Новости
Да се почитуваме меѓу себе и да си простуваме – претседателот Иванов на свечена велигденска литургија во Соборниот храм
Недела, 15 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на свечената литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Тој на сите православни верници им го честитаа најголемиот христијански празник Велигден и им посакаа многу здравје, радост, среќа, мир, слога и успех.

„Овие се празници кога се потсетуваме на нашата традиција, на она што ни го оставиле нашите предци во завет, да се почитуваме меѓу себе и да си простуваме, затоа што колку што ги почитуваме другите и им простуваме ним, толку тие ќе не почитуваат и ќе ни простуваат нам,“ истакна претседателот Иванов по свечената литургија.

Претседателот во оваа прилика остро го осуди убиството на петте лица кај скопското село Смиљковци, изразувајќи длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на сторителите на свирепото убиство им порача дека правдата е достижна.

„Овие денови не можеме, а да не си спомнеме за убиството на петтемина и да сочувствуваме со нивните семејства и со нивните блиски. Очекуваме тие тоа што го сториле да бидат пронајдени и да бидат казнети,“ нагласи Претседателот.

Велигден за христијанските верници е најголемиот и најсветлиот празник, симбол за победата на животот над смртта, на доброто над злото. Овој празник е спој на верата и традицијата, ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите. Ден кога на симболичен и традиционален начин луѓето го слават докажувањето на божествената моќ на Исус.


 

alt
Нова ера на регионална соработка во ЈИЕ со инфраструктурно и енергетско поврзување - претседателска сесија на 15. Евроазиски економски форум
Четврток, 12 Април 2012

Не може да има траен мир и соработка без одржлив и забрзан развој, без учество на сите земји и општествени групи во развојот, истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на претседателската сесија „Глад, сиромаштија и невработеност“, што се одржа денеска во Измир во рамки на 15. Евроазиски економски форум.

Претседателот Иванов подвлече дека е потребна нова ера на регионална соработка во Југоисточна Европа и во Евроазија, со конкретни проекти во економијата и со инфраструктурното и енергетското поврзување. Економијата зависи од инфраструктурното поврзување, пред сè на патниот, железничкиот и авионскиот сообраќај, истакна претседателот Иванов, посочувајќи дека од тие причини веќе долго време со неговите колеги од регионот се залага за поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10, крупен проект со огромна корист за целиот регион.

Без енергетската сигурност никој во светот денес не може да прави проекции за својата иднина. Затоа, сакам Република Македонија, но и другите земји од регионот да бидат енергетски поврзани. Особено сум задоволен што сме во напредната фаза на преговори за вклучување на Македонија на гасоводот „Јужен тек“. Но, не треба да се потпреме само на тоа, наведе македонскиот претседател.

На патот кон европските и евроатлантските интеграции, не треба да се стекнеме само со членска карта. Сакаме суштинско интегрирање на европските критериуми и стандарди во нашите држави и општества, во целиот наш регион. Сами сакаме да ја изградиме Европа во нашиот регион. Да ја изградиме преку општествена стабилност, реформи, професионална администрација, ефикасно и независно судство, рече претседателот Иванов.

Зборувајќи за предизвиците на човештвото во втората декада на милениумот, претседателот наведе дека климатските промени, влошувањето на состојбите во животната средина, ограничените енергенси, водата, минералните ресурси стануваат приоритет на глобалната политичка агенда. Во таа насока најави дека во јуни идната година ќе биде домаќин на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од Југоисточна Европа.

Претседателот Иванов очекува да ги подигне регионалната свест и одговорноста за проблемите и предизвиците кои не познаваат граници, а чии последици се заедничка грижа. Последици кои, се неразделно поврзани и со прашањата за гладот, сиромаштијата и невработеноста, хронична болка на човештвото.

Македонскиот претседател се осврна на постигнувањата во намалувањето на нерамномерниот развој, кои веќе долго време се на приоритетната листа на системот на Обединетите нации. И покрај зголемениот пристап на голем број луѓе до чиста вода за пиење, намалување на смртноста на децата до 5 годишна возраст и зголемувањето на нивниот процент во основните училишта, резултатите, смета претседателот Иванов, не се доволни и сè уште не ги задоволуваат реалните потреби на човештвото. Во контекст на тоа укажа на податокот дека во светот многу повеќе се троши на наоружување и инвестиции во одбраната отколку за помош, развој и инвестиции во земјите во развој.

Претседател от Иванов претстави свое видување за потребата од операционализирање на регионален план на глобалната стратегија и напорите на Обединетите нации и на другите глобални фактори на светската политика. Тоа, побара институционално поврзување на политиките на земјите во регионите и воспоставување регионални механизми и институции за рамномерен развој. Стратегијата на Обединетите нации, порача претседателот Иванов, мораме да ја регионализираме и специфицираме, а во регионите да соработуваме на заедничка развојна политика, меѓусебно отворање и поврзување и на стратегија на одржлив развој.

