Новости
Форум на Алијансата на цивилизациите во Доха – платформа за интеркултурен дијалог, развој и соработка
Недела, 11 Декември 2011

Алијансата на цивилизациите, дијалогот меѓу цивилизациите, се токму оние нешта кои предолго ни недостигаа. Затоа, мојата земја, Република Македонија, свесна за својата уникатна реалност, подготвена е да ги сподели своите драгоцени искуства во овие области и е толку активно и посветено вклучена во овие иницијативи, истакна претседателот Ѓорге Иванов, обраќајќи се на четвртиот форум на Алијансата на цивилизациите, што денеска и утре се одржува во катарската престолнина Доха.

Говорејќи на панел дискусијата „Како културниот диверзитет влијае на развојот”, шефот на државата нагласи дека денес, повеќе од кога било, е неопходно да се организираат средби на највисоко ниво, на кои ќе може да се спознаат вредностите на нашите култури, но и предизвиците со кои се соочуваат.

Според него, со подобро меѓусебно запознавање полесно ќе се увиди дека принципите по кои се води секој човек се исти, независно од тоа од каде потекнува. - Тоа се желбата за слобода, еднаквоста, почитувањето, достоинството. Верувам дека заедништвото на луѓето ќе надвладее, истакна претседателот Иванов.

Обраќајќи се пред бројните учесници на форумот, тој додаде дека ниту една голема култура или цивилизација не се развила во изолација, туку низ постојана соработка и натпревар, но честопати и низ конфронтирање со други култури и цивилизации.

Наспроти тоа, истакна претседателот, соработката и прифаќањето на светот на различностите секојпат продуцирале трајни вредности и суштински знаења. - Нашата цел е, овде и денес, да ја реафирмираме потребата од градење нови блиски односи со другите религии и цивилизации, рече Иванов, притоа истакнувајќи дека доаѓа ново време кое бара нова парадигма.

Тој посочи дека наместо судир, потребна ни е соработка меѓу цивилизациите за што смета дека постојат услови, само треба да се искористат. - Тоа е алката која недостига, која културата ќе ја стави во функција на развојот. Тоа е алката од која сите повеќекратно ќе имаме корист. Но, до тоа нема да се дојде без акција, ангажман и посветеност, истакна македонскиот претседател кој притоа укажа и на фактот дека испуштеното во минатото, кога разни региони низ светот се стремеа кон сопствена консолидација, денес треба да се надомести со засилен интензитет.

Високиот претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН, поранешниот претседател на Португалија Хорхе Сампајо истакна дека не случајно форумот по првпат се одржува во арапска земја. Неколку месеци од почетокот на „Арапската пролет“, Алијансата на цивилизации во Доха, рече тој, ќе промовира платформа за заедничките вредности изразени низ човечкото достоинство, дијалогот, демократијата, развојот, правдата, еднаквоста, слободата и правата.

Според Шеиката Моза Бинт Насер, амбасадор на Катар во Алијансата на цивилизациите, светот минува низ значајни промени кои покажуваат дека сега, повеќе од кога и да е, е време за акција, а не за зборови. Новиот начин на размислување и иновативниот пристап, вели таа, се итно неопходни за справување со растечките предизвици во области како образованието, здравството, сиромаштијата, младите, медиумите и културата.

На форумот, кој го следат голем број светски медиуми, учествуваат шефови на држави, министри за надворешни работи, невладини организации, претставници на цивилното општество, младински организации, фондации, медиуми, научни работници и претставници на корпоративниот сектор, кои треба да придонесот овој четврти по ред состанок на Алијансата да стане пресвртна точка на оваа иницијатива.

Меѓу гостите се и генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, претседателите на Германија, Австрија, Словенија, Романија и Албанија, Кристијан Вулф, Хајнц Фишер, Данило Тирк, Трајан Басеску и Бамир Топи, Емирот на Кувајт Шеик Сабах ал Ахмед Ал Џабир Ал Сабах, како и претседателот на Обединетите Арапски Емирати Калифа бин Зајед Ал Нахјан.

Теми и цели на овој состанок на Алијансата на кој учесниците дебатираат се важноста на културниот диверзитет за развојот, промоција на доверба и толеранција за унапредување на развојните цели, како и нови стратегии за интеркултурен дијалог, разбирање и соработка.

