Новости
Имаме потенцијал во сите научни области – Претседателот го додели признанието „Најмлад научник“ за 2011 година
Вторник, 20 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес, на свечена церемонија во претседателската Вила Водно, го додели признанието „Најмлад научник“. Носител на признанието за 2011 година е Трифче Сандев, чие поле на интерес и истражување се природно-математичките науки, поконкретно физиката и математичката физика.

Како што нагласи претседателот Иванов, доделувањето на признанието за врвни научни достигнувања прераснува во традиционална манифестација, чија цел е стимулирање на науката, со особен акцент на младите македонски научници до 30-годишна возраст.

„Минатата година, кога за првпат го доделувавме признанието, на конкурсот се пријавија седумнаесет млади научници. Годинава имавме пријавено дваесет и двајца, што јасно покажува за зголемување на интересот,“ истакна Претседателот додавајќи дека според анализата на пристигнатите извонредни научни трудови се констатира не само квантитативен, туку и квалитативен позитивен исчекор.

„Креативноста и постигнувањата на младите научници ни даваат за право да веруваме дека имаме потенцијал на кој сериозно треба да се смета во сите научни области. Ние, како општество, треба да направиме сè, младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите, во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа за развојот на нашата држава,“ нагласи претседателот Иванов.

Честитајќи му на Сандев за признанието, Претседателот истакна дека особено го радува фактот што овој млад научник своето образование целосно го има стекнато во домашните образовни институции, живее и работи во Република Македонија. Тоа е доказ, посочи претседателот Иванов, дека кај нас може да се создаваат врвни научни достигнувања, кои ќе се неизоставен дел од светската современа наука.

Трифче Сандев, е роден во Кратово, а своето високо образование го стекнал на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде во моментов ја има пријавено и неговата докторска теза. Тој истакна дека да се добие едно вакво признание од Претседателот на државата за еден млад човек, којшто се наоѓа на почетокот на својата научно-истражувачка кариера, навистина значи многу.

„Оваа награда ме прави среќен и задоволен бидејќи претставува потврда за квалитетот на мојата досегашна работа и нејзиното значење за државата, но уште повеќе ме поттикнува и обврзува да продолжам да давам сè од себе и понатаму да придонесувам за промоција на научните истражувања од Република Македонија,“ истакна Сандев.

Најдобриот млад научник за 2011 година уште и нагласи дека посакува оваа награда и понатаму да продолжи да претставува промотор на млади научници од Република Македонија.

„Само со посветеност на младите кон науката и стимулирање за нивните резултати и достигнувања, ќе се соочуваме со предизвиците што ги носи новото време,“ порача Трифче Сандев.

Трифче Сандев е вработен во Дирекцијата за радијациона сигурност, преку конкурсот на Владата на Република Македонија за вработување на 100-те најдобри студенти во државата во 2006 година. Досега има учествувано на повеќе конференции, семинари, обуки и школи, во земјава и надвор, каде презентирал дел од резултатите од неговата научна и стручна работа. Автор е на дваесеттина научни и стручни трудови, од кои повеќето се објавени во референтни меѓународни списанија со фактор на влијание. Се јавува како рецензент на повеќе научни трудови во три меѓународни списанија: Journal of Physics A: Mathematical and Theoretical, Physica Scripta и International Journal of Modern Physics B. Член е на Друштвото на физичарите на Република Македонија и на Европското друштво на физичари.


Стратегијата за развој на креативни индустрии се спроведува - Отворена изложба за современ накит од млади креативци
Недела, 18 Март 2012

Во Националната галерија на Македонија – „Мала станица“, вечерва беше отворена изложба на современи и инвентивни парчиња накит на кои диминира оригиналност, креативност и богатство на идеи. Изложбата е резултат на творечката енергија на 20 млади креативци кои во текот на изминатата недела, под менторство на реномирани експерти за изработка на накит од Холандија, учеа и се усовршуваа во рамки на првата креативна работилница за изработка на современ накит.