На состанокот во Измир присуствуваа и македонските министри за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и без ресор Хади Незир. Учествуваат над 250 претставници од 40 држави, меѓу кои претседателите на Црна Гора, Албанија, премиерот на БиХ, поранешни претседатели на Бугарија, Романија, Косово.

Целта на состанокот е понуда на заеднички решенија на државите од Балканот, Европа, Азија и Африка за обезбедување стабилност и поголем развој, како и привлекување на вниманието кон проблемите со гладот, сиромаштијата и невработеноста со цел нивно минимизирање. Гладот и сиромаштијата не се проблем само на луѓето и државите што се соочуваат со нив, туку и на богатите и моќните, кои треба да ги минимизираат ваквите состојби, оценија учесниците на состанокот. Петнаесеттото издание на Евроазискиот економски форум се одржува во организација на Мармара фондацијата, во соработка со Стопанската комора на Измир.


alt
Да се вратиме кон основата на изворот на вербата и почитувањето на духовните вредности - средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј
Вторник, 10 Април 2012

Сите треба да се вратиме кон основата на изворот на вербата и почитувањето на духовните вредности за подобро справување со предизвиците на денешнината, за обединување и за заедништво, оценија македонскиот претседател Ѓорге Иванов и вселенскиот патријарх Вартоломеј на денешната средба во Цариградската патријаршија во Истанбул.

Покрај пораки за православно единство, претседателот Иванов и вселенскиот патријарх Вартоломеј разговараа и за проблемите со кои се соочува МПЦ, како и за чудото во црквата Св. Димитрија.

Претседателот Иванов изрази надеж дека прашањето на МПЦ ќе биде надминато низ дијалог со  взаемно почитување  во духот на христијанството и дека македонските верници ќе си го заземат своето место во православната екумена. Црковните прашања, изјави претседателот Иванов по средбата, ги решаваат црквите, кои за тоа немаат ограничен мандат за разлика од политичарите. Црковните прашања  си ги решаваат црквите. Ние сме политичари и сме ограничени со мандат. Црковните прашања кај црквата немаат ограничувања и тоа е процес кој ме радува што тече и кога-тогаш црквите ќе си го најдат своето решение, подвлече претседателот Иванов.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј од своја страна на средбата истакна дека неговите мисли и молитви и неговиот ангажман се во насока за надминување на братските недоразбирања и постигнување православно единство. Тој упати честитки за лидерството на претседателот Иванов, за неговата посветеност на духовните вредности, на дијалогот и толеранцијата на различностите.

На средбата на претседателот Иванов со цариградскиот патријарх претходеше негово присуство на утринската богослужба во црквата Св. Ѓорѓија во дворот на Цариградската патријаршија. На литургијата, која ја предводеше неговата светост Вартоломеј, се подготвуваше светото миро што ги внесува сите верници  во христијанството, чин што се прави на секои десет години непосредно пред велигденските празници.

Претседателот Иванов рече дека станува збор за неповторлив настан, кој дава надеж за заедништво на верниците од севкупната православна екумена. Подготовката на светото миро се прави еднаш на 10 години и претставува настан кој е неповторлив и ги внесува во христијанскиот свет сите верници. Присуството на оваа литургија, разговорите кои ги имавме со вселенскиот патријарх, ни дава надеж дека и нашите верници ќе бидат во заедницата со севкупната православна екумена, изјави претседателот Иванов.

alt
Балкански мир - визија за иднината со поуки од минатото - Конференција на Алијансата на цивилизации
Понеделник, 09 Април 2012

На свеченото отворање на Конференцијата на Алијансата на цивилизации, во Истанбул, претседателот Иванов како еден од главните говорници имаше свое обраќање на тема „Балкански мир - визија за иднината со поуки од минатото".

Светот да не ги повторува грешките од минатото за да биде подобро место за живеење, со што помалку конфликти, а повеќе слобода и демократија. Луѓето и религиите да се разбираат што повеќе, а цел на секој поединец  да биде стремежот за слобода, порача во своето обраќање претседателот Ѓорге Иванов.

Македонскиот претседател, пред повеќе од 200 учесници на конференцијата од политичкиот, економскиот, дипломатскиот и академскиот живот на Турција, направи преглед на последиците од конфликтите низ историјата во балканскиот регион и укажа на опасностите и причините за идните конфликти.

Мапата на светот, истакна претседателот Иванов, денес покажува оти таму каде доминира слободата доминира и богатството, но многу од богатството на планетата е резултат на задолженоста на одредени земји. Тоа, укажува дека ќе имаме многу конфликти кои нема да бидат на религиозна основа, ниту за слобода, туку војни меѓу тие кои имаат и тие кои немаат. Глобалните случувања, рече претседателот Иванов, се одразуваат на состојбите на Балканот, кој станува место во кое спас бараат многумина од ризичните подрачја.

