Форум на Алијансата на цивилизациите во Доха – платформа за интеркултурен дијалог, развој и соработка
Недела, 11 Декември 2011   

Алијансата на цивилизациите, дијалогот меѓу цивилизациите, се токму оние нешта кои предолго ни недостигаа. Затоа, мојата земја, Република Македонија, свесна за својата уникатна реалност, подготвена е да ги сподели своите драгоцени искуства во овие области и е толку активно и посветено вклучена во овие иницијативи, истакна претседателот Ѓорге Иванов, обраќајќи се на четвртиот форум на Алијансата на цивилизациите, што денеска и утре се одржува во катарската престолнина Доха.

Говорејќи на панел дискусијата „Како културниот диверзитет влијае на развојот”, шефот на државата нагласи дека денес, повеќе од кога било, е неопходно да се организираат средби на највисоко ниво, на кои ќе може да се спознаат вредностите на нашите култури, но и предизвиците со кои се соочуваат.

Според него, со подобро меѓусебно запознавање полесно ќе се увиди дека принципите по кои се води секој човек се исти, независно од тоа од каде потекнува. - Тоа се желбата за слобода, еднаквоста, почитувањето, достоинството. Верувам дека заедништвото на луѓето ќе надвладее, истакна претседателот Иванов.

Обраќајќи се пред бројните учесници на форумот, тој додаде дека ниту една голема култура или цивилизација не се развила во изолација, туку низ постојана соработка и натпревар, но честопати и низ конфронтирање со други култури и цивилизации.

Наспроти тоа, истакна претседателот, соработката и прифаќањето на светот на различностите секојпат продуцирале трајни вредности и суштински знаења. - Нашата цел е, овде и денес, да ја реафирмираме потребата од градење нови блиски односи со другите религии и цивилизации, рече Иванов, притоа истакнувајќи дека доаѓа ново време кое бара нова парадигма.

Тој посочи дека наместо судир, потребна ни е соработка меѓу цивилизациите за што смета дека постојат услови, само треба да се искористат. - Тоа е алката која недостига, која културата ќе ја стави во функција на развојот. Тоа е алката од која сите повеќекратно ќе имаме корист. Но, до тоа нема да се дојде без акција, ангажман и посветеност, истакна македонскиот претседател кој притоа укажа и на фактот дека испуштеното во минатото, кога разни региони низ светот се стремеа кон сопствена консолидација, денес треба да се надомести со засилен интензитет.

Високиот претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН, поранешниот претседател на Португалија Хорхе Сампајо истакна дека не случајно форумот по првпат се одржува во арапска земја. Неколку месеци од почетокот на „Арапската пролет“, Алијансата на цивилизации во Доха, рече тој, ќе промовира платформа за заедничките вредности изразени низ човечкото достоинство, дијалогот, демократијата, развојот, правдата, еднаквоста, слободата и правата.

Според Шеиката Моза Бинт Насер, амбасадор на Катар во Алијансата на цивилизациите, светот минува низ значајни промени кои покажуваат дека сега, повеќе од кога и да е, е време за акција, а не за зборови. Новиот начин на размислување и иновативниот пристап, вели таа, се итно неопходни за справување со растечките предизвици во области како образованието, здравството, сиромаштијата, младите, медиумите и културата.

На форумот, кој го следат голем број светски медиуми, учествуваат шефови на држави, министри за надворешни работи, невладини организации, претставници на цивилното општество, младински организации, фондации, медиуми, научни работници и претставници на корпоративниот сектор, кои треба да придонесот овој четврти по ред состанок на Алијансата да стане пресвртна точка на оваа иницијатива.

Меѓу гостите се и генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, претседателите на Германија, Австрија, Словенија, Романија и Албанија, Кристијан Вулф, Хајнц Фишер, Данило Тирк, Трајан Басеску и Бамир Топи, Емирот на Кувајт Шеик Сабах ал Ахмед Ал Џабир Ал Сабах, како и претседателот на Обединетите Арапски Емирати Калифа бин Зајед Ал Нахјан.

Теми и цели на овој состанок на Алијансата на кој учесниците дебатираат се важноста на културниот диверзитет за развојот, промоција на доверба и толеранција за унапредување на развојните цели, како и нови стратегии за интеркултурен дијалог, разбирање и соработка.

Алијансата на цивилизациите е меѓународна иницијатива воведена од Обединетите нации во 2005 година од тогашниот генерален секретар на Светската организација Кофи Анан со спонзорство на Шпанија и Турција. Главна цел на иницијативата е развивање соработка и подобро разбирање меѓу државите и справување со поделбите, поларизацијата и екстремизмот во и меѓу општествата. Претходните три форуми се одржаа во Мадрид, Истанбул и Рио де Жанеиро.

Со учеството на претседателот Иванов на овој четврти Форум, како и учеството на тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски на сите три форуми, Република Македонија го потврдува својот активен ангажман во оваа меѓународна иницијатива. Како еден од најголемите успеси на полето на регионалната соработка и се припишува и Иницијативата од 2003 кога во Охрид се организираше првиот регионален самит Дијалог на цивилизациите. Домаќин на уште еден ваков самит во 2013 година ќе биде претседателот Иванов, кој е вклучен и во проекти во Алијансата, како што беше неодамнешниот научен симпозиум во Париз. Македонија беше организатор и на две светски религиски конференции.

  Back<<Назад