Новости
alt
Претседателот Иванов на децата со оштетен вид им подари современи алатки за учење на Брајовата азбука
Среда, 30 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес го посети државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и на учениците им донираше современи наставни алатки за изучување на Брајовата азбука.

Овие наставни помагала, како што нагласи претседателот Иванов, ќе им овозможат на децата со оштетен вид полесно и поефективно да ја совладаат Брајовата азбука.  Тој  при денешната посета на училиштето ги увиде условите во кои учат и наставните препреки со кои се соочуваат лицата со оштетен вид во совладување на материјата.

Разбирајќи ја нивната желба за нормално детство и напредок како и сите останати, претседателот Иванов ги охрабри да ги развиваат своите таленти и да не дозволат нивниот потенцијал да остане нереализиран поради физичкиот хендикеп. Да продолжат во животот да се борат за своите соништа со полна сила и ентузијазам и да постигнуваат успеси.alt

„Овие лица имаат големи способности, и иако природата им одзела едно сетило, им дала талент за поголемо развивање на другите сетила,“ истакна претседателот, кој денес имаше прилика да поразговара и со најмалите деца од основно училиште, и со средношколците кои овде специјализираат физиотерапија, графичка обработка на повези, или во смерот за телефонски оператори.

Претседателот Иванов упати апел до бизнисмените и сопствениците на фирми да имаат предвид поактивно вработување на лицата со оштетен вид и на тој начин да ги поддржат во напорите да водат нормален и продуктивен живот, со поголемо интегрирање во секојдневните општествени текови.

Директорот на училиштето, Лазар Трпчевски, изрази благодарност за посетата на претседателот Иванов, нагласувајќи дека училиштето прв пат го посетува претседател на државата од неговото основање во 1954 година.

Учениците од „Димитар Влахов“ во чест на Претседателот подготвија приредба, на која ги покажаа своите извонредни таленти за музика и инструменти.

alt
Претседателот Иванов засади дрво за еколошки чист Велес во рамки на акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“
Вторник, 22 Ноември 2011

Во поддршка на осмата по ред еколошка акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“, денес претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, заедно со сопругата Маја, синот Иван и организаторите на манифестацијата, засадија чемпреси во Градскиот парк во Велес.

„Ова е наш семеен придонес за нашата иднина преку акцијата ’Ден на дрвото’. Ги поддржуваме велешани во сите нивни активности спроведени за животната средина. Ако во минатото бил слушнат нивниот глас, немало да дојде до вакви еколошки катастрофи и штетни последици по здравјето на неговите жители,“ изјави претседателот Иванов и додаде дека граѓанските иницијативи кои се насочени кон општо добро секогаш ќе ја имаат неговата поддршка.

Претседателот истакна дека акцијата „Ден на дрвото“ е препознатлив симбол не само за Македонија, туку и пошироко во регионот, каде сè почесто се покренуваат слични иницијативи. Тој ја нагласи неопходноста секој поединец да почне да делува еколошки, на локално ниво  и колку што може да придонесе за зачувување на животната средина.

Во однос на поддршката што им ја даде на велешани против рестартирање на „Топилницата“, претседателот Иванов истакна дека ништо не е поважно од здравјето на граѓаните.

„Јас ги поддржав велешани и понатаму ги поддржувам затоа што ништо не е поважно од здравјето  на граѓаните. Покрај чистиот воздух потребно е чистење и на почвата. На ред се експертите, тие ќе препорачаат што понатаму. Жално е на идните поколенија да им оставиме ваква загадена почва,“ нагласи Претседателот.alt

Според претседателот, економскиот развој на Велес може да се насочи и во многу други сфери кои нема да произведат сериозни последици по здравјето на граѓаните. Тој истакна дека на средбите со политичари и бизнисмнеи во странски земји, како и на бизнис форумите на кои присуствува, ги презентира сите потенцијали и можности за инвестирање во Македонија.

