Новости
Вашите успеси се успеси на Македонија - средба со членовите на Македонската традиционална карате федерација
Четврток, 23 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на Македонската традиционална карате федерација, кои на последниот Европски шампионат во традиционално карате одржан во Ерусалим, Израел, постигнаа врвни резултати освојувајќи неколку медали.

Претседателот Иванов на средбата им го честита овој голем успех на македонските каратисти, посакувајќи им и натаму да продолжат со остварување нови спортски успеси и достигнувања, и достојно да ја претставуваат Република Македонија во светот.

„Вашите успеси се успеси на Македонија. Инвестициите во спортот се инвестиции во нашата иднина. Горд сум што со вашиот пример, младите денес имаат позитивни херои и идоли со кои ќе се идентификуваат. Како што се покажа во изминатиот период, колективните спортови и успесите на македонските репрезентации, ни ја вратија самодовербата и нè сплотија во заедничка радост,“ истакна претседателот Иванов на средбата, нагласувајќи дека каратето како спорт и вештина, бара голема физичка, но и психичка подготвеност и е израз на изграден и цврст карактер.

Селекторот и тренер на Македонската традиционална карате федерација, Венцислав Недев, му заблагодари на претседателот Иванов за големата поддршка и за тоа што ниеден спортски успех досега не поминал без признанието на шефот на државата. Во името на претседателството на федерацијата, тој на претседателот Иванов му врачи Плакета за заслуги.

Членовите на карате федерацијата го информираа Претседателот за тековните активности и подготовки, како и за плановите за учество на идните шампионати, посочувајќи дека најголема желба и цел им е Македонија да биде домаќин на некој од наредните светски првенства во карате, за што веќе поднеле кандидатура. Македонските карате репрезентативци истакнаа дека со градењето на новите спортски сали и објекти, се подобруваат условите за тренинзи и надградба, како основен предуслов за подигнување на спортската форма и постигнување на спортски резултати.

Репрезентативецот Дејан Недев, во Ерусалим освои златен медал, победувајќи во пет борби во дисциплината кумите, во конкуренција на 26 каратисти. На Европското првенство каратистите од македонската репрезентација освоија уште два сребрени и два бронзени медали. Европски вицешампиони во кумите екипно станаа Дејан Недев, Кристијан Кајчевски, Матеј Ангеловски и Аљоша Недев.



Македонија е позитивен пример за изучување на јазиците на заедниците – посета на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“
Вторник, 21 Февруари 2012

По повод 21 февруари, Светскиот ден на мајчиниот јазик, промовиран во рамките на Обединетите нации како ден на лингвистичката и културна разновидност и мултилингвизам , претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес го посети Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што покрај средбите со деканот, продеканите и шефовите на катедри,  имаше прилика да се сретне и со студентите.

Како што нагласи Претседателот, јазикот е комуникациски код, преку кој комуницираме, се осознаваме и ја изразуваме својата посебност, и секој да има право да го изучува и да го негува мајчиниот јазик, додавајќи дека Филолошкиот факултет ја негува таа практика, и покрај македонскиот, во оваа образовна институција се изучуваат и јазиците на другите етнички заедници, како и дел од светските јазици.

„Македонија е позитивен пример за изучување на јазиците на заедниците но, за жал, во соседните земји тоа не е случај. Затоа, денешниот Светски ден на мајчиниот јазик нека биде повик и мотив секој да си го негува својот мајчин јазик, и да не биде попречуван во тоа,“ изјави претседателот Иванов, нагласувајќи дека најголем непријател на мајчиниот јазик е оној што не го почитува.

На средбата со студентите на факултетот, а потоа и во изјава за медиумите, шефот на државата , цитирајќи го Конески, нагласи дека јазикот е духовна татковина и дека почитта кон него е и почит кон  традицијата и предците што го зачувале и го осовременувале јазикот.

„Јазикот ја содржи посебноста на секоја заедница и ни овозможува да сме луѓе. Без него ќе немаше поезија, ќе го немаше целото творештво и целото наследство од предците,“ истакна Претседателот, порачувајќи им на студентите да се грижат за чистотата на јазикот.

alt

Во врска со неодамнешните реакции кон идејата да бидат во мирување или да се намалат квотите за упис на студенти на катедрите за македонски јазик и литература, шефот на државата истакна дека проблемот е економски, а не политички. Тој најави дека заедно со Министерот за образование и наука сериозно ќе му пристапат и на прашањето за лекторатите по македонски јазик во светот, од кои изворно се запознал дека имаат финансиски проблеми.

