| Проблемите на Балканот треба да се решаваат со дијалог – средба со претседавачот на Босна и Херцеговина Комшиќ | |
|
|
Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, денес во рамки на дводневната официјална посета на Република Македонија, оствари средба со претседателот д-р Ѓорге Иванов. На средбата двајцата соговорници заклучија дека политичките и економските односи меѓу двете земји се одлични и без отворени прашања. Тие разговараа и за состојбите во регионот и за прашањата кои се во интерес на двете земји, како и за економската соработка и внатрешните проблеми со кои се соочуваат.
И двајцата претседатели нагласија дека проблемите на Балканот треба да се решаваат единствено преку дијалог.
„Секој проблем на просторите на Балканот мора да се решава преку дијалог и да се наоѓа решение кое ќе биде во прилог на мирот и конечно мирот да завладее во целиот регион. Некогаш во дијалогот има застој, меѓутоа не смее никогаш да се блокираат процесите кои се почнати и кои преку дијалог доаѓаат до свое решение,“ порача претседателот Иванов одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по средбата.
Со неговиот став се согласи и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцегоина Комшиќ, кој истакна дека од поновата историја може да се научи дека било кој вид на конфликт на просторите на Балканот мора да заврши со дијалог, кој е единствениот прав пат и единствениот излез од конфликтот
На прашањето дали се можни прекројувања на границите на Балканот, Комшиќ нагласи дека според него процесот на цртање на границите на Балканот е завршен.
„Секое повторно отворање на ова прашање неизбежно води во некој вид на конфликт. За жал на овие простори тоа нема да значи политички конфликт, туку вооружен. Прашањето на цртање на нови граници на нашите простори е многу сериозно и секој кој ќе го покрене директно може да предизвика нов конфликт,“ истакна Комшиќ потсетувајќи на 90-тите години од минатиот век кога прашањето за повлекување на нови граници предизвика проблеми во сите земји од регионот.
Босанскиот претседавач со претседателството посочи дека Балканот може да плати многу висока цена ако на било кое место во регионот се постави прашањето за цртање на нови граници.
„Се надевам дека цртањето на нови граници е завршена приказна на Балканот. Обидот за прекројување на границите и создавање на исклучиво етнички простори, и на таков начин формирање на држави, на сите им носи лошо и проблеми. Тоа треба да го оставиме зад себе и да гледаме на индината,“ истакна Комшиќ.
Македонскиот претседател, пак, порача дека нашиот регион веќе влезе во процес кој е незапирлив и чија цел е релативизирање на границите.
„Сите земји на Балканот имаат стратешка цел да бидат членки на НАТО и на Европската унија. Ако моментално има одреден застој поради внатрешните проблеми во Унијата тоа не значи дека сме се откажале од нашите стратешки цели. Проблемите во Унијата кои се резултат на економската криза ни оставаат простор да ги задоволиме критериумите кои ни се зададени за полесно да влеземе во ЕУ,“ порача претседателот Иванов.
|












