Новости
alt
Втора годишна сесија на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи
Понеделник, 10 Октомври 2011

Подготовката на општествата за растечкиот број на природни катастрофи и несреќи од најразличен вид е основна цел на Втората годишна сесија на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи (ЕФДРР) што од денеска до 12 октомври се одржува во Скопје, под покровителство на претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов.

 

На собирот, меѓу другото, ќе се дебатира за Глобалната платформа за намалување на ризикот од катастрофи 2011, за климатските промени, за превенција од шумски пожари, за намалување на ризиците од катастрофи преку управување со екосистеми, итн.

 

Република Македонија е актуелен претседавач на Европскиот форум, кој претставува платформа за размена на информации, знаења, иновативни решенија, искуства, позитивни практики и експертизи од областа на намалување на ризиците од катастрофи.

 

„Не можеме да ги спречиме земјотресите, ураганите и цунамито, а честопати не можеме да ги спречиме жестоките пожари, надоаѓачките поплави и сушите. Дури и епидемиите, загадувањето и нуклеарните несреќи понекогаш се вистински предизвик за нашите способности. Но, можеме да им помогнеме на нашите заедници и нации да бидат подготвени. Можеме да ги зајакнеме нашите институции со знаење, капацитети и ресурси кои се неопходни за ефективна и ефикасна превенција, одговор и ублажување на последиците,“ порача претседателот Иванов на отворањето на собирот.

 

Македонскиот претседател нагласи дека мора да бидеме подготвени за идните предвидливи ризици за да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство.

 

„Климатските промени дополнително го забрзуваат и онака брзиот пораст на бројот, зачестеноста и интензитетот на природните и од човекот предизвикани катастрофи, заради што е потребна координирана акција за справување со нив,“ рече претседателот Иванов.

 

Тој посочи дека не постои универзално решение на проблемот и нагласи дека секој град, држава и регион има свои посебности и бара различни превентивни мерки.

 

„Основните принципи се исти и тие се запишани во Рамката за акција од Хјого. За тие да се постигнат неопходно е да има одговорни поединци, општества и влади. Силно ја охрабрувам важната работа на овој форум и очекувам да продолжи да се развива и јакне преку нови членови  кои се релевантни за намалувањето не ризиците во Европа. Очекувам средбата да ја подигне регионалната свест и одговорност за проблемите и предизвиците кои не познаваат граници, а чии последици, повеќе или помалку, се наша заедничка грижа,“ порача претседателот Иванов.

Претседавачот со ЕФДРР, Панде Лазаревски, истакна дека проблемите, несреќите и катастрофите не настануваат само како дело на силината на природните активности, туку се случуваат и кога луѓето се неактивни, арогантни и суетни и кога не се соочуваат со нивната одговорност и не ја преземаат одговорноста благовремено.

 

„Верувам дека обраќањето на претседателот Иванов на сесијата е јасен знак за посветеноста на властите во Македонија за намалувањето на ризиците од катастрофи,“ истакна Лазаревски.

 

Специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за намалување на ризици од катастрофи, Маргарета Валстром нагласи дека 39 земји веќе имаат национални центри за кризен менаџмент и додаде дека очекува до 2015 година, кога истекува Рамката за акција од Хјого, нивниот број да достигне до 70.

 

Бројот на земјотресите на годишно ниво постојано расте, а нивниот интензитет е се поразорен. Од почетокот на годинава до денеска во светот се случија 55 појаки земјотреси. За справување со последиците од катастрофите се одвојуваат големи средства, особено во земјите во развој кои за таа намена одвојуваат од 2 до 15 отсто од нивниот БДП.

