| Билатералните спорови да не ја попречуваат интеграцијата во ЕУ – средба со хрватскиот претседател Јосиповиќ | |
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој престојува во официјална дводневна посета на Република Хрватска, денеска во Загреб оствари средба со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ. Двајцата претседатели оценија дека односите меѓу двете држави се на одлично ниво, но постои уште многу простор за соработка во економијата, меѓу другото преку инфраструктурно поврзување, раст на трговската размена.
Претседателот Јосиповиќ порача дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија во евроатлантските интеграции и како идна членка на ЕУ нема да поставува пречки на патот на Македонија без оглед на отвореното билатерално прашање со Грција. Шефот на македонската држава побара Јосиповиќ да се заложи за примена на позитивниот пример во надминувањето на хрватско-словенечкиот спор во решавањето на македонскиот билатерален спор со Грција.
„Со примената на тој позитивен пример би можело паралелно да се одвиваат и преговорите со Европската унија и решавањето на прашањето за името,“ истакна претседателот Иванов, изразувајќи уверување дека Европската комисија ќе го прифати тој модел.
Неговиот колега Јосиповиќ изрази поддршка за натамошните македонски интеграции и оцени дека билатералните проблеми не смеат да влијаат во индивидуалниот пат на која било држава кон ЕУ. Како иден член на ЕУ и прозорец преку кој ќе се решаваат регионалните проблеми, Јосиповиќ вети помош за сите земји во регионот.
„Ставот на Хрватска е дека билатралните проблеми не смеат да влијаат на индивидуалниот пат на ниту една држава кон ЕУ и сигурно нема да го условува патот на своите соседи, a Македонија ја сметаме како еден од нив. Постојано ќе даваме поддршка и верувам дека и по изборите во Хрватска, без оглед кој ќе победи, ќе продолжи примената на оваа политика,“ нагласи хрватскиот претседател.
Претседателот Иванов одговарајќи на новинарско прашање во однос на изоставувањето на придавката ’македонски’ во последниот Извештај на Европската комисија, оцени дека ЕК со последниот Извештај отвори сомнеж во искрените намери на самата Унија, но и на Грција со оглед на фактот што Грција како единствен проблем го потенцираше името на нашата држава во рамки на Обединетите нации. Тој истакна дека македонското општество упати силна реакција до ЕК затоа што со бришењето на придавката македонски се посегнува по најчувствителното нешто за секој народ.
„Сметаме дека со овој чин ЕК зазема страна и не постапува во согласност со принципите кои ги гради ЕУ и кои треба да важат за сите. Јазикот е духовна татковина на еден народ. Бараме од ЕУ да се однесува европски бидејќи во нивните документи и стандарди постои македонскиот јазик. Инаку парадоксално е тогаш на кого се однесува извештајот, односно на кое население и на кој јазик зборува тоа население на кое се однесува тој извештај,“ посочи македонскиот претседател.
Претседателот Иванов на средбата со хрватскиот колега Јосиповиќ побара поддршка и за вклучување на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива, како постојана членка, а не како набљудувач. Според Јосиповиќ, политичката компонента која е полесна веќе е решена, а останува да се надмине економската.
Во присуство на двајцата претседатели, министрите за правда на Македонија и на Хрватска Блерим Беџети и Дражен Бошњаковиќ, потпишаа Договор за екстрадиција. Со него Македонците кои имаат хрватски пасош веќе нема да бидат недостапни за законот на хрватска територија.
Претседателот Иванов денеска се сретна и со потпретседателот на хрватскиот Сабор, Владимир Шекс и со министерот за надворешни работи, Гордан Јaндроковиќ. Планирани се средби и со претставници на хрватските фирми кои имаат претставништва во Македонија, меѓу кои „Агрокор“, „Виндија“, „Краш“, „Кроација ерлаинс“.
На вториот ден од посетата на Загреб предвидено е претседателот д-р Ѓорге Иванов да се сретне со претставници на македонската заедница во Хрватска, како и да го посети местото каде што почива Панко Брашнаров.
|












