Претседателот Иванов го отвори 32. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
Сабота, 15 Октомври 2011   

alt

 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов официјално го отвори Интернационалниот фестивал на фимската камера „Браќа Манаки“ кој под негово покровителство се одржува во Битола.

 

Во своето поздравно обраќање претседателот Иванов истакна дека Битола и цела Македонија го слават споменот на двајцата иноватори кои многу нé задолжија како луѓе и како држава.

 

„Споменот на браќата Манаки е спомен на една особено важна одлика на Македонците. Нивниот спомен нé потсетува дека и во најтешките мигови, ние сме дел од Европа, дел од модерниот свет. Насочени кон светските постигнувања и успеси, и отворени да се приклучиме и да учиме од нив. Македонија и во минатото и денес, со својата отвореност, со својата подготвеност за промени и подобрувања, е меѓу водечките во овој регион,“ истакна претседателот Иванов.

 

Свечениот почеток на традиционалниот 32. по ред собир на кинематограферите од светот годинава му беше посветен на Данте Спиноти, кому претседателот Иванов, му врачи „Златна камера 300“, награда за животно дело.

 

Големиот кинематограф од Италија Спиноти, пред аудиториумот во Битола јавно се заблагодари за големото признание, потсети на улогата на кинематограферите во светот, завршувајќи го своето обраќање со „Viva Macedonia“ - „Да живее Македонија“!

 

На годинешниот фестивал ќе бидат прикажани 75 филмови во осум програмски селекции. Фестивалот беше отворен со проекцијата на филмот „Крвта што простува“, кој ја освои наградата „Сребрена мечка“ за сценарио на фестивалот во Берлин.
 

  Back<<Назад