина поради која половина век му останавме верни на Македонскиот театарски фестивал е бидејќи низ репертоарот секогаш одново успева да адресира важни теми и да испрати значајни пораки.

Во време кога Република Македонија минува низ политичка и општествена драма, една порака е особено важна за сите нас. А тoа е потребата од дијалог на политичката сцена и враќање на меѓусебната доверба во македонското општество.

Театарот има улога на корективно огледало што искрено ги покажува нештата какви што се, но и какви можат да бидат. Низ драмските заплети и расплети, театарот храбро ни укажува на можните причини и последици од нашите одлуки.

Затоа, ми претставува чест како Претседател на Република Македонија со оваа Повелба да ја изразам нашата благодарност кон Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински". Благодарност бидејќи со својата искреност не престанува да биде истовремено и сол на раната и мевлем за душата на македонското општество.

Ви благодарам.

prilep02

  Back<<Назад