Новости
Претседателот Иванов во посета на Општина Кичево
Среда, 05 Октомври 2011

Преседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од градоначалникот на општина Кичево, Благоја Деспотоски и пратеникот од овој регион Антонио Милошоски, денес го посети манастирот „Св. Пречиста Богородица“, во кој традиционално  се прославува празникот Мала Богородица, денот на раѓањето на Марија, мајката на Исус.

Шефот на државата нагласи дека манастирот „Св. Пречиста Бородица“ го посетуваат и христијани и муслимани, што го покажува добриот соживот што постои и се негува во Кичево.

На средбата со градоначалникот Деспотоски, претседателот  Иванов беше информиран за  состојбите во општината,  односно за она што е наследено од минатотот и она што е постигнато како напредок во последниот период. Според претседателот Иванов, радува фактот дека општината има доста вложено во развојот на инфраструктурата, со што пак, се придонесува за подобрување на животот на граѓаните. alt

„Радува и фактот што високото образование и новотоворените факултети го менуваат градот, па така многу млади луѓе од Кичево и Кичевско не морааат да патуват во други градови и се образуваат тука, а тоа е огромен потенцијал за општината. Се создаваат услови за привлекување странски инвестиции, бидејќи со потенцијалите што ги поседува Кичево се влева надеж за економски просперитет, кој би влијаел на квалитетот на живот на самите граѓани,“ нагласи претседателот Иванов. Тој изрази интерес за индустриската зона „Иванидол  2“ и условите  кои се создаваат за привлеквуање инвестиции во општината.

По прошетката низ кичевската чаршија, преседателот Иванов,  придружуван од своите домаќини, градоначалникот Деспотоски и пратеникот Милошоски, ја посетија Куќата на уметноста кај месноста Кнежино.
 

Претседателот Иванов им врачи на кошаркарските репрезентативци „Медал за заслуги за Македонија“
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-рЃорге Иванов денеска со „Медал за заслуги за Македонија“ ги одликува македонските кошаркарски репрезентативци кои го освоија четвртото место на Европското првенство во кошарка во Литванија.

Високото признание им се доделува за афирмација на Република Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во кошарката на меѓународен план и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во нашата земја.

„Македонија го доби најпосакуваниот спортски подарок за 20-годишнината од независноста. Успехот што вие го постигнавте е заразен и убеден сум дека ќе продолжи на сите полиња и во спортот и во културата и во економијата. Владо Илиевски праша: Луѓе, што направивме? Да ви кажеме што направивте - ја прославивте Македонија низ Европа! Ја ставивте македонската кошарка на европската кошаркарска мапа,“ нагласи претседателот Иванов при доделувањето на медалите.

Претседателот додаде дека репрезентативците освојувајќи го срцето на Македонија и на сите македонски граѓани ја обединија нацијата.

„Дома има клубови, надвор има репрезентација! Тоа важи за спортот, така треба да биде и на полето на политиката,“ нагласи македонскиот претседател.

Медал за заслуги добија Перо Антиќ, Владо Илиевски, Лестер Бо Мекејлеб, Илија Димчевски, Димитар Мираковски, Тодор Гечевски, Дарко Соколов, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Ѓорѓи Чековски, Предраг Самарџиски, селекторот Марин Докузовси и сите членови на стручниот тим.

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија Даниел Димевски заблагодарувајќи се за укажаната чест во име на кошаркарската репрезентација истакна дека со нејзиниот успех се отклучил катанецот со кој била заклучена самодовербата во Македонија. Тој истакна дека репрезентативците дале се од себе на Европското кошаркарско првенство за што поголем успех трошејќи ја при тоа целата енергија, која, како што рече македонскиот народ им ја вратил назад со величенствениот пречек.

Одликувањата на репрезентативците им бea врачени во Македонската опера и балет.
 

 

alt

politicki1
Политичките студии на Правниот факултет одбележаа 18 години постоење
Петок, 16 Септември 2011

Треба да се совладаат возвишените категории на правдина, добрина и убавина, а тоа се учи само преку политиката, порача Претседателот

Политичките студии на Правниот факултет во Скопје денеска одбележаа 18 години постоење. Нивната полнолетност со свое излагање ја поздрави претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој е и еден од основачите на овие најмлади студии на Факултетот „Јустинијан Први“.

„Осумнаесет години значат зрелост за еден човек зашто самите носите одлуки за својот живот, но и овде има очигледна симболика - политичките студии се зрели зашто се во сигурни раце, во кадарот што ние го оспособивме и кој знае како да ги води студиите“, нагласи претседателот Иванов.

Тој на студентите им порача да учат од изворот - од старата школа зародена пред нашата ера и од втемелувачите на оваа наука која се занимава со односите во општеството и слободата на човекот во него, посочувајќи ги Херодот, Исократ, Аристотел, Платон, Сенека...

„Политичката наука е најдинамична зашто како се менуваат луѓето, така се менуваат и односите меѓу нив и нивните заедници. Денес политиката не е вруток. Немојте да ја учите политиката од денешен аспект зашто ќе се отруете. Пијте ја водата на изворот и од изворот одете кон утоката“, им порача Претседателот на студентите на политички науки.

Шефот на државата во своето предавање за политиката истакна дека таа за општеството е она што етиката е за поединецот, но и дека за да се практикува политика треба да се има доблест и морален став за нештата. Цитирајќи го Платон, претседателот Иванов посочи дека треба да се совладаат возвишените категории на правдината, добрината и убавината, а дека тоа се учи само преку политиката.

