Повикувајќи на единство и нарекувајќи го Музејот на македонската борба за државност и самостојност како Музеј на слободата, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја положи оригиналната Декларација за независност во новоотворениот објект.
Од Собранието преку Триумфалната порта и Камениот мост, на денот на прославата на 20-годишнината од независноста на Република Македонија, Декларацијата за независност, овој клучен историски документ, го доби своето централно место во новоизградениот музејски комплекс во кој сликовито е прикажана борбата на македонскиот народ за слобода и самостојност.
Како што нагласи Претседателот Иванов во своето свечено обраќање, ова е музеј на сите идеолошки правци на Македонија што произлегоа од револуционерното движење, од борбата за слобда, но и сведоштво и за злосторствата на некои комунисти, социјалисти, револуционери.
„Ова е музеј на сите чеда на Македонија. Овој музеј е споменик на нескротливиот марш кон слободата! Во музејот среќаваме и херои и луѓе кои застраниле од каузата. И хуманисти и грешници. Но, овој музеј повикува на историско помирување и ни говори – да паметиме за да не ги повториме старите грешки. Ние едноставно не смееме да дозволиме правта на заборавот повторно да го прекрие големото пожртвувано дело на Шатев и на многубројните македонски родољуби кои неправедно беа заборавани, обвинувани и оцрнувани,“ нагласи претседателот Иванов.
Според него, Музејот на македонската борба за државност и самостојност ги осветлува скриените катчиња, скриените периоди на нашата историја, и токму затоа неговото отворање е важен историски настан, симбол на обединувањето, што го прави вистинскиот дом за Декларацијата на независноста.
„Она што нè прави особено горди е што во сите конститутивни документи на македонската држава се гарантира полна вклученост на сите, без оглед на етничката и верската припадност. Да се биде Македонец значи почитување на сограѓанинот и вклучување на најдоброто од вредносниот систем на другиот. Тоа е моќта на оваа наша земја и на оваа наша национална кауза. Да се биде Македонец значи да се биде толерантен и да се почитува културата и обичаите на другиот. Така било од дамнина уште пред Христа, така било и во сите епохи и царства кои поминале на овој простор, така е и денес. Тоа е Македонија!“ посочи претседателот Иванов истовремено повикувајќи на заедничка балканска интеграција во Европската унија бидејќи, како што рече, без мир на Балканот, нема да има мир во Европа.
„Никогаш во историјата не се случило назадна политика да победи напредна политика. Концептот на хомогена држава, нација, не може да победи концепт за мултиетничка демократија“ посочи претседателот.
По положувањето на Декларацијата, од скопското Кале беа испукани неколку топовски плотуни во чест на Денот на независноста, а Армијата на Република Македонија пред музејот изведе почесна стрелба за сите херои кои своите животи ги положиле за денешната независна македонска држава.