Новости
Младите да го сватат заедништвото како основа за подобар живот – почеток на проектот „Спортот како фактор на заедништво“
Среда, 04 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Прилеп го означи почетокот на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување” со кој се опфатени ученици од шест општини. Овој проект, чиј прокровител е Претседателот, има цел да им овозможи на учениците од основно образование од шест општини, преку спортски активности, дружење, комуникација и посета на локални културни знаменитости, подобро да се запознаат со своите врсници кои потекнуваат од различни културни или етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување.

Дружејќи се со децата од Тетово, скопски Центар, Старо Нагоричане, Врапчиште, Шуто Оризари и Прилеп, заедно со градоначалниците на шесте општини, на првата спортска манифестација во спортската сала „Сонце” кај Тутунскиот комбинат, претстедателот Иванов истакна дека најбитно е младите да го сфатат заедништвото како добра основа за подобар живот, а натпреварувачкиот дух да го насочат кон постигнување успеси.

„Проектот, реализиран со уште пет општини, има за цел преку спортот да ги обединува младите, да ги сплотува, да им овозможи да се запознаваат, да сфатат дека живееме во земја со различни религии, култури, јазици, и преку меѓусебното запознавање да ја учат таа различност и да ја почитуваат. Треба од мали нозе да ја сватат нашата реалност, дека мора да живееме заедно и тоа да го промовираме и чуваме. Младите треба да се натпреваруваат по добрина и успех и да научат дека во животот сè се постигнува со залагање и труд,“ нагласи претседателот Иванов.

Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека е голема чест што проектот стартува од Прилеп, нагласувајќи дека задача на секој граѓанин е да ја негува мултинационалноста.

„Овој проект има за цел да придонесе младите да растат здраво, во мултиетничката средина, која е нашето најголемо богатство. Децата треба да се дружат и да се запознаваат, а спортот е одличен повод за дружење. Другарството што ќе се стекне, ќе трае,“ рече Ристески.

Во проектот се вклучени и истакнати поранешни македонски спортисти. Поранешните фудбалери Артим Шакири, Тони Мицевски и Марјан Станојкоски нагласија дека спортувањето е особено важно за сите млади луѓе.

„Им порачуваме на сите млади да спортуваат. Би сакале еден ден од нив да излезе голем талент и да нè претставува во македонската репрезентација. На децата треба да им се создадат услови да спортуваат,“ посочија фубалските легенди.

Носител на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување” е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал“, во партнерство со општините вклучени во неговата реализација – Прилеп, Тетово, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште. Во наредниот период слични спортско-културни манифестации ќе се организираат и во останатите општини. Поддршка за реализација на проектот обезбеди и бизнис заедницата, како и повеќе институции.


polit_forum
Претседателот Иванов одржа завршно предавање на 15та Aкадемска конференција на млади политиколози во Охрид
Недела, 01 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Охрид орджа завршно предавање пред учесниците на втората по ред Академска конференција „Европа со/без граници“, во организација на Македонскиот политиколошки форум и Правниот факултет „Јустинијан Први“ и со поддршка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.


На идните политиколози претседателот Иванов им порача да не се плашат од успехот, своите активности да ги насочат кон подобрување и сопствено усовршување, оттаму што како академски граѓани тие делуваат во сите сфери на општеството и имаат можност значајно да влијаат врз севкупните состојби во земјата.


„Очекуваме овие млади луѓе кои учествуваа во конференцијата, во иднина да ги гледаме на многу одговорни функции. Добро е на овие години тие да се сплотени и единствени, да наоѓаат заеднички јазик за состојбите во земјата и во регионот, и да ја користат науката за осознавање на новата реалност во која живееме,“ порача претседателот Иванов говорејќи за денешните граници на Европа и како тие може да бидат поместени токму од студентите.


Во работата на Конференцијата во Охрид учествуваа 50 студенти по политички, економски и сродни науки од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, САД, Велика Британија. Со годинешната конференција воедно се одбележува 15-годишнината од постоењето на Македонскиот политички форум, студентска организација при Правниот факултет, во која членуваат политиколози од сите нивоа на студии.


Темите на предавањата во рамките на конференцијата се однесуваа на концептот Европолис, економската ситуација и економските предизвици, предизвиците на ЕУ на Западен Балкан и иднината на земјите-кандидати за членство во ЕУ.

alt
Претседателот Иванов во Охрид официјално ги отвори 15-те Македонски студентски игри
Сабота, 31 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Охрид ја прогласи за отворена најмасовната студентска спортска манифестација во државата - Македонски студентски игри „МСИ 2012“.

