Претседателот Иванов му додели Орден за заслуги за Македонија на Турскиот театар - Скопје
Среда, 05 Октомври 2011   

alt

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска додели „Орден за заслуги за Македонија“ на Националната установа Турски театар-Скопје, за исклучителните резултати во долгогодишната дејност во областа на драмската уметност, значајниот придонес во градењето на мултикултурата во македонското опшество, како и за развојот и за унапредувањето на пријателските односи и соработката меѓу Македонија и Турција.

„Овој орден е наш аплауз за сите комедии, трагедии, сите антички и современи драми кои ни ги претставивте. Но, признанието претствува и охрабрување да продолжите да творите, да ја негувате уметноста, која не познава јазици, граници и поделби. Уметноста е една и универзална, а вие сте дел од неа,“ им порача претседателот Иванов на претставниците на Турскиот театар на свечената церемонија.

Тоа што нè прави исклучително горди, нагласи претседателот Иванов,  е што долгогодишната плодна работа на Турскиот театар најдобро покажува дека во Македонија постои почитување на сограѓанинот и вклучување на најдоброто од вредносниот систем на другиот.

„Тоа е моќта на оваа наша земја, која од секое свое чедо бара да биде толерантно и да ја почитува културата на другите. Впрочем, за тоа зборува и фактот што Турскиот театар во Македонија е првиот и се уште единствен професионален театар во Европа, кој твори на турски јазик надвор од Република Турција,“ истакна претседателот Ѓорге Иванов.

Директорот на Турскиот театар - Скопје, Атила Клинче, го сподели видувањето дека Орденот за заслуги за Македонија, како највисоко признание во долгогодишната историја на Театарот, претставува голема чест и бесценета мотивација за сите генерации уметници кои минале низ Турскиот театар.

Турскиот театар Скопје годинава бележи 60 години постоење. Досега е добитник на многу награди во земјава и странство, меѓу кои десеттина награди за режија, за најдобра машка и женска улога, за најдобар млад актер, наградите „13 Ноември“, „11 Октомври“и многу други.

  Back<<Назад