„Да се надеваме дека дел од тие инвестиции ќе ги видиме и во Велес. Единствен начин да бидеме конкурентни на пазарот на трудот во време на економска криза, е да понудиме потенцијал и квалитет,“ истакна претседателот Иванов.

Сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова, која исто така засади дрвце во знак на поддршка акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“, истакна дека оваа акција придонесува во израснувањето здрави здрави потомци и здрави идни генерации.

„Нема ништо повредно од човечкиот живот, од здрави поколенија. и Среќна сум што оваа година семејно сме во Велес каде и младо и старо застана против загадувањето,“ изјави г-ѓа Иванова и додаде дека не е потребна ниту една мајчина солза за болно дете.

Ова е вторпат претседателот Иванов да засади дрвце во Велешко. Првпат тоа го направи во 2009 година кај велешкото езерото „Младост‘‘.

alt
Универзитетот на Југоисточна Европа одликуван со Орден за заслуги за Република Македонија
Петок, 18 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод десетгодишното постоење, го одликува Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово со Орден за заслуги за Македонија.

Првата јавно-приватна високообразовна установа  во Македонија, со доминантна настава на албански јазик, е формирана пред една деценија на иницијатива на Макс ван дер Штул, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства и поранешен министер за надворешни работи на Холандија, кој почина оваа година. Затоа неформално Универзитетот по него се именува и Штулов.
 
„Формиран во еден за Македонија турбулентен период, верувам дека овој универзитет ги оправда очекувањата на идејниот татко, покојниот Макс ван дер Штул. Но, уште поважно, ги оправда и надмина очекувањата на македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество... Од самиот почеток беше еден од примерите и двигателите на реформите во високото образование  во согласност со принципите на Болоњската декларација,“ истакна претседателот Иванов кој одликувањето му го врачи на ректорот на УЈИЕ Замир Дика.

Шефот на државата посочи дека овој универзитет стана силен промотор на толеранцијата, почитувањето на мултијазичноста, културниот диверзитет во наставата и научното истражување, развивајќи студиски програми со меѓународна перспектива, и дека со тоа значајно придонесе во напредокот на научната мисла и меѓуетничкото разбирање.

Ректорот Дика изрази благодарност за одлуката на претседателот Иванов да го одликува УЈИЕ, нагласувајќи дека со тоа тој покажа  интелектуална смелост,  чесност и чувство за визија.

„Нетипичноста на оваа институција призлегува од начинот на основање на УЈИЕ, кој имаше огромна финансиска и интелектуална поддршка од САД, од Европската комисија и од други држави, од луѓе со визија да основаат високообразовна институција која не само што ќе го промовира албанскиот јазик во високото образование, туку ќе биде можност и за образование на македонски и на англиски јазик преку студиски програми и во услови кои со гордост може да ги споредиме со највисоките европски и американски стандарди,“ истакна ректорот Дика.

Согласно со тогаш усвоениот закон за основање универзитети со недржавно финансирање, во ноември 2001 Универзитетот почна со работа со околу 900 запишани студенти. Денес има околу 8.000 студенти и 5.000 дипломирани,  100 доктори на науки и магистри, пет факултети со 17 додипломски и 19 постдипломски програми. Од 2008 година УЈИЕ има и дисперзирани студиски програми во Скопје.

alt
Иванов во Париз ја отвори „Евлија Челеби - отомански патник“ - изложба на богати сведоштва и рефлексии за едно време
Понеделник, 14 Ноември 2011

Евлија Челеби не само што патувал и набљудувал, туку запишувајќи ги своите мислења, погледи и перцепции за светот, ни овозможи денес, на оваа престижна изложба во Париз, како митската птица Феникс пред нашите очи да воскресне светот во кој живеел и патувал - со оваа мисла вечерва претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја отвори изложбата „Евлија Челеби - отомански патник“.

Организатори на изложбата се Институтот на Арапскиот свет во Париз, заедно со УНЕСКО и Националниот Институт за ориенатални јазици и култури-ИНАЛКО.

