Новости
alt
Потпишан протокол за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии на Сити колеџот во Солун
Петок, 21 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Министерот за образование и наука, Панче Кралев и директорот на Сити колеџот при Универзитетот Шефилд од Солун, Јоанис Варверидис, денеска потпишаа протокол за соработка за доделување на 20 стипендии „Борис Трајковски“ за вонредни двегодишни постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација МБА.

На церемонијата на потпишување на протоколот, Претседателот Иванов изрази уверување дека овие напори ќе донесат одлични резултати со кои многукратно ќе се надоместат вложените средства. Тој исто така истакна дека ова е пример што потврдува дека  Македонија и Грција можат добро да соработуваат.

„Како соседи сме особено повикани на соработка во сите области, да надоместиме за загубеното време. Најмногу сум задоволен што со оваа соработка создаваме можности нашите млади луѓе, идните генерации кои доаѓаат, да растат заедно. Младите Македонци и Грци, кои се познаваат меѓу себе, заедно студираат, работат, се дружат, се најдобрата гаранција дека нашите две држави ќе имаат заедничка иднина исполнета со соработка и пријателство. Како професор, сум предавал во Грција и добро ја разбирам потребата оваа соработка да продолжи и да успее,“ истакна претседателот Иванов.

Министерот за образвонаие Кралев образложувајќи ги процедурите и условите за стипендирање посочи дека кандидатите што ќе добијат стипендија „Борис Трајковски“ ќе бидат избрани од заедничка комисија на трите потписници на протоколот.

„Создавањето и усовршувањето млади научно-истражувачки кадри во областите кои ги нуди оваа програма и нивното работно ангажирање по завршувањето на студиите во Република Македонија, е една од мерките за превенција на одливот на мозоци од државата. Со тоа ќе се придонесе за континуиран развој на државата, заснован на знаење и примена на современи научно-технолошки достигнувања,“ изјави министерот Кралев.

Доделувањето на овие стипендии пред осум години го иницираше покојниот претседател Борис Трајковски и во негова чест тие сега го носат неговото име.

Министерството за образование и наука до крајот на месецов ќе го објави конкурсот за студии на Сити колеџот, кој е дел од Универзитетот Шефилд во Велика Британија. Програмата ги нуди студиските насоки општ менаџмент, маркетинг, финансии, логистичка поддршка и менаџмент во здравството. Финансиската поддршка заедно ја обезбедуваат Владата на РМ и Универзитетот Шефилд.

Директорот на Сити колеџот во Солун Верверидис рече дека досега стипендии им се доделени на околу 80 лица.

„Согледувајќи го нивниот напредок, ми причинува задоволство што сите тие имаат огромна корист и денес со својот капацитет и работа придонесуваат за развојот на општеството, економијата и земјата. Повторно можеме да им дадеме можност на уште 20 врвни високомотивирани професионални лица да добијат целосна стипендија за следење на Програмата за бизнис администрација на Универзитетот Шефилд во Солун,“ истакна директорот Верверидис.

Шефилд е меѓу стоте најдобри универзитети, рангиран на 69-то место во светот, а на 25-то место во Европа. Има пет добитници на Нобеловата награда. Во Програмата за бизнис администрација на Сити колеџот учествуваат сите земји од Југоисточна Европа.
 

Пример за искористени потенцијали и просперитет на граѓаните - Претседателот Иванов во посета на општина Илинден
Четврток, 20 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети скопската општина Илинден, при што оствари средба со градоначалникот Жика Стојановски и со советниците во општината, како и со триесетина бизнисмени – членови на Економскиот форум на општината. Претседателот беше информиран за тековните и реализираните проекти во општината и за постигнатите резултати.

 

„Општина Илинден претставува позитивен пример за другите општини, за тоа како треба да се искористат сите потенцијали и да се овозможи просперитет за своите граѓани,“ изјави претседателот Иванов, поздравувајќи ги позитивни промени кои ги ги воочил при денешната посета на општина Илинден и нивните успешни практики кои придонесоа до зголемени инвестиции и отворање на нови работни места.