Во своето обраќање на отворањето на изложбата, министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека оваа работилница е практична примена на Стратегијата за развој на креативни индустрии, која пред три години ја изработија еминентни професори во соработка со невладиниот сектор. Меѓу авторите на Стратегијата, како професор, беше и претседателот д-р Ѓорге Иванов.

Тој истакна дека пред неколку години ова беше идеја и замисла на една група интелектуалци, предводени од проф. Антоанела Петковска, а кога како резултат на едно истражување беа согледани потенцијалите што ги нуди нашето општетство во оваа сфера, тоа истражување го преточија во текст кој стана Стратегија за развој на креативните индустрии.

„Вечерва радува што она што беше идеја пред неколку години денес е реалност и е пример за сите млади и креативни луѓе во Македонија, пример кој треба да го следат и да видат како можат нивните идеи и замисли да бидат нешто од кое можат да ја обезбедат својата егзистенција. Тоа може да биде и препознатлив бренд за нашата држава и поттик за сите оние кои не се осмелуваат своите идеи да ги материјализираат, да го сторат тоа,“ порача претседателот Иванов.

„Стратегијата за развој на креативните индустрии е од особена важност за Република Македонија, затоа што токму креативните индустрии кои се во фокусот на многу европски земји се оние промотори и носители на културниот идентитет кои играат непроценливо важна улога во поттикнувањето на културната разновидност. Практичната примена на оваа Стратегија ќе овозможи нови вработувања, мобилност во економската размена и афирмација на претприемачкиот дух, рече министерката Канческа Милеска.

Изложбата „Презентација на изработени парчиња современ накит“  се реализира во рамките на тематската работилница која од 12 до 18 март се одржа во Скопје и е првата од трите предвидени работилници како дел од проектот на Министерството за култура за унапредување на културните индустрии во нашата земја. Во јули и септември е предвидено да се одржат работилници за изработка на мебел и амбалажа.


Нашите земји имаат заедничко минато, но и заедничка иднина – претседателот на Црна Гора, Вујановиќ во официјална посета
Петок, 16 Март 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска беше домаќин на претседателот на Црна Гора, Н.Е. г-дин Филип Вујановиќ, кој престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

Макeдонија и Црна Гора немаат отворени прашања, имаат заедничко минато, но и заедничка иднина, констатираа претседателите на двете земји по денешната средба во Скопје. И двете држави имаат стратешка цел да бидат членки на Европската унија и НАТО.

„И најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Македонија веќе тргна на патот кон ЕУ, не стоиме во место и тоа е позитивно. Можеме да разменуваме искуства, затоа што ние ги имаме искуствата од Словенија и Хрватска,“ истакна претседателот Иванов и додаде дека Македонија и Црна Гора заемно ќе си помагаат затоа што тоа е во интерес за целиот регион.

Претседателот Иванов, посочи дека Македонија веќе го прави првиот чекор, а тоа го прави и Црна Гора, и се очекува во јуни да почнат преговори за членство.

„Битно е да се почне, а потоа со секој исчекор се приближувате до целта. Го имаме искуството од другите земји и тоа ќе ни биде од корист побргу да завршиме. Точен датум никогаш не може да се даде во денешните услови во кои живееме,“ истакна македонскиот претседател.

Црна Гора, како што нагласи црногорскиот претседател Вујановиќ, очекува во јуни да добие можност за датум за преговори за членство во ЕУ и дека земјата вредно работи на тоа поле. Во однос на членството НАТО, тој нагласи дека Црна Гора ги има исполнето сите услови за членство во Алијансата, како и дека од Самитот во Чикаго треба да се очекуваат позитивни сигнали за двете земји.

Меѓу главните точки на разговор на средбата беше и економска соработка меѓу Македонија и Црна Гора. Претседателот Иванов, повикувајќи се на статистиката од минатата година, истакна дека Македонија во 2011 година оствари извоз во Црна Гора од 34 милиони, а увоз во вредност од два милиони долари. Очекувањата се дека суфицитот од македонска страна во скоро време ќе се избалансира.

