| Пример за искористени потенцијали и просперитет на граѓаните - Претседателот Иванов во посета на општина Илинден | |
|
|
„Општина Илинден претставува позитивен пример за другите општини, за тоа како треба да се искористат сите потенцијали и да се овозможи просперитет за своите граѓани,“ изјави претседателот Иванов, поздравувајќи ги позитивни промени кои ги ги воочил при денешната посета на општина Илинден и нивните успешни практики кои придонесоа до зголемени инвестиции и отворање на нови работни места.
„Податокот дека за само една година се отворени 1.000 нови работни места во Илинден сè кажува,“ изјави Претседателот.
Шефот на државата ја посети и еко-куќата во Кадино, енергетски независен објект со изграден систем на сончеви колектори, интегриран во електро-енергетскиот систем на домаќинството, при што сопственикот Звонко Марковски му ги презентираше предностите и големите заштеди од инвестирањето во еколошки системи за прозиводство на енергија.
Претседателот Иванов ја посети и фабриката за брашно и смрзнати теста „Кадино Индустри Груп“, како и објектот во изградба на комплексот погони за преработка и производство на месни производи „Пекабеско“. Според него, сè што се прави и сите реформи кои се спроведени даваат резултати, а бизнисот е можност за луѓето да си ја обезбедат својата сигурна егзистенција и просперитет.
„Во најновиот Извештај на Светска банка „Doing Business 2012“, Македонија секоја година оди се погоре и претставува привлечна дестинација за странски инвестиции. Тоа укажува дека и во услови на глобална економска криза, кога многу економии стагнираат, Македонија има што да понуди и тоа може да се види,“ нагласи претседателот Иванов. Во Извештајот Македонија е рангирана како трет врвен реформатор во водењето бизнис. На глобалната ранг листа земјата оваа година се искачи за 12 места, од 34. на 22. место, и е најдобро рангирана од земјите во Западен Балкан, подобро од 19 членки на ЕУ.
Заокружувајќи ја посетата на општина Илинден претседателот Иванов истакна дека бизнис заедницата му укажала дека градоначалникот и советниците на општина Илинден реагираат брзо на нивните потреби, пред сè во насока на подобрување на инфраструктурата, обезбедување на потребната документација за реализирање на нивните бизнис проекти, како и неопходната поддршка.
Градоначалникот Жика Стојановски посочи дека оваа посета за нив значи уште посилна заложба за реализација на проекти и додаде дека имаат одлична соработка со централната власт, со Владата и со сите институции, со граѓанскиот и со бизнис секторот.
Во рамки на посетата на општина Илинден, Претседателот го посети и селото Марино, каде имаше прилика да се сретне и да поразговара со жителите од ова населено место. Во општина Илинден има 12 населени места, околу 16.000 жители и околу 750 стопански субјекти.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети скопската општина Илинден, при што оствари средба со градоначалникот Жика Стојановски и со советниците во општината, како и со триесетина бизнисмени – членови на Економскиот форум на општината. Претседателот беше информиран за тековните и реализираните проекти во општината и за постигнатите резултати.











