Новости
alt
Претседателот Иванов ги прими македонските победници на Светското првенство во кик-бокс
Петок, 04 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на македонската кик-бокс репрезентација кои освоија медали на Светското првенство во кик-бокс, што се одржа од 26 до 29 октомври во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје. Македонската репрезентација осови два златни, два сребрени и еден бронзен медал, сите во дисциплината кик-лајт.

 

Претседателот Иванов им честиташе на постигнатите успеси нагласувајќи дека кога младите македонски спортисти остваруваат победи, тоа е победа за сите нас и силен обединувачки елемент.

 

„На младите луѓе во Македонија им требаат позитивни примери и луѓе како вас кои се изборуваат за своите успеси. Вашиот ангажман не е само спорт, туку и стил на живот кој бара отстапки и жртви, но не заборавајте дека борците се луѓе со возвишен дух,“ им порача Претседателот Иванов на македонските кик-бокс репрезентативци.

 

Титулата светски првак ја понесоа Димитар Георгиев и Аце Георгиевски, светски вицешампиони станаа Гордана Бошевска и Маја Михајловска, а со бронза се закити Стефка Јанковска. Овие млади луѓе покрај кик-боксот, работат или студираат, и негуваат различни професионални интереси – економија, информатика, машинско и електро инженерство, безбедност. Но, остануваат посветени на спортот и активно тренираат секој ден. Заедно со директорката на македонската кик-бокс федерација и нивниот тренер, на Претседателот Иванов му подарија Плакета во знак на благодарност за неговата поддршка за развојот и унапредувањето на спортот во Република Македонија.

 

На Светското првенство во кик-бокс учествуваа 1.200 натпреварувачи од над 60 земји од светот. Досега во Република Македонија биле организирани и Балканско и Европско првенство. Од Македонската кик-бокс федерација најавуваат дека во иднина ќе конкурираат некое од наредните светски првенства во кик-бокс повторно да се организира во нашата земја.

alt
Претседателот Иванов во Хрватска го посети местото каде е погребан Панко Брашнаров
Вторник, 01 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска, во рамки на официјалната посета на Република Хрватска, положи венец на загребските гробишта Мирогој, на местото каде што е закопан револуционерот и потпретседател на Президумот на АСНОМ, Панко Брашнаров.

Со овој симболичен чин, за првпат македонска делегација оддаде почит на еден од основоположниците на македонската држава, по официјализирањето во јавноста на локацијата каде Брашнаров бил закопан по смртта како политички затвореник на Голи Оток.

„Наша желба е навистина човекот кој го отвори АСНОМ и ја прогласи слободата на новата држава, да го добие тоа што му припаѓа и неговите коски да бидат донесени во земјата за која го дал животот,“ изјави претседателот Иванов, додавајќи дека надлежните институции треба да проценат кои можности им стојат на располагање за да се изврши ексхумација на посмртните останки.

„Низ  нашата историја сме имале многу трауми и мачни периоди во кои не сме можеле да им обрнеме внимание на нашите великани. Сега е моментот, како независна држава, на некој начин  да им се оддолжиме за тоа за што се бореле и гинеле, односно со еден гест барем коските да им бидат вратени во татковината,“ нагласи претседателот Иванов, посочувајќи дека  оддавањето почит кон Брашнаров се совпадна со Денот на мртвите, католичкиот верски празник што денеска се чествува во Хрватска.

Локацијата на посмртните останки на Брашнаров се официјализира  по истражувачка новинарска сторија, за македонскиот претседател упати благодарност и апел и за други такви иницијативи.

Претседателот Иванов денеска имаше средба и со претставници на македонската заедница во Хрватска, која годинава одбележува две децении организирано делување воalt зачувување на националниот идентитет и промовирање активности за напредок на околу 5.000 Македонци во Хрватска.

Заедницата на Македонците презема активности да отвори дополнителна настава на македонски јазик во сите поголеми градови каде има македонско малцинство. Деновиве тоа ќе се овозможи и во училиште во Вуковар, со што над 100 деца ќе го изучуваат македонскиот јазик како дополнителен предмет. Една од најсилните катедри по македонски јазик во овој дел на Европа е на Филозофскиот факултет во Риека.
 