Претседателите Иванов и Вујановиќ разговараа и за туристичката размена, која е отежната поради отсуството на соодветна инфраструктурата и недостатокот на редовната авионска линија меѓу Македонија и Црна Гора. Претседателите најавија дека во блиска иднина интензивно ќе се работи на подобрување на овие услови. Притоа беше потенцирано значењето на Јадранско-јонската магистрала, која ќе отвори нови пазари, поголема комуникација меѓу луѓето и размена на стоки.

Црногорскиот претседател Вујановиќ во текот на денот оствари средби и со претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски, и со премиерот м-р Никола Груевски.



Квалитетното образование е приоритет - средба со најдобрите студенти од општествените науки на УКИМ
Четврток, 15 Март 2012

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов денес во својот Кабинет ги прими студентите со највисок просечен успех од втора година на студиите на факултетите по општествени науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Претседателот Иванов истакна дека постојаното унапредување на квалитетот на образованието е од исклучително значење, и за таа цел неопходно е да се земат превид мислењата и сугестиите на студентите, идните академски граѓани на Република Македонија, од кои директно зависи иднината и развојот на нашето општество и држава.

За време на дво-часовната средба со Претседателот, 25-мината најдобри студенти од општествените науки ги изложија своите видувања, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и предлозите за подобрување на одредени процеси и состојби.

Меѓу основните забелешки презентирани од страна на студентите е адаптацијата на Болоњскиот процес во македонскиот образовен систем – кредит трансфер системот, размената и мобилноста на студентите. Според нив, потребно е постигнување поголема компатибилност на наставните програми, за да се избегнат ситуации на непризнавање на кредитите стекнати на универзитети во странство. Студентите сугерираат дека со промените на општествените текови во светски рамки, се отвора простор и потреба од воведување нови предмети, на пример предмети кои ги инкорпорираат ефектите од глобализацијата, или предмети поврзани со процесите, институциите и политиките на ЕУ.

Студентите од Правниот факултет, Новинарство, Филозофски и Филолошки факултет, нагласија дека се соочуваа проблеми кога оценувањето беше исклучиво преку електронски писмен тест, што не придонесуваше кон зајакнување на нивните вербални и ораторски вештини, кои конкретно во нивните професии се и повеќе од неопходни. Тие го поздравија повторното воведување на усното полагање на испитите.

Студент од отсекот е-Бизнис на Економскиот факултет, посочи на позитивниот пример што нивните професори се постојано достапни преку е-маил и секогаш на располагање на студентите за консултации и поддршка.

Студентите се согласија дека сепак воведувањето на Болоњскиот процес не е неуспешно, но дека е неопходна негова целосна имплементација.

Студентите имаа забелешки и за недостатокот на соодветна стручна литература, но нагласија дека тоа во последно време се менува кон подобро. Од интерес на студентите е, исто така, да имаат поголеми можности за пракса и практично усовршување. Тие акцентот го ставија на квалитетот на задолжителната пракса, како и потребата од назначување на ментор во рамки на компанијата или институцијата каде се одвива праксата, кој ќе ги води низ практичните искуства.

Претседателот Иванов им честита на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, истакнувајќи дека го радува фактот што отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредување на севкупниот образовен систем. Тој посочи дека проблемите кои се јавуваат како последица на воведувањето на Болоњскиот систем се во тоа што реформата во Република Македонија започна директно од факултетите, како и дека беше потребна поголема усогласеност на ниво на универзитети. Универзитетите, нагласи претседателот, се институциите од каде што треба да почне реформата и кои треба да понудат програми според потребите на пазарот и општеството.