 

„Податокот дека за само една година се отворени 1.000 нови работни места во Илинден сè кажува,“ изјави Претседателот. 

 

Шефот на државата ја посети и еко-куќата во Кадино, енергетски независен објект со изграден систем на сончеви колектори, интегриран во електро-енергетскиот систем на домаќинството, при што сопственикот Звонко Марковски му ги презентираше предностите и големите заштеди од инвестирањето во еколошки системи за прозиводство на енергија. 

 

Претседателот Иванов ја посети и фабриката за брашно и смрзнати теста „Кадино Индустри Груп“, како и објектот во изградба на комплексот погони за преработка и производство на месни производи „Пекабеско“. Според него, сè што се прави и сите реформи кои се спроведени даваат резултати, а бизнисот е можност за луѓето да си ја обезбедат својата сигурна егзистенција и просперитет. 

 

„Во најновиот Извештај на Светска банка „Doing Business 2012“, Македонија секоја година оди се погоре и претставува привлечна дестинација за странски инвестиции. Тоа укажува дека и во услови на глобална економска криза, кога многу економии стагнираат, Македонија има што да понуди и тоа може да се види,“ нагласи претседателот Иванов. Во Извештајот Македонија е рангирана како трет врвен реформатор во водењето бизнис. На глобалната ранг листа земјата оваа година се искачи за 12 места, од 34. на 22. место, и е најдобро рангирана од земјите во Западен Балкан, подобро од 19 членки на ЕУ. 

 

alt

Заокружувајќи ја посетата на општина Илинден претседателот Иванов истакна дека бизнис заедницата му укажала дека градоначалникот и советниците на општина Илинден реагираат брзо на нивните потреби, пред сè во насока на подобрување на инфраструктурата, обезбедување на потребната документација за реализирање на нивните бизнис проекти, како и неопходната поддршка.

 

Градоначалникот Жика Стојановски посочи дека оваа посета за нив значи уште посилна заложба за реализација на проекти и додаде дека имаат одлична соработка со централната власт, со Владата и со сите институции, со граѓанскиот и со бизнис секторот.

 

Во рамки на посетата на општина Илинден, Претседателот го посети и селото Марино, каде имаше прилика да се сретне и да поразговара со жителите од ова населено место. Во општина Илинден има 12 населени места, околу 16.000 жители и околу 750 стопански субјекти. 

alt
Благодарност од Емирот на Катар до претседателот Иванов за срдечниот пречек
Среда, 19 Октомври 2011

Емирот на Катар, Неговото Височество Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, по посетата на Република Македонија испрати порака до Претседателот д-р Ѓорге Иванов, во која се заблагодарува за гостопримството:

„По заминувањето од Вашата пријателска земја, задоволство ми е на Вашата екселенција да и упатам искрена благодарност за гостопримството и срдечниот пречек кои ми ги укажавте мене и на придружната делегација за време на посетата на Македонија. Имавме можност да размениме погледи на прашања од взаемен интерес и да се осврнеме на клучните теми за двете наши држави, и да ги промовираме и засилиме врските на пријателство и соработка во повеќе полиња од кои полза ќе имаат нашите народи,“ порачува Шеикот Хамад бин Калифа ал Тани во своето писмо до Претседателот Иванов.

Емирот на Катар престојуваше во дводневна посета на Република Македонија, во рамките на која се сретна и со Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и со Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски.

Македонската и катарската делегација потпишаа седум договори со кои се регулираат области важни за натамошната соработка на двете земји во областите на поттикнување на инвестициите, регулирање на вработувањето во Катар, културата, образованието, аеродромските услуги и други. Претседателот Иванов и Емирот Шеик Хамад бин Калифа ал Тани ги разгледуваа можностите за соработка во областа на земјоделството, енергетиката, градежната индустрија, финансиските услуги и туризмот, како и иницијативата за отворање на амбасада на Катар во Македонија.
 

