Новости
Џезот е отворена музика со многу изненадувања - Скопскиот џез фестивал одликуван со „Повелба на Република Македонија“
Понеделник, 26 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес го одликува Скопскиот џез фестивал со „Повелба на Република Македонија“ за исклучителни резултати во тридецениското организирање на оваа врвна меѓународна музичко-сценска манифестација и за презентација на македонското и светското музичко творештво.

Врачувајќи го признанието, претседателот Иванов истакна дека џезот, со својата импровизација, креативност и инструментална посебност, е еден од меѓународните, универзални јазици кои ги поврзуваат луѓето и кој секогаш оди со стремежот кон слобода и чување на слободата.

„Џезот е отворена музика создадена за луѓе со отворени умови. Има и ритам и значење, но, пред сè, има многу интересни и забавни  изненадувања,“ нагласи претседателот Иванов потсеќајќи на непишаното правило дека во џезот „нема погрешни ноти“, со што стануваме свесни за речиси безграничните можности на звукот.

„Низ годините Скопскиот џез фестивал стана втор дом за многу светски познати џез легенди, како што се Реј Чарлс, Тито Пуенте, Орнет Колмен, Пет Метини, Вејн Шортер, Би Би Кинг, Чик Кореа, Мекој Тајнер, Херби Хенкок, Џо Завинул, Џон Меклафлин, Сесил Тејлор и многу други, но и отворена сцена за сè побројните македонски џез изведувачи,“ истакна претседателот Иванов, додавајќи дека оваа манифестација постојано ги надминува очекувањата.

Директорот на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета, заблагорадувајќи се за признанието, посочи дека тоа за нив претставува поттик да продолжат и во четвртата деценија со истото ниво кое го имале досега.

„Ова е прва ваква награда што ја добива Скопскиот џез фестивал која ја примивме емотивно бидејки доаѓа во вистински момент, од вистинско место. Таа за нас е огромен стимул да продолжиме и во четвртата деценија на Скопскиот џез фестивал со исто така високото ниво кое го имавме досега, како во презентација на странски музичари, така и во стимулирањето на домашната џез музика,“ нагласи Белопета. 

Скопскиот џез фестивал започна во 1982 година во тогашниот Дом на младите „25 мај“, сегашен Младински културен центар. Оттогаш секоја година наесен Скопје е домаќин на великаните на светската џез музика.



Спомен куќата на Тоше Проески добитник на големата годишна награда за архитектура за 2011
Петок, 23 Декември 2011

Спомен-куќата на Тодор Проевски на Гумење во Крушево, од авторите Дејан Секуловски, Дејан Спасеновски и Илија Божиновски, е наградено како најуспешното реализирано архитектонско дело во 2011 година во Република Македонија.

Наградата на Асоцијацијата на архитекти на Република Македонија што се доделува по 17-ти пат, вечерва на свеченоста во Македонската опера и балет им ја врачи претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов кој е традиционално покровител на оваа манифестација.

„Архитектурата е огледало на степенот на развој, на културното и на цивилизациското постигнување во секоја држава, кај секоја нација. Македонската архитектура е, секако, одраз на вековни традиции, вредности, стремежи, идеи на македонскиот народ. Оттука, секоја генерација архитекти има обврска да ја чува, но и да ја усовршува и збогатува сликата на македонската архитектура. Пред сè, одговорноста е пред идните генерации, бидејќи тие ќе бидат консументи и судии на она што ние сме им го оставиле како архитектонско наследство,“ порача претседателот Иванов и им посака на членовите на овој еснаф уште многу градителски потфати кои ќе придонесат за збогатување на позитивната слика за македонската култура и за македонската држава.

Претседателот на Жири комисијата Мимоза Томиќ Несторовска, образложувајќи ја одлуката истакна дека Спомен куќата на Тодор Проески ја потврдува отвореноста на современите сваќања за поимот монумент со надминување на досега познатите идеолошки условувања во однос кон програмата и значењето.

„Објектот претставува современа концептуална просторна композиција, многу поблиска до спиритуалноста на скулпторскиот простор отколку до функционалните аспекти на архитектонската структура. Уметничката компонента во пристапот се препознава во ликовноста и внатрешната поетика на архитектонсктата форма - симболична, но истовремено ненаметлива како посредник во индивидуалната комуникација на посетителот со меморијалната функција на објектот,“ нагласи претседателката на жирито, Томиќ Несторовска.