„Патописецот Евлија Челеби придонесе кон градењето разбирање меѓу народите, културите и цивилизациите кои ги посети... Неговите записи се значајни извори, не само за историјата и географијата, туку и за етнографијата, антропологијата, економијата, архитектурата, литературата и многу други области,“ истакна Претседателот во своето обраќање, додавајќи дека е почестен што токму нему му припадна можноста да ја отвори изложбата посветена на Челеби - човекот кој во наследство ни ги остави цивилизациските траги за нашето минато.

„Верувам дека изложените експонати осветлуваат дел од неговите богати сведоштва и рефлексии за едно време,“ посочи претседателот Иванов.

Тој исто така потсети дека Република Македонија е активен член на групата пријатели на Алијансата на цивилизациите, при што посветува големо значење на дијалогот меѓу цивилизациите. Претседателот во овој контекст го изрази своето уверување дека само со дијалог луѓето повторно ќе го откријат богатството на различностите, на културната размена и на соработката.

„Токму културната и религиската разновидност на Република Македонија, претставува извор на голем креативен потенцијал и мост кон заемното разбирање, почит и соживот. Не случајно Македонија во 2003 година беше иницијатор на Самитот посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите одржан во нашата духовна престолнина, Охрид, под раководство на големиот визионер и мој претходник, претседателот Борис Трајковски,“ нагласи претседателот д-р Ѓорге Иванов.

alt„Доказ за важноста на оваа тема е фактот што, од тогаш до денес, овој тип состаноци иницирани од мојата земја, редовно се одржуваат во нашиот регион со поддршка на УНЕСКО и Советот на Европа,“ посочи претседателот додавајќи дека историјата е најдобриот предвесник на она што ќе се случува во иднината.

„Затоа, на 10-годишнината, во 2013 година, ќе бидам домаќин на Самитот посветен на оваа тема,“ најави македонскиот претседател.

Тој во своето обраќање на свеченото отворање на изложбата, се осврна на кратко и на значењето на делото на Евлија Челеби, чии погледи понекогаш се обременети со предрасуди својствени за неговото време и неговата позиција како османлиски дворјанин, државен и верски службеник, но сепак, како што посочи претседателот, ни овозможуваат да го спознаеме неговиот и воопшто, османлискиот поглед на светот во 17 век.

Претседателот Иванов идната година ќе биде покровител на манифестацијата посветена на Евлија Челеби, што ќе се одржи во МАНУ.

Покрај оваа изложба, францускиот Национален институт за ориенатални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) организира Научен симпозиум посветен на Челеби. На овој меѓународен симпозиум претседтелот Иванов е придружуван од претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Георги Старделов, како и академик Камбовски и професорот Аруч.

alt
Средба со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова во Париз
Понеделник, 14 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Париз имаше средба со генералнот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, на која разговараа за тековните и идните активности и проекти во соработка со светската организација за образование, наука и култура. Средбата на шефот на државата со Бокова следува по неодамнешнит избор на  Република Македонија за член на Извршниот одбор на УНЕСКО, кој е негов највисок орган.
   
Генералнот директор на УНЕСКО Бокова изрази очекување Македонија да придонесе во напорите на УНЕСКО да се соочи со сериозните предизвици. „УНЕСКО како и многу институции се соочуваат со многу предизвици во овој период, така да и ние како членка на Извршниот одбор на организацијата имаме одговорност да придонсеме во изнаоѓање на решенија во овие времиња со големи предизвици,“ изјави претседателот Иванов по средбата.

Претседателот Иванов и Бокова разговараа и за Самитот „Дијалог на цивилизациите“ што во 2013 година повторно ќе се одржи во Македонија, десет години откога на иницијатива на покојниот претседател Борис Трајковски, првиот ваков самит беше одржан во Охрид во 2003 година.