Посетата на Емирот е нов импулс за продлабочена и конкретна соработка меѓу Македонија и Катар
Вторник, 18 Октомври 2011

„Нема сомнение дека односите меѓу арапските народи и европските земји од Медитеранот во минатото се граделе врз основа на трговска и културна соработка. И ние денес можеме, дури и мораме, да продолжиме во градење на овие меѓусебни односи, секако засновајќи се на таа историска традиција во заедничка корист и зацврстување на независноста на сите земји и обезбедување на нивните слободи,“ истакна Емирот од Катар, Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, на свечената вечера што во негова чест синоќа ја приреди претседателот д-р Ѓорге Иванов.

Обраќајќи се пред присутните гости, катарскиот Емир рече дека ги поддржува напорите на претседателот Иванов за продлабочување на соработката помеѓу двете земји и за зацврстување на пријателските врски, кои ќе бидат од корист за нашите народи, а се од взаемен интерес и придонесуваат за зацврстување на темелите на мирот и соработката меѓу народите.

Во овој контекст Шеикот Хамад бин Калифа ал Тани го истакна позитивниот дух на соработка кој преовладувал во текот на разговорите и кој беше заокружен со потпишување неколку билатерални договори и економски спогодби, од кои  придобивки ќе стекнат двете земји и народи.

„И ние ги споделуваме истите ставови и принципи со Вашата земја, која во својата химна и со сонцето на знамето и’ пее на слободата, за постојаните напори на вашиот народ за постигнување на своите права за слобода и суверенитет. Деновиве нашиот арапски свет исто така пее за слободата на сонцето и тој е на прагот на еден нов период во својата историја. Ние се надеваме дека ова ќе го внесе арапскиот свет во пошироки хоризонти на инвенции, развој, продуктивност и праведно владеење,“ истакна Eмирот на Катар.

Тој изрази убедување дека тоа ќе создаде нови можности за соработка во областа на стопанството, социјалниот живот и хуманоста помеѓу арапските и другите народи во светот, посебно со европскиот континент, со кои ги поврзуваат географски и историски елементи, со цел зацврстување на темелите на мирот и заедничкиот соживот.

„Вашата земја, благодарение на положбата што ја има, е лулка на најстарите цивилизации во светот, кои се вкоренети во длабоката историја на Вашата земја, што и даваат можност да има активна улога во светската сцена. Оваа цивилизација е сведок за длабоката испреплетена култура, која ги сочувала верските објекти и центрите на уметноста, поезијата и мудроста. Најдобар аргумент за тоа се светски познатите и признатите имиња, кои се родија токму тука во Скопје, како што се турскиот класичен поет Јахја Кемал Бејатли и Мајка Тереза,“ нагласи Eмирот од Катар, кој се обрати на вечерата јавно заблагодарувајќи се за гостопримството.

Неговиот домаќин, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ги вреднува напорите што Државата Катар ги прави во насока на градење на мирот во исклучително сложениот регион на Блискиот Исток и Северна Африка.

„Но, она што е особено значајно, нас нè поврзува и заедничката визија за мир, толеранција, дијалог и соработка во светот. Високо го цениме ангажманот на Државата Катар на овој план, како и вашата улога во рамките на Алијансата на цивилизации на Обединетите нации. Оваа Ваша посветеност беше потврдена и со значајната поддршка на Самитот посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите одржан во Охрид, 2003, под раководство на големиот визионер, мој претходник, претседателот Борис Трајковски. Доказ за важноста на оваа тема е фактот што, од тогаш до денес, овој тип состаноци редовно се одржуваат во нашиот регион со поддршка на УНЕСКО и Советот на Европа. Јас на 10-годишнината во 2013 ќе бидам домаќин на Самитот посветен на оваа тема. Република Македонија е подготвена за поблиска соработка со Вашата држава на ова поле,“ посочи претседателот Иванов.