Има постојано движење на луѓето и миграции кои предизвикуваат потенцијални конфликти. Поради тоа, Алијансата на цивилизации има многу работа. Треба да се води битка на многу фронтови, затоа што старите предрасуди кои потекнуваат од религијата не се исчезнати, поделбите кои ги создале идеологиите доминираат уште, но и современиот начин на живот кој создава големи долгови е извор на конфликти, подвлече претседателот Иванов.

Тој истакна дека за да се постигне мир, светот треба да учи од минатото, за да не ги повторува грешките во иднината. Токму тука е улогата на Алијансата на цивилизациите,  да влијае на луѓето и религиите да се разбираат меѓу себе, а слободата да биде цел на секој  и да се користи желбата да се  живее во подобар свет, оцени македонскиот претседател во предавањето што го одржа на конференцијата.

Младите имаат потреба и желба да другаруваат меѓу себе – Караванот „Спортот како фактор на заедништво“ во Шуто Оризари
Сабота, 07 Април 2012

Караванот од околу 300 ученици, на возраст од 9 до 12 години, од шест општини опфатени со проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, кој се спроведува под покровителство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска гостуваше во општина Шуто Оризари.

Претседателот Иванов, кој присуствуваше на спортско-културната манифестација во рамки на проектот, потсети дека по Прилеп ова е втора општина во која учениците низ спортски активности и игра ќе се дружат и запознаваат.

„Тоа што го видовме во Прилеп и овде покажува дека кај младите има потреба и желба да другаруваат меѓу себе. Преку тоа другарување се запознаваат и ја осознаваат Македонија како земја на различности, кои сме ги почитувале, постојано сме ги негувале. Особено е значајно од мали нозе да ја почувствуваат таа моќ која дава заедништвото,“ истакна претседателот Иванов.

Според него, младите треба да имаат можности да другаруваат и преку спортот да го добијат чувството за натпревар, но во животот да го насочат кон постигнување успеси и стекнување поголемо знаење. Растењето во мултиетничка средина е голема придобивка и предност, а спортот е одлична основа за зближување, размена и другарување.

Претседателот информира дека за овој проект интерес да се вклучат покажале и други општини.

Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал“ во партнерство со општините вклучени во неговата реализација - Прилеп, Тетово, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште. Целта на проектот е да им овозможи на учениците од основното образование од шесте општини преку спортски активности, дружење, комуникација и посета на локални културни знаменитости подобро да се запознаат со своите врсници кои поттекнуваат од различни културни и етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување.

Претседателот Ѓорге Иванов во Шуто Оризари го честиташе утрешниот Меѓународен ден на Ромите. Имаше средба со градоначалникот Елвис Бајрам и со советници во општината, кои изразија благодарност за оваа прва посета на претседател на државата на Општината, како и за тоа што настанот се случува во пресрет на Денот на Ромите.

alt 

Поддршка за успехот и креативните идеи – Претседателот во посета на Бизнис центарот на гимназијата „Корчагин“
Четврток, 05 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес го посети Бизнис центарот на гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“- Скопје. Повод за посетата на Претседателот е освоеното второ место од страна на тимот на Гимназијата на Глобалниот виртуелен натпревар во претприемништво за 2012 година, организиран од Британскиот совет.

Четворицата средношколци - Бонита Колевска, Верче Карафиловска, Душан Трајковски и Андреј Георгиевски, на поставена задача што би направиле ако нивната земја биде домаќин на Олимписки или Параолимписки игри, развиле идеја за организирање и поставување Етно-села, енергетски ефикасни и пристапни за лица со хендикеп. Членовите на Бизнис центарот на Претседателот му презентираа концептот и бизнис идејата со која го осовоија второто место на глобалниот натпревар.

Претседателот Иванов го поздрави нивниот успех, нагласувајќи дека тоа е позитивен пример кој треба да се следи.

„Видов многу инвентивност и креативност во оваа гимназија и тоа е за почит. Наставниците и учениците создаваат нешто што е препознатливо и на глобален план. Не само што како држава инвестираме во образованието и им создаваме услови за иднината на овие генерации, туку преку овој пример видовме дека создаваме и млади за иднината. Овие млади луѓе покажаа дека стекнатото знаење можат да го истакнат и на глобален план и да добиваат награди. Ова е извонреден пример и за учениците и за наставниците, но и за тоа дека кога се има идеја, идејата победува,“ изјави претседателот Иванов.

Тимот од гимназијата Корчагин победи на државниот натпревар во претприемништво во октомври минатата година, по што влезе во конкуренција за најдобар бизнис-план на глобално ниво, во кој беа вклучени земји во развој како Босна и Херцеговина, Турција, Казахстан, Узбекистан, Јужно-афричката Република, Пакистан и Бангладеш. На Глобалниот виртуелен натпревар во претприемништво за 2012 победи проект на ученици од Јужна Африка, кој само за неколку поени разлика го понесе првото место пред македонските средношколци од „Корчагин“.



 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 142 од 198