Иванов во Париз ја отвори „Евлија Челеби - отомански патник“ - изложба на богати сведоштва и рефлексии за едно време
Понеделник, 14 Ноември 2011   

altЕвлија Челеби не само што патувал и набљудувал, туку запишувајќи ги своите мислења, погледи и перцепции за светот, ни овозможи денес, на оваа престижна изложба во Париз, како митската птица Феникс пред нашите очи да воскресне светот во кој живеел и патувал - со оваа мисла вечерва претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја отвори изложбата „Евлија Челеби - отомански патник“.

Организатори на изложбата се Институтот на Арапскиот свет во Париз, заедно со УНЕСКО и Националниот Институт за ориенатални јазици и култури-ИНАЛКО.

„Патописецот Евлија Челеби придонесе кон градењето разбирање меѓу народите, културите и цивилизациите кои ги посети... Неговите записи се значајни извори, не само за историјата и географијата, туку и за етнографијата, антропологијата, економијата, архитектурата, литературата и многу други области,“ истакна Претседателот во своето обраќање, додавајќи дека е почестен што токму нему му припадна можноста да ја отвори изложбата посветена на Челеби - човекот кој во наследство ни ги остави цивилизациските траги за нашето минато.

„Верувам дека изложените експонати осветлуваат дел од неговите богати сведоштва и рефлексии за едно време,“ посочи претседателот Иванов.

Тој исто така потсети дека Република Македонија е активен член на групата пријатели на Алијансата на цивилизациите, при што посветува големо значење на дијалогот меѓу цивилизациите. Претседателот во овој контекст го изрази своето уверување дека само со дијалог луѓето повторно ќе го откријат богатството на различностите, на културната размена и на соработката.

„Токму културната и религиската разновидност на Република Македонија, претставува извор на голем креативен потенцијал и мост кон заемното разбирање, почит и соживот. Не случајно Македонија во 2003 година беше иницијатор на Самитот посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите одржан во нашата духовна престолнина, Охрид, под раководство на големиот визионер и мој претходник, претседателот Борис Трајковски,“ нагласи претседателот д-р Ѓорге Иванов.

alt„Доказ за важноста на оваа тема е фактот што, од тогаш до денес, овој тип состаноци иницирани од мојата земја, редовно се одржуваат во нашиот регион со поддршка на УНЕСКО и Советот на Европа,“ посочи претседателот додавајќи дека историјата е најдобриот предвесник на она што ќе се случува во иднината.

„Затоа, на 10-годишнината, во 2013 година, ќе бидам домаќин на Самитот посветен на оваа тема,“ најави македонскиот претседател.

Тој во своето обраќање на свеченото отворање на изложбата, се осврна на кратко и на значењето на делото на Евлија Челеби, чии погледи понекогаш се обременети со предрасуди својствени за неговото време и неговата позиција како османлиски дворјанин, државен и верски службеник, но сепак, како што посочи претседателот, ни овозможуваат да го спознаеме неговиот и воопшто, османлискиот поглед на светот во 17 век.

Претседателот Иванов идната година ќе биде покровител на манифестацијата посветена на Евлија Челеби, што ќе се одржи во МАНУ.

Покрај оваа изложба, францускиот Национален институт за ориенатални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) организира Научен симпозиум посветен на Челеби. На овој меѓународен симпозиум претседтелот Иванов е придружуван од претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Георги Старделов, како и академик Камбовски и професорот Аруч.

  Back<<Назад