На годинешните 15-ти по ред студентски игри, што во организација на Студентскиот парламент при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ традиционално секоја година се одржуваат во Охрид, учествуваат повеќе од 800 студенти.

Претседателот Иванов, воедно и покровител на оваа регионална спортска манифестација, заедно со студентите на теренот го започна првиот натпревар во мал фудбал.

На спортскиот собир во Охрид, покрај студентите од Македонија учествуваат и  лидерите на студентите од земјите од југоисточна Европа, дел од Европската студентска унија, како и нивни колеги од земјите во регионот. И токму регионалниот предзнак е од особено значење, поради можноста за комуникација и интеракција на студентите од регионот.

„Овој настан годинава е најброен, со учество на студенти речиси од сите државни и приватни универзитети од Македонија, но и гости од Европската студентска унија. Покрај спортските натпревари, во рамки на игрите годинава ќе се одржат и неколку митинзи на СЕИ-групата (South-East European Initiative) како дел од Европската студентска унија, а во која членува и Македонија,“ истакна Иван Живковски, претседателот на Студентскиот парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

На програмата на студентските спортски игри се повеќе дисциплини, од футсал, потоа кошарка, ракомет и одбојка во двете категории - мажи и жени, пинг-понг, шах, а оваа година за првпат ќе бидат промовирани и боречките спортови преку натпреварите во џудо.



Светитот Престол и Македонија афирмираат исти морални вредности - Средба со апостолскиот нунциј, Болонек
Четврток, 29 Март 2012

Претседателот Иванов вечерва во претседателската Вила Водно приреди вечера на која присуствуваа апостолскиот нунциј акредитиран за Република Македонија, надбискупот Јануш Болонек, и претходниот апостолски нунциј во нашата земја, Сантос Абрил и Кастиљо.

Претседателот Иванов упати честитки за денешното поставување камен темелник на новата Бискупска резиденција во скопската населба Водно, изразувајќи задоволство што и практично почна да се реализра еден од неопходните услови за евентуалната посета на Папата, при што ја реафирмираше поканата папата Бенедикт XVI да ја посети Република Македонија.

Македонскиот претседател, исто така, упати честитки до претходниот нунциј Кастиљо за неговото именување за кардинал на Базиликата Санта Марија Маџоре.

На средбата беше потврдено дека Република Македонија и Светиот Престол негуваат односи исполнети со заемно разбирање и поддршка, како и дека политиката што ја води Светиот Престол и залагањата на меѓународен план, афирмирајќи ги врвните морални вредности, се совпаѓаат со надворешно-политичките ориентации на нашата држава. Република Македонија, како што посочи Претседателот, е мултинационална, мултикултурна и мултиконфесионална држава каде дијалогот, толеранцијата, почитувањето на различноста се вековна традиција.

„Нашиот модел на соживот, заснован врз принципот на интеграција без асимилација, е нашата најсилна легитимација во меѓународното општество, воедно и нашиот најдобар политички извозен продукт. Тоа е и нашиот придонес кон регионалната стабилност и просперитет,“ истакна претседателот Иванов.

На средбата стана збор и за заложбите на Република Македонија за јакнење на дијалогот меѓу религиите, како и редовното учество на конференциите посветени токму на меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог. Претседателот Иванов го истакна задоволството дека на 10-годишнината од одржувањето на Самитот на шефови на држави и влади во југоисточна Европа посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите, кој во 2003 година за прв пат се одржа во Охрид, Република Македонија повторно ќе биде домаќин на овој значаен настан во 2013 година.

alt
 
 

Граѓаните најмногу ја ценат чесноста на претседателот Иванов – најнова анкета на ИПИС
Петок, 23 Март 2012

Резултатите од последното истражување на Институтот за политички истражувања - Скопје (ИПИС) покажуваат дека рејтингот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов е во континуиран пораст. Во однос на прашањето: Какво е вашето мислење за Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов? - 54,7% се изјасниле позитивно, 30.6% негативно, додека 14.6% одговориле дека немаат одговор.

Мнозинството македонски граѓани исто така сметаат дека претседателот Ѓорге Иванов чесно си ја извршува својата работа. На прашањето: дали сметате дека Претседателот Иванов чесно ја извршува својата функција, дури 71.8% одговориле позитивно, 20.2% одговориле негативно и 8% немале одговор или одговориле со не знам.