Тој притоа го поздрави напредокот што Катар го доживува и го направи во изминатите децении, напредок кој претставува пример за многу држави во регионот и светот.

alt„Посветеноста кон напредокот и реформските процеси и лидерството на полето на слободата на изразување и еманципација на жената се само дел од мозаикот кој го чинат исклучителниот катарски успех. Цврсто сум уверен дека треба да градиме иднина за младите, но и млади за иднината. Посветеноста на Фондацијата Катар кон развојот на образованието и здравството, креативноста и иновациите, за мене и за многу лидери во светот претставува вистинска инспирација,“ истакна македонскиот претседател.

На разговорите со Емирот од Катар е констатирано дека двете земји имаат одлични билатерални односи и постигната е согласност во периодот што следи да се искористат сите можности за поинтензивна и поблиска соработка во сите сфери, особено во сферата на економијата.

„Она што ме прави особено среќен и што оваа Ваша официјална посета ја прави успешна, е сериозниот прогрес во правната рамка. Денеска беа потпишани серија билатерални договори, исклучително значајни за зајакната соработка во повеќе сфери. На одреден начин со ова го исполнивме ветувањето кое Ви го дадовме на нашата прва средба во Њујорк, кога заемно констатиравме дека токму ова е препрека за поинтензивна соработка меѓу двете земји. Од денеска, таа препрека е зад нас,“ му порача претседателот Иванов на каратскиот Емир.

Претседателот исто така нагласи дека очекува период на интензивирање на контактите, на максимална посветеност на искористувањето на сите можности за зајакната економска соработка.

„Очекувам катарската деловна заедница да ги препознае напорите на Владата на Република Македонија за привлекување и поволен бизнис-амбиент за инвеститорите. Се надевам дека и на тој план ќе бидеме успешни,“ истакна претседателот Иванов обраќајќи се пред присутните гости на вечерата. Тој воедно изрази уверување дека оваа посета ќе и’ даде нов импулс на соработката меѓу Македонија и Катар и дека пријателството, втемелено врз заедничките визии, ќе продолжи да се развива и унапредува со нови форми и содржини.

Од страна на Емирот на Катар беше изразена нивната заинтересираност за реализација на инвестициски проекти во Република Македонија во повеќе области, со особен интерес за енергетскиот сектор, банкарството, земјоделството и инфраструктурата.

Во однос на економската соработка со Република Македонија, реализацијата на заеднички проекти и инвестиции Емирот Ал Тани, исто така изрази задоволство што за време на неговата посета се потпишаа повеќе билатерални договори од повеќе области при што потенцираше дека многу брзо треба да се очекуваат инвестиции и да се види дали темпото на соработка и инвестиции соодветствува на тоа што овие два дена се договара како идна економска соработка.

Катарската делегација денес ги разгледа културно-историски знаменитости и ја посети Старата скопска чаршија.
 

alt
Претседателот Иванов го отвори седмиот Меѓународниот конгрес за Ататурк во Скопје
Вторник, 18 Октомври 2011

Во Македонската акaдемија на науките и уметностите (МАНУ) денеска почна 7. Меѓународен  конгрес за Ататурк, кој се одржува по повод 130 години од смрта на Мустафа Кемал Ататрук. Конгресот е во организација на МАНУ и Истражувачкиот центар за Ататурк (АТАМ), а се одржува под покровителство на претседателите на Република Македонија и на Република Турција, Ѓорѓе Иванов и Абдула Ѓул.

Врската меѓу Ататурк и Македонија, според претседателот Иванов, не е само географска.

„Македонија не е само местото во кое тој бил роден, туку и простор во кој се формирал неговиот поглед кон светот, неговиот карактер и неговите сваќања. Во земјава тој непосредно учи колку е важен соживотот, ги учи македонските вредности, како што се толеранцијата и прифаќањето на другите,“ нагласи претседателот Иванов во своето обраќање на отворањето на Конгресот.

