| Претседателот Иванов ги прими македонските победници на Светското првенство во кик-бокс | |
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на македонската кик-бокс репрезентација кои освоија медали на Светското првенство во кик-бокс, што се одржа од 26 до 29 октомври во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје. Македонската репрезентација осови два златни, два сребрени и еден бронзен медал, сите во дисциплината кик-лајт.
Претседателот Иванов им честиташе на постигнатите успеси нагласувајќи дека кога младите македонски спортисти остваруваат победи, тоа е победа за сите нас и силен обединувачки елемент.
„На младите луѓе во Македонија им требаат позитивни примери и луѓе како вас кои се изборуваат за своите успеси. Вашиот ангажман не е само спорт, туку и стил на живот кој бара отстапки и жртви, но не заборавајте дека борците се луѓе со возвишен дух,“ им порача Претседателот Иванов на македонските кик-бокс репрезентативци.
Титулата светски првак ја понесоа Димитар Георгиев и Аце Георгиевски, светски вицешампиони станаа Гордана Бошевска и Маја Михајловска, а со бронза се закити Стефка Јанковска. Овие млади луѓе покрај кик-боксот, работат или студираат, и негуваат различни професионални интереси – економија, информатика, машинско и електро инженерство, безбедност. Но, остануваат посветени на спортот и активно тренираат секој ден. Заедно со директорката на македонската кик-бокс федерација и нивниот тренер, на Претседателот Иванов му подарија Плакета во знак на благодарност за неговата поддршка за развојот и унапредувањето на спортот во Република Македонија.
На Светското првенство во кик-бокс учествуваа 1.200 натпреварувачи од над 60 земји од светот. Досега во Република Македонија биле организирани и Балканско и Европско првенство. Од Македонската кик-бокс федерација најавуваат дека во иднина ќе конкурираат некое од наредните светски првенства во кик-бокс повторно да се организира во нашата земја.
|












