Новости
alt
Средба со албанскиот претседател Топи за време на УНЕСКО самитот во Србија
Петок, 02 Септември 2011

Во рамки на 9-иот Самит на претседатели на земји од Југо-источна Европа, чиј домаќин оваа година е Србија, претседателот Иванов оствари билатерална средба со неговиот албански колега Бамир Топи. Водечка констатација и на двајцата претседатели беше дека двете земји негуваат одлични односи, засновани на заемно помагање и конструктивност.

Претседателот на Република Албанија Топи изрази силна поддршка за зачленувањето на Македонија во НАТО, како и подготвеност за соработка на патот на евроинтеграцијата, што е цел на двете соседни земји.

Претседателите Иванов и Топи го реафирмираа заклучокот од Охридскиот самит во јули годинава, на кој учествуваа Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, а тое е да продолжат да се охрабруваат владите на двете земји да ги максимализираат напорите за реализација на заеднички проекти во инфраструктурата, енергетиката и еко-системите.

Во однос на претстојниот попис на населението, што наесен ќе биде спроведен во Албанија, албанскиот претседател Топи истакна дека земјата ги гарантира правата на сите поединци за слободно изразување на волјата и националната припадност, укажувајќи дека нема простор за загриженост и дека тој нема да дозволи никаква форма на притисок.

Претседателот на Албанија ја прифати поканата напролет да дојде во возвратна официјална посета на Македонија. Претседателот Ѓорге Иванов беше официјално во Тирана во март оваа година.
 

alt
Учество на Деветтиот УНЕСКО регионален самит на шефови на држави од Југоисточна Европа
Четврток, 01 Септември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денес (1 септември 2011 година, четврток) ја почнува посетата на Република Србија, каде ќе учествува на Деветтиот УНЕСКО регионален самит на шефови на држави од Југоисточна Европа.

Претседателот Иванов, денес, во попладневните часови ќе оствари средба со претставници од Македонското национално малцинство во Србија и ќе оствари билатерална средба со домаќинот на Самитот, претседателот на Република Србија, Борис Тадиќ.

Обраќањето на претседателот Иванов на пленарната сесија на Деветтиот УНЕСКО регионален самит е предвидено за утре (2 септември 2011 година, петок), додека на маргините на дводневниот самит, претседателот Иванов ќе оствари средби со претседателот на Република Албанија, Бамир Топи, со комесарот на Европската унија за образование, култура, повеќејазичност и млади, Андрула Василиу, и со други учесници на Самитот.

alt
Претседателот Иванов на првиот училишен час во ОУ „Гоце Делчев“
Четврток, 01 Септември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов со својот син Иван денеска присуствуваа на првиот училишен час и на пригодната свеченост во ОУ ,,Гоце Делчев’’ во Скопје по повод започнувањето на новата учебна година.

Претседателот Иванов им посака многу успех и потрага по нови знаења на сите првачиња во Република Македонија. Со овој прв ден почнува потрагата по знаење, знаење кое никогаш не завршува. Целиот живот ќе имате потрага по нови и нови знаења, но она што ќе го научите во основното училиште ќе биде вашиот живот затоа што првите чекори се на изворот каде е водата најбистра, а вие сте сега во оној момент кога ќе ја пиете најбистрата вода, кога ќе ги учите бројките и буквите, кога ќе учите за Македонија и дека вие сте тие што еден ден ќе ја водат државата, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов, посакувајќи им на сите ученици успешна учебна година, многу петки, безгрижни училишни денови рече дека денешното присуство во ОУ ,,Гоце Делчев’’ му причинува посебно задоволство бидејќи раѓа драги спомени на времињата кога не така одамна токму во ова училиште учеше неговиот син Иван. Имајќи предвид дека како родител често го посетував ова училиште можам да потврдам дека навистина имате можност да се образувате во навистина квалитетно училиште со извонреден наставнички колектив кое со право го носи името на големиот македонски револуционер и деец и самиот учител Гоце Делчев, порача Претседателот Иванов.

Првачињата на првиот училишен ден беа пречекани со пригодна приредба подготвена од учениците од повисоките одделенија од ОУ ,,Гоце Делчев’’ во Скопје.

alt
Ни требаат храбри млади луѓе кои ќе го отворат патот - Претседателот Иванов им врачи сертификати на учесниците на втората Школа за млади лидери
Вторник, 30 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вечерва на свечена церемонија им ги врачи сертификатите на учесниците во втората Школа за млади лидери, што под негово покровителство се одржа во Охрид.

„Живееме во време со многу предизвици. Ни требаат луѓе не само што ќе имаат знаење, туку и ќе имаат храброст, затоа што храброста е она што ја носи среќата. Не може човек да е среќен ако не е храбар. Сите сте поминале низ различни облици на образование, различни универзитети, сите имате животно искуство, но се надевам дека она што тука го стекнавте ќе изврши некоја промена врз вас и врз оние околу вас,“ истакна Претседателот Иванов обраќајќи им се на присутните на свеченоста, меѓу кои беа и професорите од Оксфорд, Ричард Грејсон и Кристијан Хофреитер, како и поранешниот министер за надворешни работи на Унгарија, Петер Балаш.