„Како ќе се подобрува економската состојба, ќе има сè повеќе средства и за лекторатите. Се надеваме дека ќе биде надминат тој проблем и ќе се отвораат се повеќе лекторати,“ посочи претседателот Иванов.

На новинарско прашање во врска со неговиот впечаток по вчерашната средба со медијатотот на ОН, Метју Нимиц, претседателот нагласи дека Македонија е секогаш конструктивна и придонесува во изнаоѓање заемно прифатливо решение, а и самата изјава на амбасадорот Нимиц укажува дека ние како земја сме посветени на решавање на прашањето што трае веќе една и пол деценија.

„Истата посветеност и конструктивност ја очекуваме и од другата страна но, за жал, од таму во последно време немаме некои позитивни поместувања,“ рече шефот на државата по посетата на Филолошкиот факултет на Скопскиот универзитет.

Претседателот Иванов не смета дека Македонија и Грција сега се најразединети во спорот за името и тоа, според него, го потврдува и односот меѓу обичните граѓани на двете земји.

„Ако ја согледате состојбата меѓу обичните граѓани на Грција и на Македонија, таа е сосема поинаква. Исчезнуваат стравовите и предрасудите од минатото. Меѓу граѓаните нема никакви негирања и оспорувања. Овој проблем е создаден од политичките елити, кои го користеле за политички цели. Некои грчки политичари направија политички кариери држејќи го отворено ова прашање. Треба да ги согледаме сите димензии на сево ова. Ние сме тие што сме засегнати и трпиме поради тоа што Грција има проблем со нашето име. Ние немаме проблем на кого да докажуваме кои сме, самите знаеме кои сме и што сме,“ истакна претседателот Иванов.


Претседателот Иванов во посета на Турција – средби со претседателот Ѓул и премиерот Ердоган
Недела, 19 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, престојуваше во посета на Истанбул, Република Турција каде што оствари работни средби со Претседателот на Република Турција, Абдула Ѓул и со претседателот на Владата на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.

На средбите соговорниците констатираа позитивен тренд во развојот на билатералните односи и соработка и изразиja задоволство од континуираното високо ниво на политички односи меѓу Република Македонија и Република Турција, кои се карактеризираат со дух на пријателство, висок степен на доверба и отсуство на отворени прашања.


Централна тема на двете средби беше размена на мислења за состојбата со македонската интеграција во НАТО алијансата во пресрет на Самитот во Чикаго.


Претседателот Иванов изрази благодарност за поддршката што Република Македонија ја добива од Република Турција во Северноатлантскиот сојуз, и подвлече дека Македонија, ги исполни условите и заслужено очекува членство во НАТО. Претседателот Ѓул и премиерот Ердоган нагласија дека Република Македонија секогаш може да смета на безусловна поддршка од Република Турција. На средбите беа разменети мислења и информации за регионалните прашања.

За лозарите плодна година, а за винарите многу квалитет – закројување на лозјата по повод Св. Трифун
Вторник, 14 Февруари 2012

За плодна и бериќетна година и во согласност со македонските традиции, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес, на Денот на лозарите и големиот христијански празник – Св. Трифун, присуствуваше на свеченото одбележување на празникот во Кавадарци и Демир Капија.

Претседателот Иванов учествуваше во церемонијалниот чин на закројување на виновата лоза, посакувајќи им на лозарите богато производство на трпезно и винско грозје, а на производителите на вино уште поголем пробив на странските пазари.

„Денес сме тука во Тиквешијата да им посакаме на лозарите многу плодна година и многу бериќет, а на винарите многу квалитет. Македонското вино се почесто се наоѓа на трпезите и надвор од Македонија, станува македонски препознатлив бренд затоа што квалитетот кој го дава ова поднебје е познат од многу одамна и е заштитен знак на Тиквешијата. Се надевам дека и оваа година ќе оствариме и поголем извоз на македонското вино на светските пазари,“ истакна претседателот Иванов при денешната посета на тиквешкиот вински регион.

Тој нагласи дека особено радува фактот што оваа вековна традиција се обновува, и граѓаните на овој ден се собираат, се сплотуваат и го слават Денот на лозарите - Св. Трифун. Претседателот Иванов истакна дека по негов вкус е виното „Вранец“, произведено од истоимената карактеристична македонска сорта.

