Новости
Економските индикатори будат оптимизам - Претседателот Иванов во посета на Народна Банка на РМ
Понеделник, 16 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна посета на Народната банка на Република Македонија.

Претседателот изрази задоволство од презентираните резултати кои, според него, укажуваат дека општата претстава за економијата во Македонија е стабилна. Оценката за банкарскиот сектор, е дека е релативно отпорен и може без поголеми последици да ги издржи ударите од кризата во евро-зоната.

„Ни беа презентирани сите податоци за минатата година од кои може да се заклучи дека општата претстава за економијата во Македонија е стабилна. Ми беа укажани општите трендови за дефицитот и задолжувањето кон странство, според кои Македонија е пример како во регионот така и пошироко, со оглед на она што се случува во ЕУ. Денарот останува стабилен, а исто така и банкарскиот сектор. како што покажува симулацијата на стрес тестовите. Треба да бидеме задоволни од општата состојба во економијата, каде индикаторите покажуваат дека ќе имаме раст од три отсто, кој е можеби скромен, но во овие услови е сепак индикатор кој укажува на очекување и будење на еден оптимизам,“ истакна претседателот Иванов додавајќи дека политиката што ја води НБРМ е за пофалба.

Гувернерот Димитар Богов посочи дека  македонскиот банкарски систем е  релативно отпорен и може без поголеми последици да ги издржи ударите од кризата во евро-зоната и дека ќе се стори сè за да се минимизираат негативните ефекти од кризата во евро-зоната.

Во однос на падот на еврото во однос на доларот и можното влијание врз македонската валута, Гувернерот истакна дека денарот е стабилен и дека соодносот денар - евро исто така ќе остане стабилен.

Запрашан за очекувањата од новата рунда разговори на посредникот на ОН Метју Нимиц со претставниците на двете земји, Зоран Јолевски и Адаматиос Василакис, кои денес и утре ќе се одржат во Њујорк, претседателот Иванов нагласи дека Македонија е конструктивна во процесот за изнаоѓање решение за прашањето за името, а тоа го очекува и од Грција.

„Ние сме конструктивни во овој процес и нашиот претставник ги има сите инструкции и информации што ние како државен врв сме му ги укажале. Остануваме доследни на процесот, ја укажуваме нашата конструктивност и очекуваме и другата страна тоа да го прави,“ истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов посочи дека иако во јавноста можеби се создава поинаква перцепција за разговорите поради подолгиот застој, процесот треба да се гледа во целина.

Во рамки на денешната посета на НБРМ, претседателот Иванов ја посети музејската поставка „Македонија, парите и историјата“ која содржи нумизматичка збирка со околу 20,000 примероци на монети, медалји, ексагии и модерни банкноти.


Дипломатски прием во конзулскиот град Битола и прошетка со амбасадорите на Пелистер
Недела, 15 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера во градот на конзулите Битола приреди прием за дипломатскиот кор, прв пат надвор од главниот град и најави нова практика поврзана со традиционалниот новогодинешниот прием.

Заблагодарувајќи се за меѓународната поддршка која ја добива Македонија Иванов изрази очекување 2012-та да биде година во која ќе се помести состојбата статус кво во однос на интеграциите на земјата.

„Пресудата на меѓународниот суд на правдата е конечна и обврзувачка. Таа не може и не смее да се сведува на советодавно мислење и да се девалвира. Пресудата и времената спогодба се шанса за нашиот сосед, за сите нас, за регионот,“ истакна претседателот Иванов во своето обраќање пред дипломатите.

Нагласувајќи дека државите имаат и морална обврска да го почитуваат меѓународното право, Претседателот изрази очекување од Грција да го поддржи интегрирањето на Македонија во евроатланските структури.

Од име на дипломатскиот кор пред присутните се обрати доајенот, словенечкиот амбасадор Алан Брајан Бергант кој нагласи дека од големо значење за стабилноста на државата е да продолжи со развојот на мултиетничкото општество за еднакви граѓани со еднакви можности.

