|
Претседателот Иванов на децата со оштетен вид им подари современи алатки за учење на Брајовата азбука
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес го посети државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и на учениците им донираше современи наставни алатки за изучување на Брајовата азбука. Овие наставни помагала, како што нагласи претседателот Иванов, ќе им овозможат на децата со оштетен вид полесно и поефективно да ја совладаат Брајовата азбука. Тој при денешната посета на училиштето ги увиде условите во кои учат и наставните препреки со кои се соочуваат лицата со оштетен вид во совладување на материјата. Разбирајќи ја нивната желба за нормално детство и напредок како и сите останати, претседателот Иванов ги охрабри да ги развиваат своите таленти и да не дозволат нивниот потенцијал да остане нереализиран поради физичкиот хендикеп. Да продолжат во животот да се борат за своите соништа со полна сила и ентузијазам и да постигнуваат успеси. „Овие лица имаат големи способности, и иако природата им одзела едно сетило, им дала талент за поголемо развивање на другите сетила,“ истакна претседателот, кој денес имаше прилика да поразговара и со најмалите деца од основно училиште, и со средношколците кои овде специјализираат физиотерапија, графичка обработка на повези, или во смерот за телефонски оператори. Претседателот Иванов упати апел до бизнисмените и сопствениците на фирми да имаат предвид поактивно вработување на лицата со оштетен вид и на тој начин да ги поддржат во напорите да водат нормален и продуктивен живот, со поголемо интегрирање во секојдневните општествени текови. Директорот на училиштето, Лазар Трпчевски, изрази благодарност за посетата на претседателот Иванов, нагласувајќи дека училиштето прв пат го посетува претседател на државата од неговото основање во 1954 година. Учениците од „Димитар Влахов“ во чест на Претседателот подготвија приредба, на која ги покажаа своите извонредни таленти за музика и инструменти.
|