Потпишан протокол за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии на Сити колеџот во Солун
Петок, 21 Октомври 2011   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Министерот за образование и наука, Панче Кралев и директорот на Сити колеџот при Универзитетот Шефилд од Солун, Јоанис Варверидис, денеска потпишаа протокол за соработка за доделување на 20 стипендии „Борис Трајковски“ за вонредни двегодишни постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација МБА.

На церемонијата на потпишување на протоколот, Претседателот Иванов изрази уверување дека овие напори ќе донесат одлични резултати со кои многукратно ќе се надоместат вложените средства. Тој исто така истакна дека ова е пример што потврдува дека  Македонија и Грција можат добро да соработуваат.

„Како соседи сме особено повикани на соработка во сите области, да надоместиме за загубеното време. Најмногу сум задоволен што со оваа соработка создаваме можности нашите млади луѓе, идните генерации кои доаѓаат, да растат заедно. Младите Македонци и Грци, кои се познаваат меѓу себе, заедно студираат, работат, се дружат, се најдобрата гаранција дека нашите две држави ќе имаат заедничка иднина исполнета со соработка и пријателство. Како професор, сум предавал во Грција и добро ја разбирам потребата оваа соработка да продолжи и да успее,“ истакна претседателот Иванов.

Министерот за образвонаие Кралев образложувајќи ги процедурите и условите за стипендирање посочи дека кандидатите што ќе добијат стипендија „Борис Трајковски“ ќе бидат избрани од заедничка комисија на трите потписници на протоколот.

„Создавањето и усовршувањето млади научно-истражувачки кадри во областите кои ги нуди оваа програма и нивното работно ангажирање по завршувањето на студиите во Република Македонија, е една од мерките за превенција на одливот на мозоци од државата. Со тоа ќе се придонесе за континуиран развој на државата, заснован на знаење и примена на современи научно-технолошки достигнувања,“ изјави министерот Кралев.

Доделувањето на овие стипендии пред осум години го иницираше покојниот претседател Борис Трајковски и во негова чест тие сега го носат неговото име.

Министерството за образование и наука до крајот на месецов ќе го објави конкурсот за студии на Сити колеџот, кој е дел од Универзитетот Шефилд во Велика Британија. Програмата ги нуди студиските насоки општ менаџмент, маркетинг, финансии, логистичка поддршка и менаџмент во здравството. Финансиската поддршка заедно ја обезбедуваат Владата на РМ и Универзитетот Шефилд.

Директорот на Сити колеџот во Солун Верверидис рече дека досега стипендии им се доделени на околу 80 лица.

„Согледувајќи го нивниот напредок, ми причинува задоволство што сите тие имаат огромна корист и денес со својот капацитет и работа придонесуваат за развојот на општеството, економијата и земјата. Повторно можеме да им дадеме можност на уште 20 врвни високомотивирани професионални лица да добијат целосна стипендија за следење на Програмата за бизнис администрација на Универзитетот Шефилд во Солун,“ истакна директорот Верверидис.

Шефилд е меѓу стоте најдобри универзитети, рангиран на 69-то место во светот, а на 25-то место во Европа. Има пет добитници на Нобеловата награда. Во Програмата за бизнис администрација на Сити колеџот учествуваат сите земји од Југоисточна Европа.
 

  Back<<Назад