Македонскиот претседател денеска оствари средба и со претставници на хрватски фирми присутни на македонскиот пазар, пред кои во Хрватската стопанска комора ги претстави можностите за инвестирање во Македонија и за зголемување на економската соработка.

„Традиционално одличните политички односи меѓу Македонија и Хрватска треба да се пресликаат во економските, преку поголема трговска размена и повеќе инвестиции,“ порача претседателот Иванов. Најголеми потенцијали за соработка меѓу двете земји, според него, има во преработувачката индустрија и земјоделството. Една од можностите за соработка, е заеднички настап на трети пазари на македонски и хрватски фирми. Како пример, претседателот Иванов го посочи катарскиот пазар каде може да учествуваат македонски и хрватски градежни фирми.

Трговската размена меѓу Македонија и Хрватска лани изнесуваше околу 200 милиони евра, со благ суфицит на македонска страна. Во првите осум месеци од годинава таа изнесува 185,6 милиони долари, што претставува раст од 24 проценти во однос на истиот период лани.
 

alt
Билатералните спорови да не ја попречуваат интеграцијата во ЕУ – средба со хрватскиот претседател Јосиповиќ
Понеделник, 31 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој престојува во официјална дводневна посета на Република Хрватска, денеска во Загреб оствари средба со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ. Двајцата претседатели оценија дека односите меѓу двете држави се на одлично ниво, но постои уште многу простор за соработка во економијата, меѓу другото преку инфраструктурно поврзување, раст на трговската размена.

 

Претседателот Јосиповиќ порача дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија во евроатлантските интеграции и како идна членка на ЕУ нема да поставува пречки на патот на Македонија без оглед на отвореното билатерално прашање со Грција. Шефот на македонската држава побара Јосиповиќ да се заложи за примена на позитивниот пример во надминувањето на хрватско-словенечкиот спор во решавањето на македонскиот билатерален спор со Грција.

 

„Со примената на тој позитивен пример би можело паралелно да се одвиваат и преговорите со Европската унија и решавањето на прашањето за името,“ истакна претседателот Иванов, изразувајќи уверување дека Европската комисија ќе го прифати тој модел.

 

Неговиот колега Јосиповиќ изрази поддршка за натамошните македонски интеграции и оцени дека билатералните проблеми не смеат да влијаат во индивидуалниот пат на која било држава кон ЕУ. Како иден член на ЕУ и прозорец преку кој ќе се решаваат регионалните проблеми, Јосиповиќ вети помош за сите земји во регионот.

 

„Ставот на Хрватска е дека билатралните проблеми не смеат да влијаат на индивидуалниот пат на ниту една држава кон ЕУ и сигурно нема да го условува патот на своите соседи, a Македонија ја сметаме како еден од нив. Постојано ќе даваме поддршка и верувам дека и по изборите во Хрватска, без оглед кој ќе победи, ќе продолжи примената на оваа политика,“ нагласи хрватскиот претседател.

 

Претседателот Иванов одговарајќи на новинарско прашање во однос на изоставувањето на придавката ’македонски’ во последниот Извештај на Европската комисија, оцени дека ЕК со последниот Извештај отвори сомнеж во искрените намери на самата Унија, но и на Грција со оглед на фактот што Грција како единствен проблем го потенцираше името на нашата држава во рамки на Обединетите нации. Тој истакна дека македонското општество упати силна реакција до ЕК затоа што со бришењето на придавката македонски се посегнува по најчувствителното нешто за секој народ.

 

„Сметаме дека со овој чин ЕК зазема страна и не постапува во согласност со принципите кои ги гради ЕУ и кои треба да важат за сите. Јазикот е духовна татковина на еден народ.  Бараме од ЕУ да се однесува европски бидејќи во нивните документи и стандарди постои македонскиот јазик. Инаку парадоксално е тогаш на кого се однесува извештајот, односно на кое население и на кој јазик зборува тоа население на кое се однесува тој извештај,“ посочи македонскиот претседател.

