Новости
alt
Претседателот Иванов му додели Орден за заслуги за Македонија на Турскиот театар - Скопје
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска додели „Орден за заслуги за Македонија“ на Националната установа Турски театар-Скопје, за исклучителните резултати во долгогодишната дејност во областа на драмската уметност, значајниот придонес во градењето на мултикултурата во македонското опшество, како и за развојот и за унапредувањето на пријателските односи и соработката меѓу Македонија и Турција.

„Овој орден е наш аплауз за сите комедии, трагедии, сите антички и современи драми кои ни ги претставивте. Но, признанието претствува и охрабрување да продолжите да творите, да ја негувате уметноста, која не познава јазици, граници и поделби. Уметноста е една и универзална, а вие сте дел од неа,“ им порача претседателот Иванов на претставниците на Турскиот театар на свечената церемонија.

Тоа што нè прави исклучително горди, нагласи претседателот Иванов,  е што долгогодишната плодна работа на Турскиот театар најдобро покажува дека во Македонија постои почитување на сограѓанинот и вклучување на најдоброто од вредносниот систем на другиот.

„Тоа е моќта на оваа наша земја, која од секое свое чедо бара да биде толерантно и да ја почитува културата на другите. Впрочем, за тоа зборува и фактот што Турскиот театар во Македонија е првиот и се уште единствен професионален театар во Европа, кој твори на турски јазик надвор од Република Турција,“ истакна претседателот Ѓорге Иванов.

Директорот на Турскиот театар - Скопје, Атила Клинче, го сподели видувањето дека Орденот за заслуги за Македонија, како највисоко признание во долгогодишната историја на Театарот, претставува голема чест и бесценета мотивација за сите генерации уметници кои минале низ Турскиот театар.

Турскиот театар Скопје годинава бележи 60 години постоење. Досега е добитник на многу награди во земјава и странство, меѓу кои десеттина награди за режија, за најдобра машка и женска улога, за најдобар млад актер, наградите „13 Ноември“, „11 Октомври“и многу други.

alt
Средба со претставници од Бошњачката етничка заедница во Република Македонија
Среда, 05 Октомври 2011
alt
Средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Словенија
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Словенија генерал-мајор Алојз Штеинер. 


Водечка тема на разговор беше соработката на македонската и словенечката армија, како и можностите за нејзино проширување и унапредување. Соговорниците заклучија дека соработката помеѓу двете армии е на високо ниво, што се демонстрира и со билатералната воена вежба „Предизвик 2011“ која ќе почне утре на армискиот полигон „Криволак“.

Според началникот на ГШ на словенечката армија Штеинер, и двете војски се соочуваат со исти предизвици, како што е модернизацијата на армиите, и преку интензивната соработка која трае веќе 15 години, и двете страни имаат можност да разменуваат практики и искуства, но можат и многу да научат.

Претседателот Иванов изрази задоволство од силната поддршка на Република Словенија за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ, како и активното користење и промовирање на полигонот Криволак како Регионален центар за обука. Тој воедно изрази надеж дека соработката меѓу двете пријателски земји со несмален интензитет ќе продолжи и во иднина.

На средбата присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-мајор Горанчо Котески и министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими.

alt
Претседателот Иванов го одликува Симон Трпчески со титулата „Национален уметник на Република Македонија“
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на пијанистот Симон Трпчески му ја додели титулата „Национален уметник на Република Македонија“. Ова признание во Република Македонија се доделува првпат.


На денешната свеченост претседателот Иванов посочи дека Трпчески преку клавијатурата ја прославил Македонија во светот, докажувајќи дека е земја на извонредни уметници.

„Прогласувајќи го Трпчески за прв национален уметник, воедно ја искажуваме нашата посветеност кон уметноста и трајните вредности на музиката. Уметноста не препознава поделби и е најголемиот архитект на соживот и заедничката иднина меѓу народите и заедниците. Уметниците биле, се и ќе бидат најзначајните гласници на мирот, толеранцијата и разбирањето. Низ уметноста тие ги надминуваат сите граници и недоразбирања и невозможното го прават возможно,“ нагласи претседателот Иванов додавајќи дека со прогласувањето на Трпчески за национален уметник, ние всушност го праќаме во мисија на поврзување и градење пријателства во Македонија, но и меѓу земјата и светот.

„Македонија е мајка која отсекогаш давала големи луѓе кои го менувале светот, кои просветлувале, создавале и оставале трајни вредности. Горди сме што еден од тие големи синови на Македонија е нашиот драг Симон Трпчески,“ додаде претседателот Иванов.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека со оваа титула, по примерот на многу држави од Европа и светот, трајно се вреднува и бележи влогот на Трпчески кој остварил врвна комуникација со културните случувања насекаде, притоа не заборавајќи ја Македонија, своите македонски корени и својата публика. 

Трпчески наградата ја посвети на своето семејство. Во жешкиот месец август, како што рече во своето обраќање, бил дома и многу вежбал.

„Колку само пот се излева во таква макотрпна работа за едно уметничко дело да излезе на виделина, пред илјадиници луѓе со голема одговорност, но и гордост. Не беше ни малку лесен мојот пат да стигнам до ова. Низ трње до ѕвездите. Растев во скромно семејство, во топла атмосфера, во многу тесен простор, опкружен со најшироките срца на светот, со многу љубов и песна. Мојот музички талент го наследив од мојот татко, тој беше оној кој најмногу веруваше во мојот успех и од самиот почеток визионерски ги предвидуваше работите. Затоа и со таков жар се трудеше да ми овозможи да напредувам. Оваа награда всушност би била негова огромна сатисфакција,“ истакна Симон Трпчески.

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 156 од 198