„УНЕСКО го поддржа проектот за дијалог меѓу цивилизациите, што го започна мојот претходник, Претседателот Борис Трајковски, и тој ги дава резултатите. Тој таканаречен Охридски процес придонесе лидерите од Источна Европа да се среќаваат и да организираат дебати за прашања кои се од заеднички интерес за целиот регион, од сферата на културата, уметноста. традицијата. За тоа и разговаравме со Госпоѓата Бокова - има момент кога треба да преминеме во една повисока квалитативна фаза, да придонесеме таа комуникација која е поддржана од УНЕСКО и од Советот на Европа, на некој начин да се зголеми и да придонесе за она што го оставаме за идните поколенија,“ истакна претседателот Иванов изразувајќи надеж дека во втората декада ќе се направи квалитетен исчекор, односно реализација на регионални проекти со конкретни акции.

Тој исто така изрази очекување фокусот во иднина да биде ставен на подготовка и едукација на млади лидери од југо-источна Европа, во секоја општествена сфера, зашто токму идните лидери на регионот се оние кои треба да ја искористат позитивната клима која веќе се создава со овој процес.

Генералната директорка на УНЕСКО Бокова ја поддржа инцијативата на претседателот Иванов и ја прифати поканата да ја посети следната Школа на млади лидери, која во Македонија ќе се одржи по трет пат под покровителство на Претседателот.alt

На денешната средба во Париз, претседателот Иванов и Ирина Бокова разменија и  мислења за кандидатурите што Република Македонија ги има поднесено во УНЕСКО во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство, поддршка за повисоко етаблирање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИС), за неолитската опсерваторија Кокино, и за други проекти. Претседателот изјави дека УНЕСКО е голем поддржувач на многу инцијативи и активности во нашата земја, изразувајќи благодарност за сета поддршка која што досега сме ја имале и за проектите за кои се надеваме и во иднина ќе бидат поддржани од УНЕСКО.

По разговорите со Ирина Бокова, Претседателот се потпиша во Златната книга на УНЕСКО.

Претседателот д-р Ѓорге Иванов во Париз учествува на научен собир посветен на познатиот турски патописец од 17 век, Евлија Челеби, кој се одржува во рамките на Алијансата меѓу цивилизациите. Претседателот Иванов ќе ја прогласи за отворена големата изложба на дела "Отоманскиот патописец: Евлија Челеби" на Институтот за Арапски свет.

alt
Средба со Државниот секретар за надворешни работи на Австрија, Валднер
Вторник, 08 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Државниот секретар за надворешни работи на Република Австрија, д-р Волфганг Валднер.

На средбата беше изразено заемното задоволство од зголемената динамика на средби на високо ниво меѓу високи претставници на двете земји, што претставува доказ за позитивниот развој на односите и соработката.

Претседателот Иванов изрази благодарност за отворената и континуирана поддршка од страна на Австрија за европските аспирации на нашата земја, пренесувајќи го своето очекување дека Австрија ќе продолжи да ги поддржува интересите на Република Македонија и во наредниот клучен период во пресрет на декемврискиот Самит на Европскиот совет, кога се очекува Македонија конечно да добие датум за отпочнување на преговори за членство во Унијата.

Претседателот уште еднаш го поздрави охрабрувачкиот тон од страна на австрискиот претседател Фишер, кој на последната средба во Виена изјави дека за одредувањето датум и почетокот на преговорите не треба да се чека решението за името, односно дека билатералниот проблем со Грција може да се реши до на крајот на преговорите.

Претседателот Иванов и австрискиот Државен секретар Валднер разговараа и за состојбите во регионот и европската перспектива на Балканот. Двајцата соговорници оценија дека Република Македонија продолжува да биде активен и конструктивен актер на регионален план, давајќи суштински приодонес кон стабилноста и просперитетот на регионот, особено преку учество и иницирање на регионални средби, поттикнување на соработката и вклучувањето во заеднички проекти од општ интерес.
 

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 152 од 198