Политиката и работата на претседателот Иванов во однос на прашањето за името е оценета позитивно од 62% од испитаниците, додека пак во однос на неговите надворешно-политички активности позитивно се изјасниле 59.1%.

Анкетата е спроведна телефонски во периодот помеѓу 16 и 19 март 2012 година на 1109 испитаници како дел од редовните мерења на ставовите на граѓаните во однос на нивната доверба и перцепции за работата на Претседателот на Република Македонија.

Истражувањето на јавно мислење беше спроведено според стадардизиран прашалник и врз основа на стратификуван примерок кој е репрезентативен за населението во Република Македонија. Во примерокот беа запазени сите релевантни демографски специфики на населението (полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност), а беше направена и соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење (урбана или рурална средина, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности). Во примерокот беа застапени испитаници од сите изборни региони во Македонија. Во анкетата беа опфатени повеќе прашања кои се однесуваат на работата на Претседателот при што беше подготвена и компаративна анализа со претходно спроведените истражувања.

Водата е ограничен ресурс и потребен е поинаков однос - Светскиот ден на водите одбележан во кањонот Матка
Четврток, 22 Март 2012

„Повеќе од милијарда луѓе во светот немаат пристап до вода за пиење. Милиони луѓе годишно умираат пиејќи нечиста вода. Само половина процент од целата вода на планетата е вода за пиење, што значи дека тоа е ресурс кој е многу ограничен. И токму овој ден нè потсетува да размислуваме како се однесуваме ние кон водата,“ истакна денеска претседателот на Република Македонија д-р  Ѓорге Иванов на одбележувањето на 22 март - Светскиот ден на водите, што се одржа во кањонот Матка.

„На планетарно ниво водите станаа глобални депонии. Тоа го видовме и кога доаѓавме наваму, гледајќи што вадат нуркачите само од овој наш мал простор,“ посочи претседателот Иванов.

Тој изрази благодарност до Амбасадата на Кралството Норвешка во Македонија која ја поддржува акцијата на спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ за чистење на езерото во кањонот Матка. Претседателот воедно изрази надеж дека оваа иницијатива ќе стане традиција и ќе ја разбуди свеста кај другите за да го променат својот однос кон водата.

„Доколку не изградиме одговорни поединци, ќе се продолжи со ваквото загадување, а водите ќе ни бидат се позагадени. Преку водата тоа ќе доаѓа до нашата храна и ќе бидеме сведоци на многу болести. Животот ќе ни се усложнува со нашата негрижа кон водата и кон природата,“ нагласи претседателот Иванов.

Тој потенцира дека ја поддржува секоја иницијатива која придонесува да се изгради поинаков однос, да имаме свест кон она што треба да го оставиме за нашите потомци.

„Ја поддржуваме оваа акција и ги охрабруваме сите млади луѓе и сите граѓани на Република Македонија да водат грижа за водите бидејќи со тоа всушност водиме грижа за самите себе, додаде Претседателот.

Норвешкиот амбасадор Кјетил Паулсен истакна дека ја поддржува акцијата на „Врело“ бидејќи се работи за важен проект кој е од голема важност за Скопје и за сите негови жители, воопшто за здравјето и за животот во водата.

„Водата е нешто најскапоцено што го имаме. Без чиста вода нема живот и оттаму да се заштити водата е најважна активност на човештвото,“ истакна амбасадорот Паулсен.

Кире Ангелески, претседател на спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ информира дека денеска почнуваат акција за чистење на езерото во кањонот Матка која ќе трае од март до јуни. Во акцијата ќе бидат вклучени 20-ина професионални нуркачи од Скопје, Охрид и Битола од најголемите нуркачки клубови во државата. Се предвидува да се соберат околу 200 тони цврст отпад од езерото и тоа претежно метал, пластика и гуми. Нуркачите ќе користат специјална опрема која се користи за вакви акции, и тоа посебни корпи за вадење на тежок отпад, балони и вреќи.

Иницијативата за одбележување на Светскиот ден на водите е покрената во 1992 година од страна на Обединетите нации на Конференцијата за заштита на животната средина и одржлив развој во Рио Де Женеиро. По ова, Генералното собрание на ОН во 1993 година го прогласи 22 Март како прв Светски ден на водите. За да биде истакната важноста за грижа за водата, периодот 2005-2015 година ОН го прогласи за Деценија на водите под мотото „Вода за живот“.


 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 143 од 198