|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Париз имаше средба со генералнот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, на која разговараа за тековните и идните активности и проекти во соработка со светската организација за образование, наука и култура. Средбата на шефот на државата со Бокова следува по неодамнешнит избор на Република Македонија за член на Извршниот одбор на УНЕСКО, кој е негов највисок орган. Генералнот директор на УНЕСКО Бокова изрази очекување Македонија да придонесе во напорите на УНЕСКО да се соочи со сериозните предизвици. „УНЕСКО како и многу институции се соочуваат со многу предизвици во овој период, така да и ние како членка на Извршниот одбор на организацијата имаме одговорност да придонсеме во изнаоѓање на решенија во овие времиња со големи предизвици,“ изјави претседателот Иванов по средбата. Претседателот Иванов и Бокова разговараа и за Самитот „Дијалог на цивилизациите“ што во 2013 година повторно ќе се одржи во Македонија, десет години откога на иницијатива на покојниот претседател Борис Трајковски, првиот ваков самит беше одржан во Охрид во 2003 година. „УНЕСКО го поддржа проектот за дијалог меѓу цивилизациите, што го започна мојот претходник, Претседателот Борис Трајковски, и тој ги дава резултатите. Тој таканаречен Охридски процес придонесе лидерите од Источна Европа да се среќаваат и да организираат дебати за прашања кои се од заеднички интерес за целиот регион, од сферата на културата, уметноста. традицијата. За тоа и разговаравме со Госпоѓата Бокова - има момент кога треба да преминеме во една повисока квалитативна фаза, да придонесеме таа комуникација која е поддржана од УНЕСКО и од Советот на Европа, на некој начин да се зголеми и да придонесе за она што го оставаме за идните поколенија,“ истакна претседателот Иванов изразувајќи надеж дека во втората декада ќе се направи квалитетен исчекор, односно реализација на регионални проекти со конкретни акции. Тој исто така изрази очекување фокусот во иднина да биде ставен на подготовка и едукација на млади лидери од југо-источна Европа, во секоја општествена сфера, зашто токму идните лидери на регионот се оние кои треба да ја искористат позитивната клима која веќе се создава со овој процес. Генералната директорка на УНЕСКО Бокова ја поддржа инцијативата на претседателот Иванов и ја прифати поканата да ја посети следната Школа на млади лидери, која во Македонија ќе се одржи по трет пат под покровителство на Претседателот. На денешната средба во Париз, претседателот Иванов и Ирина Бокова разменија и мислења за кандидатурите што Република Македонија ги има поднесено во УНЕСКО во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство, поддршка за повисоко етаблирање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИС), за неолитската опсерваторија Кокино, и за други проекти. Претседателот изјави дека УНЕСКО е голем поддржувач на многу инцијативи и активности во нашата земја, изразувајќи благодарност за сета поддршка која што досега сме ја имале и за проектите за кои се надеваме и во иднина ќе бидат поддржани од УНЕСКО. По разговорите со Ирина Бокова, Претседателот се потпиша во Златната книга на УНЕСКО. Претседателот д-р Ѓорге Иванов во Париз учествува на научен собир посветен на познатиот турски патописец од 17 век, Евлија Челеби, кој се одржува во рамките на Алијансата меѓу цивилизациите. Претседателот Иванов ќе ја прогласи за отворена големата изложба на дела "Отоманскиот патописец: Евлија Челеби" на Институтот за Арапски свет.
|