„Споменавте еден клучен збор, а тоа е креативност. Ако сте креативни и проактивни, секогаш ќе најдете решение,“ им порача претседателот Иванов и додаде дека суштината на високото образование е да понуди метод како да се дојде до знаење.

alt

„Вие сте генерација на аудио-визуелни медиуми, и во такви услови пристапот до информациите и знаењето е голем. Времето на екс-катедра е одамна минато. Неопходно е предавањата да поттикнуваат на дебати и интерактивност на студентите,“ истакна Претседателот.

Студентите беа едногласни во ставот дека за нив е голема чест што Претседателот покажа интерес и грижа за нивното студентско секојдневие и наставната програма по која што го надоградуваат своето знаeње, и изразија поддршка и за идни средби од овој вид.

„Многу ни значи тоа што Претседателот се грижи за студентите и за нашето секојдневие. Токму затоа ја изразуваме и нашата поддршка за идни вакви средби. Веруваме дека во иднина прогресивно ќе се движи високото образование и оти ќе се крене на едно по високо ниво, изјави студентот од втора година на политички науки, Сатја Грабуловски.

Според неговата колешка Дина Арнаут, голема чест, а истовремено и награда е што Претседателот им дава можност да го искажат своето секојдневие и пречките со кои се соочуваат. Таа истакна дека најголем проблем кој студентите го забележале е нецелосната имплементација на Болоњскиот систем во високото образование, но дека не е толку лошо како што се мисли.

Професорот Димитар Мирчев најави вакви средби со студенти од сите универзитети и нагласи дека претседателот Иванов има голем афинитет и истрајност да се воведе професионализам во високото образование.

„Ова е убава можност за разговор со студентите, да се чујат нивните предизвици и оценките за наставата. Идејата на овие средби е да се истакне дека образованието станува приоритет. Покрај тоа претседателот Иванов со многу активности го поддржува усовршувањето на студентите, како и нивните успеси. Секоја година Претседателот ја организира Школата за млади лидери, а го доделува признанието „Најмлад научник“,“ додаде професорот Мирчев.

Оваа средба е прва од серијата планирани средби на Претседателот со студентите од сите универзитети во Република Македонија, кои ќе следуваат во наредниот период. Основната цел е да се слушнат размислувањата и идеите на најдобрите претставници на младата академска сила, да се поддржи нивната креативност и иновативност, да се поттикнат да продолжат по патот на успехот.


Потпишан Меморандум за соработка на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“
Вторник, 13 Март 2012

Во претседателската Вила Водно денеска беше потпишан Меморандум за соработка за имплементација на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, под покровителство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.

Носители на проектот се Здружението за развојни иницијативи геостратешки институт „Глобал“ и општините Тетово, Прилеп, скопски Центар, Старо Нагоричане, Врапчиште и Шуто Оризари, а целта е да им се овозможи на учениците од основно образование од шесте општини, преку спортски активности, дружење, комуникација и  посета на локални културни знаменитости, подобро да се запознаат со своите врсници кои потекнуваат од различни културни или етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување.

Претседателот Иванов во своето обраќање по потпишувањето на Меморандумот истакна дека големо задоволство и чест е да се биде покровител на активностите за реализација на проектот. Тој, исто така, изрази уверување дека преку предвидените содржини ќе се придонесе за зачувување и зацврстување на вековните традиции на соживот меѓу етничките заедници.

„Имаме цврсти аргументи дека спортот, како ретко која друга општествена активност, има моќ да привлече, мобилизира и инспирира поединци, заедници и држави. Спортот ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност. Спортот го поттикнува човештвото да се стреми кон позитивна и здрава конкуренција. Во различните општествени контексти и ситуации, спортот е сè појасен фактор за унапредување на интеркултурните релации, но и фактор кој во рамките на европската спортска политика ја зајакнува социјалната стабилност,“ посочи македонскиот претседател.

Претседателот нагласи дека граѓаните од сите етнички заедници во Република Македонија, како и со векови досега, сакаат да живеат во мир, заемно почитување и помагање.

