Втора годишна сесија на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи
Понеделник, 10 Октомври 2011   

alt

Подготовката на општествата за растечкиот број на природни катастрофи и несреќи од најразличен вид е основна цел на Втората годишна сесија на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи (ЕФДРР) што од денеска до 12 октомври се одржува во Скопје, под покровителство на претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов.

 

На собирот, меѓу другото, ќе се дебатира за Глобалната платформа за намалување на ризикот од катастрофи 2011, за климатските промени, за превенција од шумски пожари, за намалување на ризиците од катастрофи преку управување со екосистеми, итн.

 

Република Македонија е актуелен претседавач на Европскиот форум, кој претставува платформа за размена на информации, знаења, иновативни решенија, искуства, позитивни практики и експертизи од областа на намалување на ризиците од катастрофи.

 

„Не можеме да ги спречиме земјотресите, ураганите и цунамито, а честопати не можеме да ги спречиме жестоките пожари, надоаѓачките поплави и сушите. Дури и епидемиите, загадувањето и нуклеарните несреќи понекогаш се вистински предизвик за нашите способности. Но, можеме да им помогнеме на нашите заедници и нации да бидат подготвени. Можеме да ги зајакнеме нашите институции со знаење, капацитети и ресурси кои се неопходни за ефективна и ефикасна превенција, одговор и ублажување на последиците,“ порача претседателот Иванов на отворањето на собирот.

 

Македонскиот претседател нагласи дека мора да бидеме подготвени за идните предвидливи ризици за да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство.

 

„Климатските промени дополнително го забрзуваат и онака брзиот пораст на бројот, зачестеноста и интензитетот на природните и од човекот предизвикани катастрофи, заради што е потребна координирана акција за справување со нив,“ рече претседателот Иванов.

 

Тој посочи дека не постои универзално решение на проблемот и нагласи дека секој град, држава и регион има свои посебности и бара различни превентивни мерки.

 

„Основните принципи се исти и тие се запишани во Рамката за акција од Хјого. За тие да се постигнат неопходно е да има одговорни поединци, општества и влади. Силно ја охрабрувам важната работа на овој форум и очекувам да продолжи да се развива и јакне преку нови членови  кои се релевантни за намалувањето не ризиците во Европа. Очекувам средбата да ја подигне регионалната свест и одговорност за проблемите и предизвиците кои не познаваат граници, а чии последици, повеќе или помалку, се наша заедничка грижа,“ порача претседателот Иванов.

Претседавачот со ЕФДРР, Панде Лазаревски, истакна дека проблемите, несреќите и катастрофите не настануваат само како дело на силината на природните активности, туку се случуваат и кога луѓето се неактивни, арогантни и суетни и кога не се соочуваат со нивната одговорност и не ја преземаат одговорноста благовремено.

 

„Верувам дека обраќањето на претседателот Иванов на сесијата е јасен знак за посветеноста на властите во Македонија за намалувањето на ризиците од катастрофи,“ истакна Лазаревски.

 

Специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за намалување на ризици од катастрофи, Маргарета Валстром нагласи дека 39 земји веќе имаат национални центри за кризен менаџмент и додаде дека очекува до 2015 година, кога истекува Рамката за акција од Хјого, нивниот број да достигне до 70.

 

Бројот на земјотресите на годишно ниво постојано расте, а нивниот интензитет е се поразорен. Од почетокот на годинава до денеска во светот се случија 55 појаки земјотреси. За справување со последиците од катастрофите се одвојуваат големи средства, особено во земјите во развој кои за таа намена одвојуваат од 2 до 15 отсто од нивниот БДП.

 

ЕФДРР е формиран од Стратегијата на ОН за намалување на ризици од катастрофи и Договорот за главни опасности на Советот на Европа, и во него за кратко време се зачленети многу од европските, но и воневропски земји. Претседавањето со Форумот во 2012 треба да го преземе Хрватска.

  Back<<Назад