 

ЕФДРР е формиран од Стратегијата на ОН за намалување на ризици од катастрофи и Договорот за главни опасности на Советот на Европа, и во него за кратко време се зачленети многу од европските, но и воневропски земји. Претседавањето со Форумот во 2012 треба да го преземе Хрватска.

alt
Претседателот Иванов во Букурешт постхумно ја одликува Лиана Думитреску со Орден за заслуги за Македонија
Петок, 07 Октомври 2011

Денеска во Букурешт, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, постхумно ја одликува Лиана Думитреску, првиот претставник на Македонците во романскиот Парламент, со Орден за заслуги за Македонија. Думитреску е одликувана со ова највисоко признание за нејзината посветеност кон македонската заедница и унапредувањето на македонско-романските односи. Орденот за заслуги за Македонија и беше врачен на нејзината мајка Константина Думитреску, актуелен претседател на Асоцијацијата на Македонците во Романија.

„Со негувањето на македонското име и идентитет, на семејните вредности, на нашите традиции и обичаи, Лиана даваше пример којшто треба да го следат оваа и наредните генерации Македонци од пријателска Романија. Верувам дека секоја македонска заедница во светот би сакала да биде предводена, промовирана и застапувана од личност каква што беше Лиана Думитреску. Таа покажа колку е важно Македонците активно да учествуваат во општествениот, културниот и политичкиот живот во Романија, промовирајки ги со тоа македонските вредности во романското општество,“ истакна претседателот Иванов.

Нејзината мајка, Константина Думитреску, нагласи дека Асоцијацијата на Македонците во Романија ќе ја продолжи мисијата на Лиана  - да ги застапува и брани интересите на македонското малцинство во Романија.

Лиана Думитреску почина годинава на 38 годишна возраст. Таа беше првиот претставник на Македонците во Романскиот параламент во два мандата, од 2004 до 2008 година и од 2008 до 2011 година. Како пратеник беше член на повеќе комисии во Романскиот парламент, меѓу кои и во Комисијата за соработка на Романскиот парламент со Македонското собрание. Сестрано ја помогаше иницијативата за признавање на македонската заедница како официјално малцинство во Романија, а во 2002 година успешно ја реализира идејата за внесување на македонците во пописните графи на официјалниот попис на населението во Романија.

alt
Претседателот Иванов се сретна со романскиот патријарх Данаил
Петок, 07 Октомври 2011

Македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов денеска во Букурешт, во рамки на официјалната посета на Романија, оствари средба со патријархот на Романската православна црква, неговото блаженство Данаил.

Претседателот Иванов на средбата изрази благодарност што Романската православна црква  го даде светото миро кога Македонската православна црква се одвои од Српската црква.

Како што истакна Претседателот Иванов, решенија за проблемите меѓу братските православни цркви треба да се бараат само преку дијалог, а државите да го помагаат тој процес.

Романскиот патријарх на средбата посочи дека имаат разбирање за проблемот на МПЦ и смета дека секоја црква има право на сопствен живот, идентитет и автокефалност. Го поздрави и го поддржа ангажманот на Иванов за мултиетничкиот соживот и верската толеранција во Македонија.

Патријархот Данаил исто така предложи на нивните медиуми во идината да бидат емитувани емисии за длабоките корени и врски мегу двете држави и цркви.

alt
Претседателот Иванов на Бизнис Форум во Букурешт ги повика романските бизнисмени да инвестираат во Македонија
Четврток, 06 Октомври 2011

За нас Романија е важен партнер и од клучно значење за двете држави е интензивирање на меѓусебната економска соработка, особено во текот на трговската размена, им порача македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов на романските бизнисмени на денешниот македонско–романски бизнис форум што се одржува во Комората за индустрија и трговија во Букурешт. На Форумот, покрај македонски и романски компании учествуваат и компании од Италија.

Иванов ги повика романските бизнисмени да ја посетат Македонија и да ги искористат нејзините предности при реализацијата на нивните бизнис планови не само на македонскиот пазар, туку и за целиот регион.

Потсети дека Македонија има макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2%, избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува под 26% од Бруто домашниот производ.

„Имаме одговорни компании со конкурентни прозводи кои можат да се најдат на вашиот пазар бидејќи тие се барани, како во светски рамки така и од романските потрошувачи. Затоа очекувам со ваш ангажман трговскиот дисбаланс во иднина да се намалува,“ истакна претседателот Иванов.

