Претседателот Иванов во интервју за УГД ФМ за големите успеси на кошаркарската репрезентација на Македонија
Четврток, 15 Септември 2011   

interviewugd

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов денес присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Во рамките на посетата, тој даде интервју за УГД ФМ, универзитетско радио, во кое зборуваше за значењето на квалитетното високо образование, предноста на дисперзираните студии, новите перспективи за студентите, и секако за најактуелната тема деновиве - големиот успех на македонската кошаркарска репрезентација.

„Дваесет-годишнината од независноста се совпадна со овие победи на нашите кошаркари кои ни донесоа таква радост која не сме ја виделе во државата. Синоќа присуствував на плоштад следејќи го натпреварот и после тоа бев со младите луѓе на плоштадот. Таква позитивна енергија, таква самодоверба, таква една гордост не сум видел досега во мојот живот,“ посочи Претседателот Иванов во интервјуто за УГД ФМ.

Тој исто така нагласи дека успесите во спортот се резултат на успесите на она што го имаме во нашата држава и доказ дека секој пат кога се поставува цел, кога се работи тимски, кога се работи посветено тогаш се пробиваат сите плафони и се освојуваат сите места кои ги заслужува еден човек и еден тим. alt

„Покажавме дека иако сме мала земја, со инвестирање во спортот, инвестирање во услови за младите луѓе да спортуваат, резултатите доаѓаат. Ме радува што и самиот тим е желен за победа. Тие ги немаат условите што ги имаат другите тимови кои се натпреваруваат во ова првенство, меѓутоа ја имаат душата и срцето посветено на Македонија, затоа што навистина ни недостасуваа победи. А победите нè обединуваат и ни ја враќаат самодовербата. И тоа е едно многу прекрасно чувство кое сите нè сплотува, сите нè обединува. И тоа е она што сакаме да го пренесеме на секое поле од секојдневниот живот во Македонија – луѓето да станат конструктивни, позитивни, иновативни,“ изјави Претседателот за студентското радио од Штип.

Потенцирајќи дека кога се работи тимски, победите се секогаш тука, Претседателот Иванов посочи дека докму победите се тие кои ни го даваат она чувство кое ни е потребно во овие глобални услови на глобални кризи, да имаме нешто што се нарекува човечко достоинство и да веруваме во себе.
 

  Back<<Назад