„Извештајот на ЕК е патоказ како да продолжите со реформите, особено во економијата, кои ќе придонесат за нови инвестиции, вработувања и подобрување на животниот стандард на сите граѓани,“ напомена амбасадорот Бергант.

По синоќешниот новогодишен прием во Битола, претставниците на дипломатскиот кор и претседателот Ѓорге Иванов денеска се качија на Пeлистер, каде беа пречекани од домаќинот, градоначалникот на Битола Владимир Талески. Со планински чај и топла ракија во пелистерскиот Инфо-центар, странските дипломати ја слушнаа кратката историја на Битола, спецификите и убавините на Пелистер, како и можностите за инвестирање во конзулскиот град.

„После 20 години решиме да ја промениме традицијата и тој новогодишен прием да го направиме малку поинаков. Овој пат на амбасадорите им ја покажавме Македонија во малку поинакво светло. Амбасадорите овие искуства ќе ги однесат во своите земји, од каде понатаму ќе чекаме туристи", изјави претседателот Иванов.

„Имавме и една работна средба со дипломатскиот кор, на која ги претставивме сите наши проекти - убава можност за промоција на нашите потенцијали," истакна градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Посетата продолжи кон ски-центарот, а оттаму и кон местото наречено „Ластојчин камен", каде дипломатите беа запознаени со историјата на месноста и уникатниот бор молика. Заедничка за сите беше воодушевеноста од одлуката на македонскиот Претседател, новогодишниот прием да го организира низ градовите во Македонија. Дипломатите го завршија престојот во Битола со ручек во хотелот Молика, а на менито се најдоа традиционални јадења, квалитетно македонско вино и ракија.

alt 

Глигоров беше лидер со визија за својата земја, брилијантен политичар и државник – писма со сочувства од светски лидери
Вторник, 10 Јануари 2012

Бројни странски државници, актуелни и поранешни претседатели, лидери на меѓународни организации, министри и амбасадори, упатија писма со сочувство по повод смртта на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров, до претседателот д-р Ѓорге Иванов, семејството Глигорови и целиот македонски народ.

Претседателот на Соединетите американски држави, Барак Обама, го изрази своето длабоко сочувство до семејството и граѓаните на Македонија. „Претседателот Глигоров ја водеше својата млада нација во тешки времиња со чест и достоинство. Тој беше човек од принципи и со заложби за мирот, кој остави зад себе наследство на посветена служба на народот,“ наведува претседателот Обама во писмото испратено до претседателот Иванов.

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон испрати телеграма во која го изразува своето длабоко жалење за смртта на првиот претседател на независна Македонија. „Тој беше патриот и вистински државник. Неговата посветеност за самостојноста на Македонија доведе до мирната транзиција во 1990-1991 година, а неговото цврсто лидерство беше инспирација во годините кога земјата ги надмина големите предизвици. Претседателот Глигоров беше пријател на САД и лидер кој имаше визија за својата земја, кој и понатаму ќе служи како пример во Македонија и регионот. Моите мисли и молитви се со неговото семејство и со сите граѓани на Македонија,“ вели во писмото со сочуство државниот секретар Клинтон.

„Името на починатиот претседател беше симбол на Македонија, која тој ја воведе во независност. Австрија изгуби пријател, кој особено се залагаше за развивањето на одличните односи коишто постојат меѓу нашите две земји,“ истакна австрискиот Сојузен Претседател, д-р Хајнц Фишер.