Алијансата на цивилизациите е меѓународна иницијатива воведена од Обединетите нации во 2005 година од тогашниот генерален секретар на Светската организација Кофи Анан со спонзорство на Шпанија и Турција. Главна цел на иницијативата е развивање соработка и подобро разбирање меѓу државите и справување со поделбите, поларизацијата и екстремизмот во и меѓу општествата. Претходните три форуми се одржаа во Мадрид, Истанбул и Рио де Жанеиро.

Со учеството на претседателот Иванов на овој четврти Форум, како и учеството на тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски на сите три форуми, Република Македонија го потврдува својот активен ангажман во оваа меѓународна иницијатива. Како еден од најголемите успеси на полето на регионалната соработка и се припишува и Иницијативата од 2003 кога во Охрид се организираше првиот регионален самит Дијалог на цивилизациите. Домаќин на уште еден ваков самит во 2013 година ќе биде претседателот Иванов, кој е вклучен и во проекти во Алијансата, како што беше неодамнешниот научен симпозиум во Париз. Македонија беше организатор и на две светски религиски конференции.

alt
Претседателот Иванов во поддршка на донаторска изложба за лицата со инвалидитет
Петок, 02 Декември 2011

По повод Меѓународниот ден за лицата со инвалидитет - 3 декември, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија“, со поддршка на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, организираше донаторската изложба на 67 уметнички дела создадени на ликовна колонија во април 2011 година.

Оваа изложба, уште едно сведоштво за универзалноста на уметноста, ги собра на едно место академските сликари и талентирани лица со телесен инвалидитет, кои беа дел од оваа иницијатива.

„Сликарската уметност го ангажира лицето со телесен инвалидитет целосно и ја менува неговата емоционална состојба, додека твори заборава на својата инвалидност, се појавува чувство на самостојност, самодоверба и истрајност. Тоа е мошне важно особено во процесот на рехабилитацијата која многу често е врзана со големи психички напори кои лицето со телесен инвалидитет не може бргу и одеднаш да ги совлада,“ посочи во своето воведно обраќање на отворањето на изложбата претседателот на „Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски.

Тој воедно изрази благодарност што донаторска изложба организирана по повод 25-годишниот јубилеј на сојузот, е подржана од Претседателот, д-р Ѓорге Иванов.

Уметничките дела создадени низ призмата на лицата со инвалидитет, ќе ги красат ѕидовите на сите хумани луѓе кои во нив ќе ги препознаат асоцијациите и чувствата на авторите. Еден од донаторите на оваа изложба е и претседателот Иванов, кој избра една уметничка слика, на тој начин поддржувајќи ја на дело оваа хумана иницијатива.

На вечерашната донаторска изложба беа присутни и претставници од бизнис секторот и дипломатскиот кор, како и други донатори и купувачи на уметничките слики. Средствата кои ќе бидат собрани од продажбата на сликите ќе бидат наменети за активности за поддршка на лицата со посебни потреби во рамки на Програмата за работа на „Мобилност Македонија“.
 

alt
Иванов: Ако имаме позитивна пресуда од Хаг, очекуваме тоа да се одрази и на Самитот на НАТО во Чикаго
Петок, 02 Декември 2011

Доколку вo понеделник имаме позитивна пресуда од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, очекуваме тоа да се одрази и на Самитот на НАТО, што треба да се одржи догодина во Чикаго, изјави денеска претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, по редовната работна посета во Министерствито за одбрана и Генералниот штаб на АРМ.

Одговарајќи на новинарското прашање какви се очекувањата за членството на Република Македонија во Алијансата на претстојниот Самит, тој потсети дека одлуката на Судот е поврзана со блокадата што и се случи на земјава на Самитот во Букурешт во 2008 година.

На прашањето како ја оценува безбедносната состојба во Република Македонија, Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, истакна дека надлежните институции ги следат состојбите во целиот регион.