Претседателот на младите лидери им порача дека по напорните денови поминати во стекнување нови знаења, вештини и пријателства, треба да се употреби и знаењето и умеењето, притоа нагласувајќи дека сертификатите што им ги врачи ќе ги потсетуваат на убавите моменти, но и ќе им послужат во нивниот иден проифесионален ангажман и во животот воопшто.

„Се надеваме дека ви отворивме една поинаква перспектива, поинаку да го гледате и светот и Македонија. Дека ви овозможивме да ги осознаете предизвиците на времето во кое живееме и што значи да се биде водач во вакво време. Сфативте што значи тоа како група да нудите решение, но и да создадете група што ќе понуди решение за некој предизвик,“ нагласи претседателот Иванов.

Тој исто така укажа на потребата од луѓе, лидери во сите области на живеењето - „Не само луѓе во политиката, потребни ни се лидери и во образованието, во културата, во уметноста и во спортот, насекаде. Ни требаат оние храбри луѓе кои ќе предводат и кои ќе го отворат патот. Луѓе кои ќе ги имаат сите вредности, што вие ги совладувавте во текот на оваа краткотрајна обука, од која на крајот ќе сфатите дека желбата за моќ доаѓа и си оди, тоа е минливо, но вистината и праведливоста се вечни и остануваат. Потрагата по вистината и по праведливоста е она што ќе ве принудува во животот да правите добри дела. Доколку по оваа обука успеете да донесете радост макар на еден човек, оваа мисија е успешна. Македонија заслужува вакви лидери, и ние сме горди што успеавме да придонесеме да бидете уште подобри. Младите луѓе го менуваат светот, ние сме тука само да им го покажеме патот,“ додаде претседателот Иванов.

Четириесетина млади луѓе од Македонија имаа можност во текот на изминатите десет дена да слушаат предавања, да разменат мислења и да дискутираат со околу 30 предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, политичари и парламентарци од европски земји, претседатели на успешни компании и бизнис-групации.

За Весна Попоска, која беше дел од групата млади лидери што ја посетуваа Школата, добивањето на сертификатот го означува завршувањето на многу тежок, интензивен процес на десетдневна обука од врвен карактер, но и непроценливо животно искуство.

„Имавме можност да слушнеме дел од најдобрите светски лидери, кои беа тука не само да нè научат, туку и да нè инспирираат и мотивираат. За мене беше одлична можност да увидам дека во Македонија има потенцијал, многу млади луѓе кои можат да преземат водство,“ изјави Попоска споделувајќи ги своите искуства и впечатоци од школата. Таа нагласи дека во текот на обуката приизлегле и конкретни иницијативи, проекти за кои искрено верува дека барем дел од нив ќе бидат реализирани.

„Преку совети и впечатливи лекции се здобивме со силни знаења и животни искуства од бизнис-секторот од цела Европа. Тие искуства треба да ги спроведеме целосно во комапниите, администрацијата и невладиниот сектор од кои доаѓаме, а истовремено да бидеме пример за нашите пријатели, нашите семејства. Секој од нас треба да биде пример за лидерство. Да бидеме лидери без титула, затоа што лидери со титула се определени личности, а лидери без титула сме сите ние,“ рече Борче Илиоски, еден од овогодинешните учесници. 

alt
Претседателот Иванов ги одликуваше Струшките вечери на поезијата со Орден за заслуги за Македонија
Среда, 24 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на свечена церемонија во Вилата Билјана во Охрид, го додели Орденот за заслуги  за Македонија на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, и тоа токму во годината кога се одбележува јубилејното педесетто издание.

„Се работи за извонредно значаен и голем јубилеј, 50 години постоење на, несомнено, еден од најпрестижните македонски културни брендови. На Струшките вечери на поезијата пет десетлетија посветено се промовираат поезијата и литературата, се слави магијата и убавината на зборот, повторно и повторно вдахнувајќи му енергија и смисла на јазикот,“ нагласи претседателот Иванов во своето обраќање пред присутните.

Основана во 1962 година со серија читања на група македонски поети во чест на браќата Миладиновци, веќе во неколку години прераснува во интернационален поетски настан, на кој се доделува престижната награда „Златен венец“.

После 50 години, 4000 учесници, поети, преведувачи, есеисти и литературни критичари од 95 земји, Струшките вечери на поезијата се една од најзначајните македонски културни манифестации, вбројувајќи се меѓу најпрестижните литературни фестивали во Европа и светот.  Но, како што потсети претседателот Иванов, вистинското значење тешко може да се собере во статистика и податоци, особено доколку се земе предвид податокот кои се поетски колоси присуствувале во Струга.

