Новости
Македонија останува ниско задолжена држава која бележи економски раст - Прием по повод 20 години монетарна самостојност
Среда, 25 Април 2012

Монетарната сувереност е темелот на секоја економија и како што Армијата ја брани територијаната сувереност, така Народната банка на Република Македонија континуирано ја чува нашата монетарна сувереност, истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на денешниот прием по повод 20-годишнината од монетарната самостојност на Република Македонија.

Потенцирајќи дека изминатите две децении Македонија се соочи со бројни предизвици, како политики, така и економски, Претседателот нагласи дека НБРМ досега покажа капацитет во постигнување финансиска стабилност и одржување сигурен и стабилен банкарски систем, кое пак се должи на фактот дека Народната банка денес претставува стабилна институција со висок степен на формална и фактичка независност и со позитивен тренд на градење на своите капацитети.

„Македонското општество е обединето во својата посветеност кон спроведувањето на неопходните економски реформи кои досега дадоа задоволителни резултати. Македонија има јасна цел и чекори кон неа. Како држава успеавме да создадеме поволна атмосфера за развој на стопанството, за стимулирање на домашните и странски компании да инвестираат во економијата. Го развивме претприемачкиот дух. Постигнавме некои импресивни резултати и денес можеме да се гордееме со тоа што во нашата земја, за првпат, функционираат сериозни компании од областа на информатичката технологија, компании кои вршат трансфер на знаење од водечките центри во светот. Денес, ние напредуваме кон подобар баланс на земјоделството, рударството и користењето природни ресурси, услужните дејности и новоотворените погони, во современо индустриско производство,“ посочи претседателот Иванов, и порача дека мора да се продолжи со реформи кои ќе го обезбедат долгорочното стабилно функционирање на договореното ниво на социјални мерки, без да се наруши економскиот раст и развој.

Претседателот Иванов истакна дека досега Македонија се развивала одговорно и сериозно и не преземала обврски кои не може да ги исполни, од што може да се констатира дека Македонија останува ниско задолжена држава која бележи економски раст.

alt

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, обраќајќи се на приемот подвлече дека монетарната осамостојување е најзначајниот чекор во заокуружувањето на државноста на Македонија.

„Навистина постигнавме доста. Стартувавме со стапка на инфлација од околу 2000%, за во последните 15 години да имаме инфлација околу 2%, што е ниво на просекот на ЕУ. Навистина сметам дека е достојно за гордеење,“ истакна Гувернерот.

Искажувајќи почит кон оние генерации што работеа на воспоставувањето на денарот, гувернерот Богов посочи дека тоа се правеше во тешки времиња со многу предизвици, но дека тоа беше успешен процес од кој денес ги гледаме резултатите.

„Имаме стабилност, она што е непходно за постигнување економски раст, меѓутоа за економски раст треба да работиме, да ја зголемуваме продуктивноста, да бидеме ефикасни повеќе од другите. Само така може да одиме напред и да ја развиваме нашата економија,“ нагласи гувернерот на Народната банка.

Учесниците во монетарното осамостојување и воведувањето на денарот, меѓу кои поранешниот гувернер Љубе Трпески и првиот министер за финансии Методија Тошевски, потсетија на тогашните услови во кои владееше хиперинфлација, но кои овозможија за кратко време да се постигне стабилност на новата македонска валута.

По повод одбележувањето 20 години монетарна независност, денеска беше промовирана пригодна поштенска марка од страна на Македонска пошта. Јубилејот ќе биде одбележан и со свечена академија, а ќе биде организирана и конференција на која ќе учествуваат гувернери од регионот.


Спортот помага во меѓусебното запознавање и толеранција - Караванот „Спортот како фактор на заедништво“ во Врапчиште
Понеделник, 23 Април 2012

Третата спортско-културна манифестацијата во рамки на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, под покровителство на претседателот Иванов, денес се одржа во Општина Врапчиште.

Претседателот Иванов оцени дека досегашното спроведување на проектот покажа исклучително позитивни резултати во зближувањето на децата од различни етнички и културни средини, градење на соживотот и развивањето на спортскиот дух.

„Атмосферата е прекрасна, децата другаруваат и меѓусебно се запознаваат. Преку другарување децата ги запознаваат своите врсници и Македонија со сите нејзини особености. Реакциите од оваа активност и на родителите и на учениците се позитивни и има интерес проектот да се прошири и во други населени места,“ истакна Претседателот.

Околу 300 ученици на возраст од 9 до 12 години од шесте општини - Прилеп, Тетово, скопски Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште, кои се опфатени со проектот, и денеска имаа можност да тренираат, да учат спортски вештини и да се дружат меѓусебе.

Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал“ во партнерство со шесте општини, а целта е да им овозможи на учениците од основното образование преку спортски активности, дружење, комуникација и посета на локални културни знаменитости, подобро да се запознаат со своите врсници кои поттекнуваат од различни културни и етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување.

