|
Средба со Државниот секретар за надворешни работи на Австрија, Валднер
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Државниот секретар за надворешни работи на Република Австрија, д-р Волфганг Валднер.
На средбата беше изразено заемното задоволство од зголемената динамика на средби на високо ниво меѓу високи претставници на двете земји, што претставува доказ за позитивниот развој на односите и соработката.
Претседателот Иванов изрази благодарност за отворената и континуирана поддршка од страна на Австрија за европските аспирации на нашата земја, пренесувајќи го своето очекување дека Австрија ќе продолжи да ги поддржува интересите на Република Македонија и во наредниот клучен период во пресрет на декемврискиот Самит на Европскиот совет, кога се очекува Македонија конечно да добие датум за отпочнување на преговори за членство во Унијата.
Претседателот уште еднаш го поздрави охрабрувачкиот тон од страна на австрискиот претседател Фишер, кој на последната средба во Виена изјави дека за одредувањето датум и почетокот на преговорите не треба да се чека решението за името, односно дека билатералниот проблем со Грција може да се реши до на крајот на преговорите.
Претседателот Иванов и австрискиот Државен секретар Валднер разговараа и за состојбите во регионот и европската перспектива на Балканот. Двајцата соговорници оценија дека Република Македонија продолжува да биде активен и конструктивен актер на регионален план, давајќи суштински приодонес кон стабилноста и просперитетот на регионот, особено преку учество и иницирање на регионални средби, поттикнување на соработката и вклучувањето во заеднички проекти од општ интерес.
|