|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод десетгодишното постоење, го одликува Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово со Орден за заслуги за Македонија. Првата јавно-приватна високообразовна установа во Македонија, со доминантна настава на албански јазик, е формирана пред една деценија на иницијатива на Макс ван дер Штул, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства и поранешен министер за надворешни работи на Холандија, кој почина оваа година. Затоа неформално Универзитетот по него се именува и Штулов. „Формиран во еден за Македонија турбулентен период, верувам дека овој универзитет ги оправда очекувањата на идејниот татко, покојниот Макс ван дер Штул. Но, уште поважно, ги оправда и надмина очекувањата на македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество... Од самиот почеток беше еден од примерите и двигателите на реформите во високото образование во согласност со принципите на Болоњската декларација,“ истакна претседателот Иванов кој одликувањето му го врачи на ректорот на УЈИЕ Замир Дика. Шефот на државата посочи дека овој универзитет стана силен промотор на толеранцијата, почитувањето на мултијазичноста, културниот диверзитет во наставата и научното истражување, развивајќи студиски програми со меѓународна перспектива, и дека со тоа значајно придонесе во напредокот на научната мисла и меѓуетничкото разбирање. Ректорот Дика изрази благодарност за одлуката на претседателот Иванов да го одликува УЈИЕ, нагласувајќи дека со тоа тој покажа интелектуална смелост, чесност и чувство за визија. „Нетипичноста на оваа институција призлегува од начинот на основање на УЈИЕ, кој имаше огромна финансиска и интелектуална поддршка од САД, од Европската комисија и од други држави, од луѓе со визија да основаат високообразовна институција која не само што ќе го промовира албанскиот јазик во високото образование, туку ќе биде можност и за образование на македонски и на англиски јазик преку студиски програми и во услови кои со гордост може да ги споредиме со највисоките европски и американски стандарди,“ истакна ректорот Дика. Согласно со тогаш усвоениот закон за основање универзитети со недржавно финансирање, во ноември 2001 Универзитетот почна со работа со околу 900 запишани студенти. Денес има околу 8.000 студенти и 5.000 дипломирани, 100 доктори на науки и магистри, пет факултети со 17 додипломски и 19 постдипломски програми. Од 2008 година УЈИЕ има и дисперзирани студиски програми во Скопје.
|