Претседателот Иванов во поддршка на донаторска изложба за лицата со инвалидитет
Петок, 02 Декември 2011   

altПо повод Меѓународниот ден за лицата со инвалидитет - 3 декември, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија“, со поддршка на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, организираше донаторската изложба на 67 уметнички дела создадени на ликовна колонија во април 2011 година.

Оваа изложба, уште едно сведоштво за универзалноста на уметноста, ги собра на едно место академските сликари и талентирани лица со телесен инвалидитет, кои беа дел од оваа иницијатива.

„Сликарската уметност го ангажира лицето со телесен инвалидитет целосно и ја менува неговата емоционална состојба, додека твори заборава на својата инвалидност, се појавува чувство на самостојност, самодоверба и истрајност. Тоа е мошне важно особено во процесот на рехабилитацијата која многу често е врзана со големи психички напори кои лицето со телесен инвалидитет не може бргу и одеднаш да ги совлада,“ посочи во своето воведно обраќање на отворањето на изложбата претседателот на „Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски.

Тој воедно изрази благодарност што донаторска изложба организирана по повод 25-годишниот јубилеј на сојузот, е подржана од Претседателот, д-р Ѓорге Иванов.

Уметничките дела создадени низ призмата на лицата со инвалидитет, ќе ги красат ѕидовите на сите хумани луѓе кои во нив ќе ги препознаат асоцијациите и чувствата на авторите. Еден од донаторите на оваа изложба е и претседателот Иванов, кој избра една уметничка слика, на тој начин поддржувајќи ја на дело оваа хумана иницијатива.

На вечерашната донаторска изложба беа присутни и претставници од бизнис секторот и дипломатскиот кор, како и други донатори и купувачи на уметничките слики. Средствата кои ќе бидат собрани од продажбата на сликите ќе бидат наменети за активности за поддршка на лицата со посебни потреби во рамки на Програмата за работа на „Мобилност Македонија“.
 

  Back<<Назад