 

Претседателот Иванов на средбата со хрватскиот колега Јосиповиќ побара поддршка и за вклучување на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива, како постојана членка, а не како набљудувач. Според Јосиповиќ,  политичката компонента која е полесна веќе е решена, а останува да се надмине економската.

 

Во присуство на двајцата претседатели, министрите за правда на Македонија и на Хрватска Блерим Беџети и Дражен Бошњаковиќ, потпишаа Договор за екстрадиција. Со него Македонците кои имаат хрватски пасош веќе нема да бидат недостапни за законот на хрватска територија.

 

Претседателот Иванов денеска се сретна и со потпретседателот на хрватскиот Сабор, Владимир Шекс и со министерот за надворешни работи, Гордан Јaндроковиќ. Планирани се средби и со претставници на хрватските фирми кои имаат претставништва во Македонија, меѓу кои „Агрокор“, „Виндија“, „Краш“, „Кроација ерлаинс“.

 

На вториот ден од посетата на Загреб предвидено е претседателот д-р Ѓорге Иванов да се сретне со претставници на македонската заедница во Хрватска, како и да го посети местото каде што почива Панко Брашнаров. 

alt
Спортот има моќ да ги поврзува луѓето и нациите – Форум за мир и спорт во Монако
Среда, 26 Октомври 2011

Спортот има моќ да сплотува,  да го гради принципот на почит кон противникот и фер играта, принципи кои особено денес им се потребни на политичките и бизнис елитите на глобален план. За сите нас ќе биде подобро ако овие спортски принципи се доминантни и во останатите сфери, порача вечерва претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на свеченото отворање на Петтиот меѓународен форум „Мир и спорт“ 2011, што под покровителство на принцот Алберт II од Монако се одржува во Монте Карло.

Претседателот Иванов, еден од главните говорници на свеченото отворање на Форумот, нагласи дека  преку спортот се гради позитивно однесување кај луѓето, се создаваат посветени поединци, кои токму преку него можат да придонесат за мирот.

„Од самиот почеток на човештвото, спортот, сфатен како натпревар на човечкиот дух, волја и физичка сила, се смета како замена за војна. Денеска, овде, на овој форум, спортот не го сфаќаме како замена за војна, туку како пат кон мирот.  Преку неговата моќ да привлече, мобилизира и инспирира поединци, заедници и држави, спортот ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност,“ истакна македонскиот претседател на отворањето на форумот, на кој беше претставен со уставното име на земјата – Република Македонија.

Тој исто така посочи на моќта која ја има спортот да ги поврзува луѓето и нациите, да ги научи младите дека нема кус пат кон успехот, зашто за него е потребна волја, упорност и работа.

Како потврда на ставот за моќта на спортот во сплотувањето, македонскиот претседател наброи неколку успеси на македонските спортисти, меѓу кои и последниот успех на македонската кошаркарска репрезентација на европското првенство, кои како што рече, ги направија горди сите македонски граѓани и ги обединија сите заедно во успехот.

„Затоа секој успех во спортот нè мотивира и натаму да инвестраме во него, не само како во физичка активност туку како начин на градење на позитивно однесување, посветени поединци кои преку спортот можат да придонесат за мирот,“ истакна претседателот Иванов, кој притоа потсети на забрзаното и зголемено инвестирање во спортот, спортските објекти и инфраструктура во Македонија.

Претседателот уште додаде дека во спортот, како и во мирот, индивидуалното достигнување може да биде одлучувачко и може да го промени крајниот резултат, како што делата на посветена група поединци може да спречи избувнување на конфликт или да запрат постоечки.

Како најава на обраќањето на претседателот Иванов, пред присутните беше емитувана кратка видео порака на младиот кошаркар Огнен Стојановски, во кое тој зборува за обединувачката моќ на спортот, моѓта да мотивира и да инспирира за подобрување.

На свеченото отворање на Форумот, се обратија и унгарскиот претседател Пал Шмит, кралот Летси III од Лесото, претседателот на Република Бурунди Пјер Нкурунзиза, како и Жоел Бузу основач и претседател на Организацијата за мир и спорт.

