Претседателот Иванов во Хрватска го посети местото каде е погребан Панко Брашнаров
Вторник, 01 Ноември 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска, во рамки на официјалната посета на Република Хрватска, положи венец на загребските гробишта Мирогој, на местото каде што е закопан револуционерот и потпретседател на Президумот на АСНОМ, Панко Брашнаров.

Со овој симболичен чин, за првпат македонска делегација оддаде почит на еден од основоположниците на македонската држава, по официјализирањето во јавноста на локацијата каде Брашнаров бил закопан по смртта како политички затвореник на Голи Оток.

„Наша желба е навистина човекот кој го отвори АСНОМ и ја прогласи слободата на новата држава, да го добие тоа што му припаѓа и неговите коски да бидат донесени во земјата за која го дал животот,“ изјави претседателот Иванов, додавајќи дека надлежните институции треба да проценат кои можности им стојат на располагање за да се изврши ексхумација на посмртните останки.

„Низ  нашата историја сме имале многу трауми и мачни периоди во кои не сме можеле да им обрнеме внимание на нашите великани. Сега е моментот, како независна држава, на некој начин  да им се оддолжиме за тоа за што се бореле и гинеле, односно со еден гест барем коските да им бидат вратени во татковината,“ нагласи претседателот Иванов, посочувајќи дека  оддавањето почит кон Брашнаров се совпадна со Денот на мртвите, католичкиот верски празник што денеска се чествува во Хрватска.

Локацијата на посмртните останки на Брашнаров се официјализира  по истражувачка новинарска сторија, за македонскиот претседател упати благодарност и апел и за други такви иницијативи.

Претседателот Иванов денеска имаше средба и со претставници на македонската заедница во Хрватска, која годинава одбележува две децении организирано делување воalt зачувување на националниот идентитет и промовирање активности за напредок на околу 5.000 Македонци во Хрватска.

Заедницата на Македонците презема активности да отвори дополнителна настава на македонски јазик во сите поголеми градови каде има македонско малцинство. Деновиве тоа ќе се овозможи и во училиште во Вуковар, со што над 100 деца ќе го изучуваат македонскиот јазик како дополнителен предмет. Една од најсилните катедри по македонски јазик во овој дел на Европа е на Филозофскиот факултет во Риека.
 
Македонскиот претседател денеска оствари средба и со претставници на хрватски фирми присутни на македонскиот пазар, пред кои во Хрватската стопанска комора ги претстави можностите за инвестирање во Македонија и за зголемување на економската соработка.

„Традиционално одличните политички односи меѓу Македонија и Хрватска треба да се пресликаат во економските, преку поголема трговска размена и повеќе инвестиции,“ порача претседателот Иванов. Најголеми потенцијали за соработка меѓу двете земји, според него, има во преработувачката индустрија и земјоделството. Една од можностите за соработка, е заеднички настап на трети пазари на македонски и хрватски фирми. Како пример, претседателот Иванов го посочи катарскиот пазар каде може да учествуваат македонски и хрватски градежни фирми.

Трговската размена меѓу Македонија и Хрватска лани изнесуваше околу 200 милиони евра, со благ суфицит на македонска страна. Во првите осум месеци од годинава таа изнесува 185,6 милиони долари, што претставува раст од 24 проценти во однос на истиот период лани.
 

  Back<<Назад