Зборови на сочувство пристигнаа и од претседателот на Италијанската Република, Џорџо Наполитано: „Во духот на големото и искрено пријателство кое ги поврзува нашите две земји, и во сеќавање на заложбата на Киро Глигоров како прв претседател на независна Македонија – која тој успеа да ја одржи далеку од ужасното насилство кое се разви во поранешна Југославија – ве молам да ги примите , во мое лично име и во име на целиот италијански народ, изразите на најискрено сочуство.“

Изрази на длабока почит и жалење пристигнаа и од Претседателот на Романија, Трајан Басеску, кој меѓудругото за претседателот Глигоров вели: „Маркантна личност во поновата историја, господинот Киро Глигоров остави трага во историјата на вашата земја, но и на Југо-источна Европа, станувајќи препознатлива фигура на меѓународно ниво во борбата за политичка независност.“

Искрени изрази на сочувство испрати и полскиот претседател Бронислав Коморовски: „За време на вршењето на својата функција претседателот Глигоров даде значителен придонес во градењето на државноста на Република Македонија. По повод болната и тешка загуба, сочувствуваме со вас господине Претседател, со семејството и граѓаните на Макеоднија.“

Вацлав Клаус, Претседателот на Република Чешка, во својата телеграма изразува длабоко жалење за смртта на поранешниот македонски претседател: „Го ценам фактот што имав можност да го познавам лично претседателот Глигоров и да го пречекам во февруари 2006 во Прашката тврдина. Со него замина значајна личност на македонскиот политички живот и убеден сум дека неговото наследство ниту долгогодишната работа нема да паднат во заборав.“

Шпанскиот крал Хуан Карлос испрати порака во која ги пренесува изразите на најдлабоко сочуство, во негово име, во име на Владата и народот на Шпанија.

Претседателот на Народна Република Кина, Ху Џинтао, исто така, испрати писмо со сочуство во кое наведува: „Киро Глигоров беше исклучителен државник кој вложи големи напори за економскиот и општествен развој на Македонија, како и за стабилноста и мирот во регионот. Тој беше посветен и значајно придонесе кон македонско-кинеското пријателство и соработка.“

Телеграма испрати и претседателот на Република Србија, Борис Тадиќ: „Вам и на граѓаните на Македонија ви го изразувам моето најдлабоко сочувство по повод смртта на претседателот  Глигоров.“

Бугарскиот претседател, Георги Парванов, во своето писмо со сочуство истакнува дека напорите и активностите на Глигоров, како претседател на Република Македонија, беа посветени на изградба и зајакнување на земјата: „Господинот Глигоров даде значаен придонес во развојот на односите меѓу Македонија и Бугарија. Тој беше еден од основачите на Балканскиот политички клуб – форум кој го консолидира политичкиот континуитет на дијалогот во југо-источна Европа.“

„Беше брилијантен политичар и државник. Неговите идеи беа конструктивни, а ги остваруваше методично, со такт и трпение на човек кој знае дека е во право. Во времето на трагичниот југословенски расплет, Глигоров беше силен глас на разумот и мирот. Претседателот Глигоров беше голем пријател на Црна Гора, секогаш дочекан со пријателство и почит. Остануваме благодарни на успесите и напорите да го сочува и зацврсти пријателството и соработката меѓу нашите две држави и народи,“ се вели во писмото испратено од претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.

Сочуство пристигна и од претседателот на Република Албанија, Бамир Топи: „Би сакал да ја потенцирам важната улога која тој како клучна политичка фигура ја имаше во општествениот и политичкиот живот во Македонија. Барам од Вас да ја прифатите искрената солидарност од албанскиот народ во овие тешки моменти.“

Претседателката на Косово, Атифете Јахјага, во телеграмата наведува дека смртта на првиот претседател на плуралистичка и демократска Република Македонија, кој е најзаслужен за мирна транзиција кон демократски систем, е голема загуба за македонскиот народ и македонските институции.

