|
Во поддршка на осмата по ред еколошка акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“, денес претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, заедно со сопругата Маја, синот Иван и организаторите на манифестацијата, засадија чемпреси во Градскиот парк во Велес. „Ова е наш семеен придонес за нашата иднина преку акцијата ’Ден на дрвото’. Ги поддржуваме велешани во сите нивни активности спроведени за животната средина. Ако во минатото бил слушнат нивниот глас, немало да дојде до вакви еколошки катастрофи и штетни последици по здравјето на неговите жители,“ изјави претседателот Иванов и додаде дека граѓанските иницијативи кои се насочени кон општо добро секогаш ќе ја имаат неговата поддршка. Претседателот истакна дека акцијата „Ден на дрвото“ е препознатлив симбол не само за Македонија, туку и пошироко во регионот, каде сè почесто се покренуваат слични иницијативи. Тој ја нагласи неопходноста секој поединец да почне да делува еколошки, на локално ниво и колку што може да придонесе за зачувување на животната средина. Во однос на поддршката што им ја даде на велешани против рестартирање на „Топилницата“, претседателот Иванов истакна дека ништо не е поважно од здравјето на граѓаните. „Јас ги поддржав велешани и понатаму ги поддржувам затоа што ништо не е поважно од здравјето на граѓаните. Покрај чистиот воздух потребно е чистење и на почвата. На ред се експертите, тие ќе препорачаат што понатаму. Жално е на идните поколенија да им оставиме ваква загадена почва,“ нагласи Претседателот. Според претседателот, економскиот развој на Велес може да се насочи и во многу други сфери кои нема да произведат сериозни последици по здравјето на граѓаните. Тој истакна дека на средбите со политичари и бизнисмнеи во странски земји, како и на бизнис форумите на кои присуствува, ги презентира сите потенцијали и можности за инвестирање во Македонија. „Да се надеваме дека дел од тие инвестиции ќе ги видиме и во Велес. Единствен начин да бидеме конкурентни на пазарот на трудот во време на економска криза, е да понудиме потенцијал и квалитет,“ истакна претседателот Иванов. Сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова, која исто така засади дрвце во знак на поддршка акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“, истакна дека оваа акција придонесува во израснувањето здрави здрави потомци и здрави идни генерации. „Нема ништо повредно од човечкиот живот, од здрави поколенија. и Среќна сум што оваа година семејно сме во Велес каде и младо и старо застана против загадувањето,“ изјави г-ѓа Иванова и додаде дека не е потребна ниту една мајчина солза за болно дете. Ова е вторпат претседателот Иванов да засади дрвце во Велешко. Првпат тоа го направи во 2009 година кај велешкото езерото „Младост‘‘.
|