„Јас потекнувам од ова поднебје, во минатото сме имале и домашно лозје. Вранецот е специфична сорта за овие простори, а воедно е и многу здраво вино, кое служи и како лек,“ посочи Претседателот, кој во рамките на одбележувањето на празникот присуствуваше и на аукција на архивски вина во организација на Фондацијата „Тиквешки вински пат“.

Претседателот успешно лицитираше за неколку примероци квалитетно вино од познати македонски винарии, заедно со Министерот за финансии, Зоран Ставревски, американскиот амбасадор Пол Волерс и други претставници на дипломатскиот кор. Средствата собрани од аукцијата на вина ќе бидат наменети за Специјалниот завод „Демир Капија“ и за поддршка на лицата со посебни потреби згрижени во него.


 

Терминот „македонски“ во официјална употреба за македонската заедница во Австралија
Понеделник, 13 Февруари 2012

Австралиско-македонскиот комитет за човекови права (АМКЧП) испрати известување до Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, и до другите релевантни институции во државата, со кое информира дека нивните напори за правото на само-идентификување на македонската заедница и долготрајното лобирање, конечно дадоа позитивен резултат - австралиската влада официјално ја повлече “Славо-македонската директива“ со која македонската заедница беше преименувана во 1994 година.

„Соопштението на австралиската Влада дека официјално става крај на својата навредлива политика на преименување, значи враќање кон долготрајна и успешната политика на мултикултурата, која АМКЧП одамна ја поддржува,“ наведува  Австралиско-македонскиот комитет во своето соопштение, посочувајќи дека и натаму ќе ги застапуваат барањата Владата на Австралија да ја признае Република Македонија под нејзиното официјално и демократско избрано име.

Претседателот Иванов во возвратното писмо до Австралиско-македонскиот комитет за човекови права  изрази особено задоволство по повод повлекувањето на наведената директива.

„Писмата што ги добивте од Министерството за надворешни работи на Австралија и од Министерството за имиграција и државјанство со кои се потврдува дека во иднина ќе го употребуваат терминот ’македонски’ претставуваат голем успех за што искрено ви честитам,“ нагласи претседателот Иванов во своето писмо, поздравувајќи ги  посветеноста и заложбите на членовите на Комитетот за признавање и подобрување на положбата на Македонците во Австралија, како и за афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет.

„Горди сме на нашите сонародници во Австралија и благодарни за сè она што го прават во негувањето и афирмацијата на македонскиот идентитет и традиции. Како и досега, така и во иднина, ја имате мојата целосна поддршка. Пријателските односи и соработката меѓу Република Македонија и Австралија ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат во сите сфери од заемен интерес, а големата македонска заедница во Австралија е мостот што секогаш ќе нè поврзува,“ се вели во писмото на претседателот Иванов.

Кампањата на АМКЧП започна во 1994 година и вклучуваше сослушувања во Високиот суд на Австралија, Комисијата за човекови права и еднакви можности и Парламентарниот комитет за надворешни работи и трговија. Кампањата го достигна својот врв неодамна како последица на интензивна серија од размени на мислења, која вклучуваше средби и допишувања со министри на владиниот кабинет, вклучувајки ја и премиерката, парламентарни претставници од сите политички партии и повеќе владини министерства.



Началникот на Генералштаб Котески му реферираше на претседателот Иванов за борбената готовност на АРМ за 2011 година
Среда, 08 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денес во домот на АРМ присуствуваше на брифинг за борбената готовност на АРМ за 2011 година, како редовна обврска на Генералштабот на АРМ кон Претседателот на државата.

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, на редовната годишна средба му реферираше на шефот на државата и врховен командант д-р Ѓорге Иванов за борбената готовност на Армијата во изминатата година.

Претседателот  Иванов, од генерал Котески беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2011 година, согласно функционалните области на АРМ, а кои се однесуваат на персоналниот менаџмент, заштита на силите, операциите, обуката и вежбите, логистичкото обезбедување, врските и комуникациите, и буџетирањето.

На брифингот за борбената готовност на АРМ, присуствуваа и министерот за одбрана  Фатмир Бесими и командантите на потчинетите команди и единици, клучниот персонал од Министерството за одбрана и началниците на организационите единици на ГШ на АРМ.


 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 146 од 198