Меѓународниот форум за мир и спорт, инициран во 2007 година, има цел да придонесе кон одржување и негување на мирот во светот преку спортот, односно поттикнување на соработка и размена на искуства во насока на креирање конкретни иницијативи преку кои спортот ќе биде ставен во функција на мирот.

Досегашната успешност на форумот се должи на учеството на високи претставници од сферите на политиката, спортот, приватниот сектор, меѓународните организации и граѓанското општество, кои доаѓаат од сите страни на светот и кои се посветени на преземање активности за остварување на оваа цел. 

 

alt
Објавен конкурсот за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за студирање на Сити Колеџот во Солун
Вторник, 25 Октомври 2011

Врз основа на Протоколот за соработка за доделување на стипендии „Борис Трајковски“ потпишан во Скопје на 21 октомври, 2011 година од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Министерството за образование и наука на Република Македонија и СИТИ Колеџ, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот Шефилд од Велика Британија, лоциран во Солун, Грција, Министерството за образование и наука распишува:

 

К    О    Н     К    У   Р     С

ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ  СТИПЕНДИИ  „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ЗА СТУДИИ ОД 

ВТОР ЦИКЛУС  ЗА ИЗВРШНАТА МБА ПРОГРАМА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ШЕФИЛД ЗА АКАДЕМСКАТА  2011/2012 ГОДИНА

 

 

Уписнина за 20 студенти за вонредни двегодишни студии од II (втор) циклус во рамки на Извршната програма за бизнис администрација МБА, насоки за: 

 

- Општ менаџмент 

- Маркетинг

- Финансии

- Логистичка поддршка

- Менаџмент во здравството

 

На овој Конкурс може да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис менаџери вработени во компании од приватниот и јавниот сектор. 

 

Средствата за уписнина ја обезбедуваат делумно Владата на Република Македонија (50%) и делумно СИТИ Колеџот, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот Шефилд (50%).

 

Извршната МБА програма е предвидено да се реализира за време на еден викенд во месецот, во Солун, Грција. Студентите не треба да живеат во Грција, туку ќе треба да престојуваат во Солун само за време на овие викенди. Стипендиите ги покриваат само средствата за уписнина. Останатите средства (патни трошоци, сместување и други животни трошоци) се на товар на кандидатот.

 

УСЛОВИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ:

 

 Кандидатите кои ќе конкурираат треба да ги исполнуваат следните услови:

 

- Да имаат завршено академски универзитетски студии од прв циклус  со  постигнат просечен успех од најмалку 8,00. 

- Да имаат работно искуство од минимум 3-5 години; 

- Да имаат одлично познавање на англискиот јазик ( TOEFL сертификат со резултат 575 или IELTS со резултат 6,5 или нивен еквивалент). Кандидатите кои имаат завршено средно/високо образование на англиски јазик не се обврзани да приложуваат ваков сертификат. Кандидатите кои не поседуваат еден од горенаведените сертификати, ке бидат тестирани од страна на СИТИ Колеџот. Тестирањето ќе се одржи во просториите на Министерството за образование и наука (сала – 8-ми кат), на 08 ноември 2011 година.

- На денот на пријавувањето кандидатите да  се постари од 25 години.

                         

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:

 

(1) Пријава (објавена на web страната на Министерството за образование и наука: www.mon.gov.mk);

(2) Пополнет формулар за аплицирање (објавен на web страната на Министерството за образование и наука: www.mon.gov.mk);

(3) Судски превод на англиски јазик од дипломата за завршени академски студии од прв циклус и од уверението за положени испити со оценки и просечен успех, заверени на нотар;

(4) Фотокопија од сертификатот за познавање на англиски јазик заверена на нотар;

(5) Една писмена препорака (во запечатен и потпишан плик на задната страна);

(6) Биографија на англиски јазик;

(7) 4 фотографии (со големина на пасош).