Добитниците едногласни во однос на значењето на оваа награда која се смета за најважна во областа на архитектурата, како поттик за идни постигнувања.

„Секој проект има своја специфика, меѓутоа овој има многу голема. Беше тешко, но беше привилегија и чест да се работи на овој проект,“ изјави еден од архитектите на Спомен куќата, Илија Божиновски.

Архитектите Секуловски, Спасеновски и Божиновски, кои се дел од студиото Синикеит Груп, од Македонската авторска агенција добија и авторски хонорар.



65 години Народна техника – организација која го поттикнува интересот на младите за техничко творештво и иновативност
Четврток, 22 Декември 2011

Сојузот на здруженијата за техничка култура на Република Македонија - Народна техника, денес одбележа 65 години постоење, под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов.

Претседателот во своето обраќање ја посочи значајната мисија на Народна техника во изминатите шест и пол децении за техничката едукација на генерации основци и средношколци. Од клубовите и 13-те регионални канцеларии произлегоа голем број млади иноватори чии пронајдоци се презентирани и наградени на значајни меѓународни манифестации, меѓу кои и на престижната „Еурека“ во Брисел.

„Народна техника во моментов е најорганизираната форма за техничко воспитување, образование и активност на младата генерација во училиштата, со богатство на содржините и различност на формите и методите за работа. Вие на најдиректен начин придонесувате за зголемување на интересот на младата популација за техничко творештво, за полесно прифаќање на научните и техничко-технолошките достигнувања и решенија, за унапредување на инвентивната и иновациската дејност,“ истакна шефот на државата Иванов на прославата по повод годишнината што се одржа во Кинотеката на Македонија.


Претседателката на Народна техника, Христина Спасевска, нагласи дека се горди на своите заложби за ширење на техничката култура и поттикнувањето на иновативноста кај младите во Македонија. Таа информираше дека досега биле презентирани над 5.000 патентирани пронајдоци, од кои повеќето добиле високи награди на светски саеми и изложби.

„Ретко која друга организација може да се пофали со толку долг континуитет и инфраструктура, која преку сопствена програма дејствува на надградбата на образовниот систем, со посебен акцент на откривањето и работа со млади таленти... Во Македонија нема ниту едно значајно име од науката, техниката, па и од деловната средина кое своите почетоци не ги врзува со работата на Народна техника и натпреварите во основно и средно училиште,“ посочи претседателката на Народна техника.



Претседателот Иванов присуствуваше на прославата на еврејскиот празник Ханука
Вторник, 20 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва присуствуваше на прославата на еврејскиот Празник на светлината – Ханука, во организација на Еврејската заедница на Македонија.

На претседателот му беше укажана честа да ја запали првата свеќа на ханукијата во дворот на заедницата, по што присуствуваше и на службата за Ханука во синагогата Бет Јаков, проследена со изведба на три духовни песни на хорот „Моис Хасон“.

Во рамки на прославата, децата од Детското катче на Еврејската заедница, изведоа специјална хорска програма за Ханука, според традиционалните еврејски обичаи.

На прославата на Ханука во Скопје присуствуваше и американскиот амбасадор Пол Волерс, како и други високи гости.

Празникот Ханука се слави како сеќавање на ослободителната борба на еврејскиот народ на тлото на древниот Израел, за одбрана на еврејската самосвесност и верска посебност. Ханука е пред се семеен празник, при што свеќниците во кругот на семејството се палат секоја вечер во текот на осум дена, се читаат посебни благослови и се пеат псалми.

Перспективите на Македонија и на Србија се во Европската унија - Средба со српскиот претседател Борис Тадиќ
Петок, 16 Декември 2011

Перспективите на Македонија и на Србија се во Европската унија и без оглед на постојните препреки нема обесхрабрување на тој пат, изјавија на денешната заедничка прес-конференција во Скопје претседателите на Македонија и на Србија, д-р Ѓорге Иванов и д-р Борис Тадиќ, одговарајќи на прашање за дополнителнителниот услов - за Македонија името, а за Србија - Косово.