Претседателот Иванов во дворот на основното училиште во Врапчиште им го честиташе празникот на турската етничка заедница „Денот на детето“, кој во Република Турција и секаде во светот масовно се прослаува.


nkbitola
Да се чујат предлозите, идеите и сугестиите на граѓаните - Претседателот во Битола ја отвори третата Народна канцеларија
Недела, 22 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во присуство на градоначалниците од Пелагонискиот регион, денеска во Битола отвори Народна канцеларија, со што по Скопје и Тетово, продолжи реализацијата на проектот Народни канцеларии за непосреден контакт со граѓаните.

На свеченоста во Битола, претседателот Иванов посочи дека со отворање на канцеларијата, граѓаните ќе може директно да контактираат со институцијата Претседател, со членовите на неговиот Кабинет, да ги претстават своите иницијативи од јавен карактер, да понудат идеи, да достават сугестии и свои согледувања и визии за идниот развој на Република Македонија.

„Преку овие канцеларии се обидуваме да ги поттикнеме граѓаните да дадат свои предлози, претставки, но и поплаки за некои институции ако не им возвратиле со соодветен одговор. Овие канцеларии ја доближуваат институцијата до граѓаните и им овозможува да влијаат на развивањето на политиките за подобра и поуспешна Македонија,“ истакна претседателот Иванов.

Народните канцеларии претставуваат прилика претседателот Иванов да се запознае и со проблемите со кои се соочуваат граѓаните во секојдневниот живот и начинот на кој бараат заштита или остварување на одредени права и интереси, а со тоа и за односот на органите на власта кон граѓаните при постапувањето по нивни барања.

Досегашното функционирање на народните канцеларии во Скопје и Тетово покажува дека граѓаните сакаат активно преку своите идеи да придонесат во општествените процеси и текови во Република Македонија.

„Искуствата ни покажуваат дека во првичните средби граѓаните најчесто се жалат, поднесуваат претставки и поплаки затоа што порано немале таква комуникација, но подоцна доаѓаат со предлози и иницијативи. Младите се интересираат за Школата за млади лидери, како и за натпреварот „Најдобар млад научник“, и за други активности кои им се од интерес. Преку Народните канцеларии имаме интеракција која ни овозможува да имаме увид како граѓаните размислуваат за прашања од државен интерес или регионален аспект,“ истакна претседателот Иванов.

На покана Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а по повод 22 април - Денот на планетата земја, претседателот на Република Македонија денеска ја посети битолската Зоолошка градина, каде под негово покровителство се одржа манифестацијата „Секој ден е среќен ден“, посветена на зачувување и заштита на присутниот биодиверзитет и отпочнување на проект за целосна ревитализација на Зоолошката Градина во Битола.

 

alt
Претседателот Иванов го отвори 49. Државен натпревар на млади техничари и природници од Република Македонија
Сабота, 21 Април 2012

Под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Кавадарци беше отворен 49. Државен натпревар на млади техничари и природници од Република Македонија, во организација на Народна техника на Македонија.

На учениците од основните училишта од земјава, Претседателот Иванов посакувајќи им успех во натпреварот, им порача на основците дека тие се иднината на Република Македонија, и токму знаењето е тоа што ќе ги води во светот на науката и техничката мисла. - Ова е место каде треба да го покажете вашето знаење, креативност и вашата инвентивност. Верувам дека вие сте најдобрите. Се надевам дека ќе бидете стимулација и мотивација и за другите ученици. Ова е сатисфакција за вашите родители и за вашите наставници, рече претседателот на отворањето на овој државен натпревар.

На натпреварот зедоа учество 280 ученици од основното образование во Република Македонија во 23 дисциплини од природните и техничките науки. Ова претставува заокружување на натпреварувањата во знаење на училишно, општинско, регионално и државно ниво што се одржаа во текот на овој месец со учество на околу 1200 основци на 14 регионални натпревари.

- Активностите на Народна техника со која ги насочува младите кон креативна работа, инвентивност и развој на натпреварувачкиот дух се од огромно значење за иднината на Република Македонија. Токму и овој традиционален врвен натпревар е настан кој заслужува внимание од сите релевантни институции, истакна претседателот Иванов.

Претседателот оствари и средба со раководството на Народна Техника, на која беше информиран за нивните досегашни активности, како и за идните планови на сојузот во насока остварување на определбата на Република Македонија за насочување и стимулирање на младите луѓе за студирање на техничките факултети, со што ќе се создава квалитетен и квалификуван кадар за развој и унапредување на македонското стопанство. Организаторите на настанот му се заблагодарија на претседателот Иванов за неговата континуирана поддршка, особено кога се во прашање проекти во доменот на образованието и науката.

Оваа година домаќин на државниот натпревар беше ОУ „Тошо Велков Пепето“ од Кавадарци.