Претседателот на Република Грција, Каролос Папуљас, го изрази своето длабоко сочуство, наведувајќи: „Претседателот Глигоров ќе биде запаметен како лидер кој ја обезбеди демократската транзиција на својата земја и суштински го разбра значењето на регионалната соработка заснована на добри соседски односи, а во корист на мирот, безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа.“

Иво Јосиповиќ, претседател на Република Хрватска, непосредно по објавувањето на тажната вест, испрати писмо во кое се вели: „Името на претседателот Глигоров ќе остане трајно запаметено по неговата истрајна борба за човековите права, слободата и демократијата.  Исклучителниот придонес на претседателот Глигоров во сите сфери на неговото политичко дејствување, особено во демократските промени и мирната трансформација на македонското општество, остава длабока трага во поновата македонска историја.“

Словенечкиот претседател Данило Тирк, во своето писмо наведува дека Киро Глигоров беше човек на мирот кој со своите активности придонесе за решавање на проблемите во Југоисточна Европа и за зајакнување на меѓународниот мир и безбедност. „Меѓународната заедница ќе го памети г-дин Глигоров како мудар државник кој по мирен пат ја воведе Република Македонија во независност, демократија и пазарна економија, преку својата политичка, научна и новинарска работа.“

„Изгубивме политичар кој не само што беше далкеувид и почитуван државник, туку и исклучителна личност од поновата историја на вашата земја, кој суштински придонесе кон формирањето на македонската држава по мирен и уставен пат,“ наведува во своето писмо претседателот на Република Словачка, Иван Гашпаровиќ.

Длабоко сочуство до претседателот Иванов и македонскиот народ упати и Томас Хендрик Илвес, претседателот на Естонија.

Претседателката на Литванија, Далиа Грубаускаите, пренесува длабоко сочуство од литванскиот народ: „Ние ќе се сеќаваме на претседателот Глигоров како голем државник кој ја одведе Вашата земја кон независноста и кој направи сè што може за да ја задржи Македонија и нејзиниот народ од војните што ја зафатија поранешна Југославија.“

Писмо со сочуство пристигна и од поранешниот хрватски претседател, Стипе Месиќ: „Заминувањето на г-динот Киро Глигоров е загуба не само за Македонија туку и за целиот регион. Ќе биде запаметен како еден од ретките политичари и државници од овие простори кој знаеше да ги препознае, застапува и брани интересите на својата нација, а при тоа да не подлегне на национализам. Благодарение пред сè на неговата мудра политика, Република Македонија успеа да тргне по патот на независноста, избегнувајќи ги војните кои кон крајот на 20 век го разоруваа просторот на поранешна Југославија.“

Сочувство пристигна и од поранешниот претседател на Република Бугарија, Жељу Жељев: „Загубата на Киро Глигоров ќе биде силно почувствувана. Тој не само што беше мој колега, туку и мој искрен пријател. Би сакал да ги пренесам изразите на длабоко сочуство и од Балканскиот политички клуб – денес жалиме за еден од коосновачите. Претседателот Глигоров беше еден од најупорните, најактивни и ревносни поборници за Балканската кауза и целите кои Клубот ги постави како свои задачи.“

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, ги пренесе зборовите на сочувство, опишувајќи го поранешниот претседател Глигоров како човек со интегритет и визија: „Во време кога земјата ја стекнуваше својата независност, неговото лидерство овозможи мирна транзиција, иако регионот се справуваше со насилното распаѓање на поранешна Југославија. Ќе биде долго запаметен по неговата посветеност и храброст со кои им служеше на земјата и на граѓаните.“

Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен, кој се потпиша во книгата на жалост отворена во Мисијата на РМ при НАТО во Брисел, наведува: „Мое искрено сочуство по повод смртта на поранешниот претседател Киро Глигоров. Неговиот придонес за демократскиот развој на вашата земја и на целиот регион ќе се памети.“

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и потпретседател на Европската комисија, Кетрин Ештон и Комесарот за проширување, Штефан Фуле, испратија заедничка порака со сочуство, наведувајќи: „Како претседател од 1991 до 1999, господинот Глигоров ја предводеше земјата низ критичната транзиција, вклучително и по мирен пат стекнатата независност од Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Водејќи ја земјата напред на тој нов пат, тој донесе важни одлуки во корист на неговиот народ, а засновани на долгото искуство и знаење за неговата земја. Нека почива во мир.”