Шефот на државата потсети на изјавата на Ататурк во која тој рекол - „На териториите кои ќе останат надвор од границите на турската држава меѓу кои се Македонија и Албанија, прво треба да им се даде автономија, а потоа и целосна независност“.

„Таа негова визија вистински се оствари пред 20 години, на 8 септември 1991 година кога македонските граѓани на референдум донесоа одлука за независна, суверена и самостојна Република Македонија,“ нагласи претседателот Иванов.

Осврнувајќи се на делата кои ги читал основачот и прв претседател на Турција, македонскиот претседател посочи дека историјата нè учи дека многу луѓе станале големи порадиalt идеите кои ги црпеле од книгите. Ататурк, додаде тој, беше најпрво сведок, а подоцна и главен индивидуален учесник во историската драма која значеше крај на историското царство. Тој многу добро ги знаеше недостатоците и опасностите на една неодржива империја.

„Македонија беше прозорецот преку кој Ататурк се запозна со своите вредности и просторот преку кој се калеше неговиот карактер, каде се градеше неговиот поглед, каде созреваа идеите кои подоцна никнаа во Република Турција,“ истакна претседателот Иванов.

За турскиот вицепремиер Булент Аранч, Ататурк е еден од ретките лидери кој во минатиот век створил една модерна држава, кој не е само борбен лидер, туку и голем реформатор. Според него, Ататурк го сплотил и организирал својот народ, давајќи извонреден пример за борба за слобода.

Седмиот конгрес за Ататурк ќе го претстави научното толкување на историските, општествените, културните и економските односи меѓу Турција и Балканот во контекст на минатото, сегашноста и иднината. 

Мустафа Кемал Ататурк роден е во Солун на 19 мај 1881 година во турско семејство. Учи воено училиште во родниот град, а подоцна во 1895 година и воена академија во Битола. На 23 април 1920 година формира привремено управителство во Анкара. Неговиот режим официјално ја презема султанската власт во ноември 1922 година, а единаесет месеци подоцна ја прогласува Турската Република, при што Мустафа Кемал станува прв претседател.  Во 1935 година го додава презимето Ататурк - „татко на Турците“. Управува како лидер на Турција до смртта во 1938 година.
 

alt
Претседателот Иванов го отвори 32. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
Сабота, 15 Октомври 2011

 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов официјално го отвори Интернационалниот фестивал на фимската камера „Браќа Манаки“ кој под негово покровителство се одржува во Битола.

 

Во своето поздравно обраќање претседателот Иванов истакна дека Битола и цела Македонија го слават споменот на двајцата иноватори кои многу нé задолжија како луѓе и како држава.

 

„Споменот на браќата Манаки е спомен на една особено важна одлика на Македонците. Нивниот спомен нé потсетува дека и во најтешките мигови, ние сме дел од Европа, дел од модерниот свет. Насочени кон светските постигнувања и успеси, и отворени да се приклучиме и да учиме од нив. Македонија и во минатото и денес, со својата отвореност, со својата подготвеност за промени и подобрувања, е меѓу водечките во овој регион,“ истакна претседателот Иванов.

 

Свечениот почеток на традиционалниот 32. по ред собир на кинематограферите од светот годинава му беше посветен на Данте Спиноти, кому претседателот Иванов, му врачи „Златна камера 300“, награда за животно дело.

 

Големиот кинематограф од Италија Спиноти, пред аудиториумот во Битола јавно се заблагодари за големото признание, потсети на улогата на кинематограферите во светот, завршувајќи го своето обраќање со „Viva Macedonia“ - „Да живее Македонија“!

 

На годинешниот фестивал ќе бидат прикажани 75 филмови во осум програмски селекции. Фестивалот беше отворен со проекцијата на филмот „Крвта што простува“, кој ја освои наградата „Сребрена мечка“ за сценарио на фестивалот во Берлин.
 

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 154 од 198