Средба со претседателот на Уставниот суд на Руската Федерација, Валериј Зоркин
Четврток, 19 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов приреди работна вечера за делегацијата на Уставниот суд на Руската Федерација, предводена од претседателот на Уставниот суд, Валериј Зоркин, која е во официјалната посетата на земјата на покана на македонскиот Уставен суд.

На средбата стана збор за вкупните односи помеѓу Република Македонија и Руската Федерација, со акцент на воспоставената соработка помеѓу уставните судови на двете пријателски земји. Претседателот Иванов ја поздрави оваа прва посета на највисока делегација на судските власти во Руската Федерација, нагласувајќи дека со тоа се потврдува позитивниот тренд на меѓусебните односи кои се развиваат во духот на пријателство и во согласност со долгата историска и културна традиција меѓу двата народа.

Соговорниците, меѓу другото, разменија мислења и за идните чекори за унапредување и продлабочување на економската соработка, трговската размена и привлекувањето на директни руски инвестиции во Република Македонија, што е заеднички императив. Претседателот Иванов посочи дека во 2011 година билатералната трговска размена е значително зголемена споредено со претходните години, и нагласи дека Република Македонија високо ја цени руската стратегија за развој и соработката со земјите од овој дел на Балканот, особено во енергетскиот сектор, во чии рамки нашата земја има значајно место и активна улога.

Заеднички заклучок од средбата беше дека двете земји бележат континуиран динамичен развој во односите, како на политички, така и на економски и културен план.

Претседателот на рускиот Уставен суд, Зоркин, изрази благодарност за срдечниот прием. Тој до претседателот Иванов ги пренесе поздравите од рускиот претседател Медведев, како и подготвеноста и желбата на Руската федерација за понатамошна континуирана размена на искуства, вклучувајќи ја и академската и образовна соработка.


alb12
Иднината на нашите граѓани е во соживотот и во ЕУ – официјална посета на Претседателот на Република Албанија, Бамир Топи
Четврток, 19 Април 2012

Заложбата на балканските земји за членство во ЕУ и НАТО е процес кој нема враќање назад. Нашите граѓани треба да живеат во мир и хармонија и да делуваат и работат согласно правата и законите, во духот на европските стандарди и стремежот кон просперитетна иднина. Ова беше заедничката порака на претседателите д-р Ѓорге Иванов и Бамир Топи, од денешната прес-конференција при официјалната посета на албанскиот претседател на Република Македонија.

Двајцата претседатели порачаа дека во двете општества нема место за дела што можат да влијаат негативно на стабилноста на регионот. На средбата тие разговараа и за петкратното убиство кај Железарското езеро во Смиљковци, и изразија сочувство до семејствата на убиените.

Македонскиот претседател Иванов нагласи дека надлежните институции одговорно се однесуваат и дека тоа се очекува и од другите субјекти во општеството.

„За таа тема разговаравме и со претседателот Топи. Укажана е подготвеноста институциите и службите да соработуваат меѓу себе, за да може што побрзо да се откријат сторителите на овој грозоморен чин. Во интерес на сите нас е да се најдат сторителите, затоа што ако се охрабриле тоа да го прават кај нас, може да го направат и на друго место. Очигледно е дека на некој не му е во интерес регионот да напредува и да се подобруваат состојбите. Очекуваме надлежните институции да си ја завршат својата работа и очекуваме граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации и на разни подметнувања што се вообичаени во вакви моменти", истакна претседателот Иванов.

„Секој дестабилизирачки или криминален чин треба да се третира како таков и да подлежи на сите институционални истраги  во рамките на правните институции. Јас сум против насилство од кого било и против кого било и оттука праќаме заедничка порака кон луѓето да живеат во мир,“ нагласи албанскиот претседател Топи, додавајќи дека секој националистички или ултранационалистички рефлекс или било каква клима на предрасуди, ќе им нанесе штета на односите меѓу Mакедонците и Aлбанците во Македонија, но и на односите во регионот.

Албанскиот претседател Топи побара и медиумите да не подлегнуваат на шпекулации и да упатуваат пораки за соживот и разбирање.

„Вие, преставниците на медиумите треба да праќате пораки за соживот во еден заеднички простор, каде интересот на земјата за зачленување во евроатланските структури треба да претставува интерес на секој граѓанин и да ги изолирате сите тие злонамерни пораки што имаат националистичка позадина," посочи претседателот Топи.

Претседателот Иванов се заложи за отворен и искрен дијалог за било кое отворено прашање: „Доста ни беа поделби, доста ни беа предрасуди, доста ни беа меѓусебни оговарања и работење, како што еден наш поет велеше, за туѓи бели дворови", нагласи претседателот Иванов.

Претседателите Топи и Иванов се согласија дека иднината на двете земји е во евро-атланските структури. Во тој контекст, претседателот Топи изрази силна поддршка за идно членство на Македонија во НАТО. Двајцата претседатели изразија и заложба за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји, фокусирање кон ифраструктурните проекти и Коридорот 8.


 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 141 од 198