„Ова е кралска наука, ова е највозвишена наука која ги учи луѓето да воспостават поредок во својата заедница“, додаде претседателот Иванов. alt

Деканот на Правниот факултет, Борче Давитковски истакна дека иако се најмлади во 60-годишниот развој на Правниот факултет, овие студии поттикнале основање и на други универзитети, а фактот што предавачи се луѓе на важни државни функции ги поставува овие студии на лидерска позиција.

Студиите се формирани во академската 1993/1994, а од 2005/2006 се приспособени на европскиот кредит трансфер систем. Имаат четири специјализирани магистарски студии, а петтите им се во процес на акредитација. Во 18-те години постоење се запишале 2.126, а дипломирале 925. На политичките студии студентите научно се подготвуваат и стручно се оспособуваат за стручни, аналитички и советнички работи во политичките институции, во државната управа, дипломатијата, политичките партии, локалната самоуправа, во пазарноориентираните агенции и во слични меѓународни организации, фондации и институти.

Зоран Илиевски, раководител на Институтот за политички науки нагласи дека во иднина нивните напори ќе бидат насочени кон интернационализација на студиите и нивно прераснување во регионален центар.
 

kineski_kongres
Средба со Делегација на Се-кинескиот Народен Конгрес
Петок, 16 Септември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претставници на делегацијата на Секинескиот народен конгрес, предводена од потпретседателот на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес, г. Санг Гуовеи.

На средбата заемно беше констатирано високото ниво на односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина кои ги карактеризира дух на пријателство, меѓусебно разбирање, висок степен на доверба, како и успешна соработка во повеќе области.

Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија останува цврсто и принципиелно на ставот за постоење на една Кина и истакна дека никогаш нема да ја заборавиме поддршката од Народна Република Кина уште од најраните денови на нашата независност, а особено принципиелната употреба и ставот кон нашето уставно име.

Македонскиот претседател оддавајќи признание за постигнувањата направени преку големите реформи, како и издигнувањето на Народна Република Кина како една од најмоќните економии во светот, го изрази интересот за зголемување и за унапредување на економската соработка меѓу двете земји.

Потпретседателот на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес, г. Санг Гуовеи, истакна дека Народна Република Кина високо ја цени позитивната улога на Република Македонија во регионот, и го почитува и поддржува патот и изборот на стратешките цели на земјата. Изразувајќи задоволство од економската соработка, меѓу двете земји во последните години, која бележи нагорен тренд, г. Гуовеи подвлече дека во иднина е неопходно продлабочување и интензивирање на оваа соработка.


 

interviewugd
Претседателот Иванов во интервју за УГД ФМ за големите успеси на кошаркарската репрезентација на Македонија
Четврток, 15 Септември 2011

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов денес присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Во рамките на посетата, тој даде интервју за УГД ФМ, универзитетско радио, во кое зборуваше за значењето на квалитетното високо образование, предноста на дисперзираните студии, новите перспективи за студентите, и секако за најактуелната тема деновиве - големиот успех на македонската кошаркарска репрезентација.

„Дваесет-годишнината од независноста се совпадна со овие победи на нашите кошаркари кои ни донесоа таква радост која не сме ја виделе во државата. Синоќа присуствував на плоштад следејќи го натпреварот и после тоа бев со младите луѓе на плоштадот. Таква позитивна енергија, таква самодоверба, таква една гордост не сум видел досега во мојот живот,“ посочи Претседателот Иванов во интервјуто за УГД ФМ.

Тој исто така нагласи дека успесите во спортот се резултат на успесите на она што го имаме во нашата држава и доказ дека секој пат кога се поставува цел, кога се работи тимски, кога се работи посветено тогаш се пробиваат сите плафони и се освојуваат сите места кои ги заслужува еден човек и еден тим. alt

„Покажавме дека иако сме мала земја, со инвестирање во спортот, инвестирање во услови за младите луѓе да спортуваат, резултатите доаѓаат. Ме радува што и самиот тим е желен за победа. Тие ги немаат условите што ги имаат другите тимови кои се натпреваруваат во ова првенство, меѓутоа ја имаат душата и срцето посветено на Македонија, затоа што навистина ни недостасуваа победи. А победите нè обединуваат и ни ја враќаат самодовербата. И тоа е едно многу прекрасно чувство кое сите нè сплотува, сите нè обединува. И тоа е она што сакаме да го пренесеме на секое поле од секојдневниот живот во Македонија – луѓето да станат конструктивни, позитивни, иновативни,“ изјави Претседателот за студентското радио од Штип.

Потенцирајќи дека кога се работи тимски, победите се секогаш тука, Претседателот Иванов посочи дека докму победите се тие кои ни го даваат она чувство кое ни е потребно во овие глобални услови на глобални кризи, да имаме нешто што се нарекува човечко достоинство и да веруваме во себе.
 

alt
Писмо со сочувство до Претседателот Медведев, по повод авионската несреќа во Јарослав
Петок, 09 Септември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо со сочувство до Претседателот на Руската Федерација, Дмитриj Медведев, по повод авионската несреќа во Јарослав.

Почитуван господине Претседател,

Со длабока тага ја примив веста за авионската несреќа во Јарослав и искрено жалам за загубените животи во оваа голема трагедија.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на настраданите и повредените, но и на бројните навивачи на хокејската екипа „Локомотива Јарослав“, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Во овие моменти на тага, нашите молитви се со Вас и семејствата на настраданите.

Ве молам, господине Претседателe, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

Д-р Ѓорге Иванов
 

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 157 од 198