„Евроинтеграциите нè обединуваат сите во регионот и не нè обесхрабрува тоа што имаме дополнителни услови и што Македонија веќе трета година има позитивен извештај, но нема добиено датум. Ние продолжуваме со сите наши реформи и со сите достигнувања на европските критериуми, вредности и принципи внатре во државата. Како држава имаме цел да ја создадеме Европа внатре во државата. Тогаш многу полесно ќе одат и преговорите и полесно ќе можеме да и кажеме на Унијата дека сме подготвени за членство. Иако имаме одлагања и некој мисли дека се пропуштени, овие три години се прават реформи кои се корисни за нас,“ истакна претседателот Иванов.

Претседателот Тадиќ се согласи со Иванов, подвлекувајќи дека покрај пријателските односи двете земји ги поврзуваат и неволјите. Според него, за разлика од македонските политичари кои иако земјата три години нема добиено датум за преговори не се обесхрабрени од ваквиот однос на ЕУ, некои српски политичари се обесхрабрени што Србија не го доби кандидатскиот статус во првиот обид.

„Суштината на евроинтеграциите се внатрешните реформи. Србија како и Македонија и регионот имаат иднина во Европската унија. Тоа е најбезбедната зона за нашите граѓани. Пред нас стојат предизвици, комплексни услови што треба да се исполнат,“ нагласи Тадиќ, додавајќи дека што се однесува до Косово, Србија има легитимни интереси од кои ниту може ниту сака да се откаже и решавањето на прашањето за Косово не може да биде пречка за европската иднина на Србија.

Во однос на црковниот спор меѓу МПЦ и СПЦ претседателите Иванов и Тадиќ на заедничката прес конференција изјавија дека делат ист став - црковните прашања треба да им се остават на црквите, а судските на Судот.

„Тој проблем не смее да ги оптоварува односите меѓу двете земји. Црковното право не е дел од државното. Од витален интерес за Србија и за нашите односи со Македонија е тој проблем да се реши, а не да стои меѓу нас,“ порача Тадиќ.

На средбата шефовите на двете држави се осврнааа и на економската, енергетската и на инфраструктурната соработка за што ќе стане збор и на попладневниот Македонско-српски бизнис форум. Српскиот претседател со пофални зборови и за успехот со кој Македонија се справува со  макроекономски проблеми кои се тешки не само за Србија туку и за регионот. Тадиќ ја повтори и јасната поддршка на Србија во однос на македонската култура и идентитет и значењето на културната и научната соработка меѓу двете земји.

Илустрирајќи ги пријателските односи меѓу двете земји, српскиот претседател Тадиќ укажа на резултатите од неодамнешна анкета спроведена во Србија, според која, Србите за најбизок народ ги сметаат Македонците, а Македонија за најблиска држава.



Во Доха средба со Емирот на Катар – се интензивира економската соработка, политичкиот дијалог и културната размена
Недела, 11 Декември 2011

Емирот на Државата Катар, Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, попладнево во неговата резиденција го прими претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој на негова покана учествуваше и на четвртиот форум на Алијансата на цивилизациите што се одржува во катарската престолнина Доха.

Претседателот Иванов и Емирот на Катар констатираа дека по неодамнешната официјална посета на Емирот на Република Македонија има зголемена динамика на контакти помеѓу двете земји, а со цел реализација на проекти во сферата на економијата. Беше посочено дека се реализирани неколку посети на официјални претставници од Македонија во Доха, каде со надлежните од Qatary Diar и Qatar Investment Autority се разгледувани можностите за соработка. Претседателот Иванов и шеикот Ал Тани изразија надеж дека наскоро ќе има и конкретни резултати.

На средбата, е договорено да продолжи политичкиот дијалог, како и соработката во областите како Алијанса и Дијалог меѓу цивилизациите. Двајцата ја нагласија потребата од интензивирање на соработката и во сферата на културата и образованието.

Претседателот Иванов му честита на домаќинот, Емирот на Државата Катар Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, на чија покана учествува на форумот, за иницијативата луѓе од различни земји, од различни религии, кои зборуваат различни јазици, да седнат на заедничка маса и сите посветено да обезбедат подобра иднина за граѓаните, државите, а со тоа и за човештвото во целина.

Шефот на државата денеска имаше и обраќање на Форумот на панел дискусијата „Како културниот диверзитет влијае на развојот”, при што истакна дека Алијансата на цивилизациите, дијалогот меѓу цивилизациите, се токму оние нешта кои предолго ни недостигаа, потенцирајќи дека Република Македонија е подготвена да ги сподели своите драгоцени искуства во овие области и е активно и посветено вклучена во овие иницијативи.

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 150 од 198