„Случувањата во нашето опкружување, поединечни случаеви, ги сметаме за изолирани настани. Состојбите во северно Косово се надеваме дека ќе се решат преку дијалог,“ истакна претседателот Иванов нагласувајќи дека целиот регион живее во поинаков амбиент, во кој Република Македонија има значаен придонес да не се повтори она што било пред само 10 години.
 

alt
Претседателот во работна посета на Министерството за одбрана и Генералниот штаб на АРМ
Петок, 02 Декември 2011

Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денес оствари работна посета на на Министерството за одбрана и Генералниот штаб на АРМ. Во фокусот на денешните разговори со министерот за одбрана, Фатмир Бесими беа новата формациска поставеност и ангажирањето на АРМ во меѓународните мисии во 2012 година, анализата на одбранбената дипломатија, буџетот на одбраната, како и приоритетите на Министерството за одбрана и АРМ за 2012 година.

Претседателот Иванов нагласи дека е за пофалба тоа што по неколку години намалување, за следната се предвидува зголемување на одбранбениот буџет, што ќе се одрази на севкупниот амбиент во АРМ, но и ќе овозможи догодина 20-годишнината 20 години од основањето на АРМ да се одбележи како што доликува на Армија која е подготвена да биде членка на НАТО.

„Од нашиот удел и обврските кои ги имаме превземено и ги извршуваме, ние се однесуваме како да сме членка на НАТО. Нашите мировници продолжуваат во мировните мисии, а тоа особено важи за мисијата ИСАФ, каде и следната година се предвидува да имаме 161 претставник, а предвидено е да се зголеми и учеството во мировните операции предводени од ОН,“ изјави претседателот Иванов по редовната работна посета на Министерството за одбара и на ГШ на АРМ.

Тој, исто така, истакна дека Армијата е институцијата во која граѓаните имаат најголема доверба, изразувајќи очекување дека таа перцепција на граѓаните и понатаму ќе продолжи.
 

alt
Претседателот Иванов во поддршка на Светскиот ден за борба против СИДА-та
Четврток, 01 Декември 2011

Во знак на поддршка кон одбележувањето на Светскиот ден за борба против СИДА-та, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, присуствуваше на Хуманитарниот концерт на оперски арии, кој се одржа во Македонската опера и балет.

Претседателот нагласи дека вирусот ХИВ и СИДА-та веќе одамна не се табу тема во општеството, но за жал за некои наши граѓани се реалност и борба која треба да ја водат до крајот на животот. Денес современата медицинска технологија им овозможува на лицата со ХИВ да водат нормален живот, но - како што нагласи претседателот - треба сите да придонесеме во борбата со стигмата и дискриминацијата.

Тој исто така упати апел до сите граѓани да се информираат и да се заштитат себеси и своите семејства, зашто превенцијата е секогаш подобар избор од лечењето. Претседателот Иванов исто така повика на поголема солидарност и поддршка за лицата кои живеат со ХИВ.

Хуманитарниот концерт, со основна цел да ја поттикне свеста за социјалната одговорност кон ХИВ, беше организиран од Х.Е.Р.А. – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, во соработка со Македонската опера и балет, а со поддршка на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, УНАИДС, приватниот сектор и медиумите. Слоганот на овогодинешното одбележување на Светскиот ден за борба против СИДА-та е „ХИВ не засега сите! Тестирај се за ХИВ! Поддржи ги лицата кои што живеат со ХИВ!“.

Сите средства, донирани преку продажба на картите за овој концерт, ќе бидат наменети за поддршка на лицата кои што живеат со ХИВ.
 

alt
Одликуван почесниот конзул на РМ во Јапонија со „Медал за заслуги за Македонија“
Четврток, 01 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов го одликуваше Почесниот Генерален Конзул на Република Македонија во Јапонија, Кијоши Мизуно со „Медел за заслуги за Македонија“, за исклучителниот придонес и несебичниот ангажман за унапредување на односите и пријателството меѓу двете земји.

Одликувањето од Претседателот Иванов беше доделено на свечена церемонија во Токио од страна на амбасадорот на Република Македонија во Јапонија со седиште во Виена, Ѓорѓи Филипов. На церемонијата, организирана по повод работната посета на владината делегација на Јапонија, присуствуваа и Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, заменик-претседателот и министер за финансии, Зоран Ставрески, како и претставници на Министерството за надворешни работи на Јапонија и  претставници на македонската дијаспора.

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 151 од 198