„Одржливиот мир и развој подразбираат постоење на одговорни општества, со одговорни индивидуи кои негуваат вредности како што се тимска работа, фер игра и заемно почитување. Истите правила на игра кои важат и во спортот. Спортот е алтернативата која насилните пориви ги артикулира во натпревар на човечкиот дух, волја и физичка сила. Алтернатива која е суштински сегмент на секое здраво општество кое чекори по патот кон мирот и благосостојбата. Преку успесите на нашите кошаркари, нашите ракометари, сите ние имавме прилика да ја почувствуваме сплотувачката моќ на спортот,“ истакна шефот на државата.

Тој уште еднаш упати апел до сите граѓани да му кажат не на насилството, да не дозволат да бидат испровоцирани и да поддадат рака на пријателство. Порача дека сите што се служат со насилство и сакаат да го доведат во прашање соживотот ќе бидат соодвтно казнети од системот.

„Во нашето општество веќе нема место за поттикнување етнички судири и нетрпеливост. Сите ние со болка се сеќаваме на горчливиот вкус на конфликтите кои ни се случија пред повеќе од една деценија. Заедно го надминавме тоа, свртивме нова страница, зацртавме нов почеток,“ нагласи претседателот Иванов додавајќи дека иако граѓаните се свесни дека нашата иднина и иднината на нашите деца е во соживотот и во меѓусебното почитување, за жал, деновиве продолжуваат обидите да се испровоцира нетрпеливост.

alt

Претседателот на Геостратешкиот институт „Глобал“, Иван Анастасовски, истакна дека сета филозофија, сите наши мисли, добри намери и активности се содржани во насловот на акцијата во која нема ништо нејасно и непознато.

„Искрено се надевам дека сите несебично ќе се вложиме во реализација на серијата настани кои во фокусот ќе ги имаат најмладите категории - учениците,“ додаде Анастасовски.

Тој информираше дека активностите ќе се одвиваат во неработни денови, претежно саботи, на локации во општините - домаќини на настаните. Спортскиот дел содржи фудбалски тренинг и демонстрација на вештини низ кои децата ќе се дружат и ќе комуницираат, а на крајот од денот сите заедно ќе посетат и ќе се запознаат со една локална знаменитост, која е препознатлива за општината-домаќин.

На потпишувањето присуствуваа и градоначалниците на 6-те општини вклучени во реализација на проектот. Тие се согласија дека преку спортот се создава голема можност за зајакнување на меѓуетничкиот соживот кај децата.



Апелирам до секој поединец да делува одговорно – претседателот Иванов ги осуди насилните инциденти
Недела, 11 Март 2012

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денес од Крива Паланка, ги осуди зачестените насилни инциденти во текот на изминатите денови и испрати порака дека надлежните институции ги преземаат сите свои активности во рамките на нивните надлежности.

„Апелирам секој одговорно да се однесува, а кога ќе почувствувам дека има потреба ќе го свикам Советот за безбедност,“ истакна Претседателот во одговор на новинарско прашање на одбележувањето на 20-годишнината од преземањето на првата караула од Територијалната одбрана на Република Македонија од некогашната ЈНА во караулата „Рамна нива“ на македонско-бугарската граница во делот на Крива Паланка.

Претседателот Иванов посочи дека во неговиот Кабинет со внимание се следат сите настани што се случија по трагичниот настан во Гостивар, како и дека надлежните институции дневно информираат за секој случај поединечно.

„Загрижува што дел од младите се вклучени во сите овие настани. Надлежните институции ги преземаат сите мерки, меѓутоа и секој сегмент од општеството треба да ја почувствува својата одговорност за ова што ни се случува, почнувајќи од семејството преку училиштето, невладините организации, па до медиумите. Секој треба да има своја одговорност бидејќи знаеме што може да донесат настани кога некои млади заведени од кој било прават вакви немири кои влијаат на меѓуетничките односи во државата,“ истакна претседателот Иванов.

Шефот на државата нагласи дека секој треба да ја има предвид одговорноста од можните последици од ваквите настани и да делува одговорно.


 

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 144 од 198