 

ИЗБОР НА КАНДИДАТИТЕ:

 

Изборот на кандидатите ќе  се изврши  од страна на  заедничка Комисија составена од по еден  претставник на потписниците на Протоколот, во согласност со критериумите на Универзитетот Шефилд и законските прописи на Република Македонија. Интервјуто со кандидатите ќе се одржи на 09 и 10 ноември 2011 година, според временски распоред за кој кандидатите ќе бидат дополнително известени.

Сите докумети се приложуваат во три (3) примероци (еден оригинал и две фотокопии).

 

Краен рок за пријавување: 07 ноември 2011 година до 16:00 часот.

            

Документите да се достават на адреса: 

 

Министерство за образование и наука, ул.„Мито Хаџи-Василев Јасмин“ бб (зграда на Нова Македонија, Архива-приземје), 1000 Скопје

                                                                          

Апликационата форма, како и сите дополнителни информации може да се најдат на веб страната на Министерството за образование и наука: www.mon.gov.mk (документи/конкурси) или на телефоните: 3140 182 и 076/485 079. 

 

Лице за контакт: Јулијана Балевска, Сектор за наука и технолошки развој 

alt
Проблемите на Балканот треба да се решаваат со дијалог – средба со претседавачот на Босна и Херцеговина Комшиќ
Понеделник, 24 Октомври 2011

Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, денес во рамки на дводневната официјална посета на Република Македонија, оствари средба со претседателот д-р Ѓорге Иванов. На средбата двајцата соговорници заклучија дека политичките и економските односи меѓу двете земји се одлични и без отворени прашања. Тие разговараа и за состојбите во регионот и за прашањата кои се во интерес на двете земји, како и за економската соработка и внатрешните проблеми со кои се соочуваат.

 

И двајцата претседатели нагласија дека проблемите на Балканот треба да се решаваат единствено преку дијалог.

 

„Секој проблем на просторите на Балканот мора да се решава преку дијалог и да се наоѓа решение кое ќе биде во прилог на мирот и конечно мирот да завладее во целиот регион. Некогаш во дијалогот има застој, меѓутоа не смее никогаш да се блокираат процесите кои се почнати и кои преку дијалог доаѓаат до свое решение,“ порача претседателот Иванов одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по средбата.

 

Со неговиот став се согласи и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцегоина Комшиќ, кој истакна дека од поновата историја може да се научи дека било кој вид на конфликт на просторите на Балканот мора да заврши со дијалог, кој е единствениот прав пат и единствениот излез од конфликтот

 

На прашањето дали се можни прекројувања на границите на Балканот, Комшиќ нагласи дека според него процесот на цртање на границите на Балканот е завршен.

 

„Секое повторно отворање на ова прашање неизбежно води во некој вид на конфликт. За жал на овие простори тоа нема да значи политички конфликт, туку вооружен. Прашањето на цртање на нови граници на нашите простори е многу сериозно и секој кој ќе го покрене директно може да предизвика нов конфликт,“ истакна Комшиќ потсетувајќи на 90-тите години од минатиот век кога прашањето за повлекување на нови граници предизвика проблеми во сите земји од регионот.

 

Босанскиот претседавач со претседателството посочи дека Балканот може да плати многу висока цена ако на било кое место во регионот се постави прашањето за цртање на нови граници.

 

„Се надевам дека цртањето на нови граници е завршена приказна на Балканот. Обидот за прекројување на границите и создавање на исклучиво етнички простори, и на таков начин формирање на држави, на сите им носи лошо и проблеми. Тоа треба да го оставиме зад себе и да гледаме на индината,“ истакна Комшиќ.

 

Македонскиот претседател, пак, порача дека нашиот регион веќе влезе во процес кој е незапирлив и чија цел е релативизирање на границите.

 

„Сите земји на Балканот имаат стратешка цел да бидат членки на НАТО и на Европската унија. Ако моментално има одреден застој поради внатрешните проблеми во Унијата тоа не значи дека сме се откажале од нашите стратешки цели. Проблемите во Унијата кои се резултат на економската криза ни оставаат простор да ги задоволиме критериумите кои ни се зададени за полесно да влеземе во ЕУ,“ порача претседателот Иванов.

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 153 од 198