Прославата на ова педесетто издание на фестивалот е воедно дел и од официјалната програма на УНЕСКО. Но, она што Струга го направи за поезијата, позитивно се рефлектираше и во една ревносна и позитивна промоција на Охридското езеро и убавините кои го опкружуваат – природни и цивилизациски. Како што посочи Претседателот Иванов: Се промовираше Македонија и нејзиното неисцрпно културно и духовно богатство.

„Повторно покрај Дрим ќе прозвучат најубавите стихови испеани на светските јазици и ќе го најдат патот до срцата на сите вљубеници во поезијата. Најсрдечно посакувам и во иднина поетските меридијани да се вкрстуваат токму на мостовите на Струга, сведочејќи за бесмртноста на поезијата и уметноста,“ рече за крај Претседателот Иванов, врачувајќи му го орденот на претседателот на Управниот одбор на СВП, поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

Димоски истакна дека Македонија е ретка земја која ја поседува најскапоцената поетска антологија на најновата светска поезија, а македонската поезија преку Струшките вечери на поезијата си најде високо и достоинствено место во рамки на светско поетско друштво.

На свечената церемонија присуствуваа и дел од младите лидери кои учествуваат во Школата за лидери, а која под покровителство на претседателот Иванов деновиве се одржува во Охрид.
 

alt
Од младите зависи иднината на Македонија – Претседателот Иванов ја отвори втората Школа за млади лидери
Понеделник, 22 Август 2011

Десет незаборавни дена во учење, надградба, усовршување, споделување и тимска соработка, им посака претседателот на Република Македонија на учесниците во втората Школа за млади лидери, која годинава по втор пат се одржува во Охрид.

Како иницијатор и покровител на оваа едукативна иницијатива, Претседателот во неговото поздравно обраќање на свеченото отварање на Школата нагласи дека од младите потенцијали на општеството зависи иднината на Македонија.

„Вие веќе делумно сте, а во иднина сè повеќе и повеќе директно ќе бидете вклучени во донесувањето одлуки и во креирањето на македонското општество. Од вас зависи каква ќе биде иднината на нашата земја. Би сакал да ви порачам дека апсолутно сметаме на вас, и јас како претседател ќе сторам сè да помогнам да стекнете дополнителни знаења и вештини и да бидете подготвени за предизвиците што претстојат во иднина,“ им порача претседателот Иванов на 40-тината претставници на македонската лидерска сила во подем.

Правници, менаџери, економисти, писатели, издавачи, политиколози, студенти на магистерски или докторски студии, се профилите на младите лидери кои доаѓаат од сите краишта на земјата, со различно искуство, интереси и визии за сопствената и иднината на својата земја. Целта на Школата за лидери е преку предавања, практични обуки и симулации, да придонесе во развивање на нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска диверзификација. Програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, политичари и парламентарци од европски земји, претседатели на успешни компании и бизнис групации.

Интенцијата на оваа школа, посочи претседателот Иванов, е на едно место да се собере креативниот потенцијал на нашата држава од различните области, професии, интереси и полиња на дејствување, и да им се отвори нов простор за надградба, усовршување и тимска соработка.

На отворањето се обрати и Амбасадорот за европски прашања во Владата на Република Унгарија, Георг фон Хабсбург, син на големиот паневропеец и последен унгарски престолонаследник, Ото фон Хабсбург. Тој им порача на младите лидери дека она што е важно е да се превземаат чекори, затоа што не е битно колку долго некој работел и се залагал за некоја проблематика, туку колку успеал да донесе позитивни промени, па макар и во неколку секунди.

„Чекор по чекор, и стигнувате поблиску до целта. Ќе бидете подобро оценувани според она што го правите на дневна основа како лидер,“ рече Пал Георг фон Хабсбург.

Школото за млади лидери нуди и претставува нова страница во односот кон потенцијалните млади лидери и поддршката која ја добиваат. Во оваа иницијатива на Претседателот, државата и бизнисот влегуваат во партнерство, и со заеднички напори целат кон создавање и негување вистинска вредност. Имено, севкупната финансиска конструкција на школата за млади лидери е во целост поддржана од приватниот сектор и бизнис-партнерите.

„Особено ме радува фактот што оваа обука е производ на новиот дух на заедништво, на споделената општествена одговорност кон младите лидери,“ рече претседателот.

До крајот на обуката, покрај денешните пет, своите гледишта пред учесниците во школата за лидери ќе ги презентираат уште 20 предавачи, протегајќи се низ темите поврзани со био-политика, енергетска безбедност, мотивација, културно лидерство, анализи кои се однесуваат на растечките азиски бизнис гиганти, мултикултурализмот и мултиетничките општества, дебати за вештината и неопходноста од преговарање, лобирање, резултатите и последиците од ЕУ проширувањето.

alt

 

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 159 од 198