Генерална оценка на македонските и романските бизнисмени е дека поголемата соработка и заедничкиот настап на трети пазари е излезот од светската економска криза. Македонските компании беа поканети да учествуваат на Форумот на економски инвестиции што Романија ќе го организира заедно со Кина И Русија во 2012 година.

Вкупната трговска размена со Романија во првите седум месеци од годинава изнесува 87 милиони американски долари, со трговски дефицит на македонска страна. Во споредба со првите седум месеци од минатата година трговската размена е намалена за 15%.

Според агендата, денеска претседателот Иванов ќе се сретне и со претставници на македонското малцинство во Романија, а со Орден за заслуги за Македонија постхумно ќе ја одликува Лиана Думитреску. Орденот ќе го прими нејзината мајка Константина Думитреску, актуелен претседател на Асоцијацијата на Македонци. Лиана Думитреску беше прв претставник на Македонците во Парламентот на Ромамнија во два мандата од 2004 до 2008 година и од 2008 до 2011 година. Сестрано ја помогаше иницијативата за признавање на македонската заедница како официјално малцинство во Романија.

Официјална посета на Романија – Претседателот Басеску ја реафирмира безрезервната поддршка за влез на Македонија во ЕУ и НАТО
Четврток, 06 Октомври 2011

Романија безрезервно ја поддржува интеграцијата на Македонија во Европската унија и НАТО, но одлуките за тоа се носат колективно од сите земји-членки и затоа е потребно да се реши спорот за името, порача романскиот претседател Трајан Басеску по денешната средба во Букурешт со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

„Романија сама не може да одлучи ниту за влегување во НАТО, ниту за прием во ЕУ. Таквата одлука треба да биде донесена колективно од страна на сите земји-членки без разлика дали зборуваме за ЕУ или НАТО. Без разлика кој ќе биде текот на настаните на релацијата меѓу Македонија и Грција, Романија секогаш безрезервно ќе го поддржува вклучувањето на Македонија во НАТО и ЕУ. Ние немаме ниту еден мотив да не ја поддржиме Македонија за нејзиниот влез во ЕУ,“ нагласи романскиот претседател Трајан Басеску.

„Проблемот, додаде претседателот Басеску, е билатерален и колку ние и да ја поддржуваме Македонија, сè додека постои вето не ќе може да има прогрес. Тоа е мојот повик – пронаоѓање на билатерално решение за спорот за името.“

Романскиот претседател на заедничката прес конференција, исто така нагласи дека од интерес на Романија е земјите од Западен Балкан да влезат во ЕУ и НАТО и дека во овој момент според нив, држави кои можат да имаат забрзан процес на  пристапување во овие структури се Македонија, Црна Гора и Србија.

alt

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се заблагодари за поддршката што  Романија и ја дава на Македонија во евроинтегративните процеси, но и за сè што Романија има направено за македонската заедница, за Македонците да можат да го учат својот мајлин јазик, да ги остваруваат своите права, како што Македонија тоа го прави за влашката зедница.

„Во наш интерес е оваа поддршка што ја имаме од Романија во однос на нашата интеграција во ЕУ и НАТО да продолжи со ист интензитет,“ истакна претседателот Иванов.

Во присуство на двајцата претседатели беа потпишани билатерални договори од областа на научната, економската и техничката соработка и од областа на туризмот. Договорите од македонска страна ги потпиша министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак.

Потпишувањето на двата договора, според двајцата претседатели, ќе придонесе за интензивирање на билатералните односи и на економската соработка. Досега Македонија и Романија имаат потпишано повеќе од 30 билатерални договори.

На Универзитетот „Димитрие Кантемир“ на претседателот Иванов му беше доделена тутулата Почесен Доктор на науки . Ова е трет почесен докторат што претседателот Иванов го добива за време на неговиот претседателски мандат. Во октомври 2009 година му беше врачен почесен докторат на науки од ТОББ Универзитетот во Анкара, а во март годинава од Универзитетот во Истанбул.

Претседателот Иванов попладнево во Букурешт ќе има средби и со претседателот на Сенатот Мирчеа Џоана и со романскиот премиер Емил Бок.


 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 155 од 198