Сочуство пристигна и од Сојузниот министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Гидо Вестервеле: „Киро Глигоров е високо ценет во Германија. За време на неговото претседателство беа поставени темелите на добрите и плодни германско-македонски односи во полза на двете земји. Оваа загуба, од многу луѓе внатре и надвор од земјата, се почуствува како многу болна. Германија оддава високо почитување на споменот на претседателот Глигоров.“

Министерот за надворешни работи на Канада, Џон Баирд, го изрази своето почитување и длабоко сочувство за првиот демократски избран претседател на  Република Македонија, во името на сите Канаѓани, нагласувајќи го неговото водство низ мирната транзиција кон независност: „Неговото трајно наследство е неговата цврста посветеност на визијата за демократска Македонија. Таа визија го издвои г-дин Глигоров како вистински државник, кој многу ќе недостасува.“

Министерството за надворешни работи на Република Турција ги пренесе сочувствата на турскиот државен врв и турскиот народ по повод смртта на првиот македонски демократки избран претседател: „Како вистински државник, Глигоров покажа лидерство кога беше најпотребно за мирна трансформација на политичкиот систем во Македонија. Глигоров ќе биде секогаш паметен со почит и како близок пријател на Турција.

Во името на Нејзиното Височество Кралицата на Британија, сочувство испрати и британскиот амбасадор Кристофер Ивон: „Наследството кое претседателот Глигоров го остави,  управувајќи ја Република Македонија кон мирно стекнување независност, како и неговата историска улога во односот со Парламентот и политичкиот живот, ќе бидат искрено запаметени од многумина.“

Амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на Генералниот секретар на ОН, упати писмо со сочуство во кое починатиот поранешен претседател Глигоров го опишува како исклучителен лидер и личност со длабок интегритет и љубов за својата татковина и народ: „Тој ја водеше својата земја во времето на стекнување независност со вештинa и стратешки пристап. Имав голема привилегија да работам со него, да го запознаам и многу да научам од него,“ пишува Нимиц.




Претседателот Иванов на божикен ручек кај поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан
Понеделник, 09 Јануари 2012
Претседателот Иванов на божикна Златоустова литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“
Сабота, 07 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, заедно со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски, денес присуствуваше на централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан богослужеше Златоустова литургија.

Претседателот Иванов, по завршувањето на литургијата, на граѓаните од православна вероисповед им го честитаа Божик и им посакаа здравје, среќа, успех и спокојство.

„На сите православни верници им го честитам големиот христијански празник, Христовото раѓање - Божик и им посакувам здравје, многу радост и успеси во целата година. Како што сме обединети и сплотени за време на празниците, така да бидеме целата година, и сложни да го дочекаме новото Христово раѓање,“ истакна претседателот Иванов и ги поздрави православните христијани со традиционалниот поздрав „Христос се роди“.

На литургијата присуствуваа и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, повеќе амбасадори и други личности од јавниот живот во државата.

Државниот врв по литургијата присуствуваше на Божиќната трпеза која ја организираше поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан.

Атлетите од Специјалната олимпијада на Бадникова вечера кај претседателот Иванов
Петок, 06 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов заедно со своето семејство вечерва приреди Бадникова вечера за атлетите од Специјална олимпијада на Македонија.

На вечерата во претседателската резиденција „Вила Македонија“ присуствуваа 17 олимпијци - учесници на Светските летни олимписки игри одржани во Атина, Грција, минатата година. Најсреќен беше Дарко Арсов, кому му се падна златникот од бадниковото лепче. Арсов на Олимпијадата во Грција го освои златото во дисциплината пливање на 25 метри слободно.

Претседателот Иванов на Арсов и на сите атлети им посака успешна година, како и претходната, и им порача дека секогаш можат да сметаат на неговата поддршка.

Ова е прва ваква средба што спроти Божик ја иницираше претседателот Иванов, а со намера да придонесе кон подигањето на свеста кај пошироката јавност за лицата со интелектуална попреченост.


 

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 148 од 198