Новости
Нема похрабри војници од македонските мировници - Нов контингент на АРМ во мировна мисија во Авганистан
Четврток, 05 Јануари 2012

Живееме во свет во кој одбраната на нашата безбедност започнува далеку од границите на нашата татковина. Токму вие сте избрани да ја извршувата оваа тешка, но благородна задача, рамо до рамо со нашите НАТО сојузници, со армиите на најголемите демократски сили. Вие сте македонскиот штит што го брани мирот и слободата на Македонија, но и на поширокиот регион – порача претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов на свеченото испраќање на новиот контингент на АРМ во мировната мисија ИСАФ во Авганистан, што се одржа во касарната „Кузман Јосифовски - Питу“ во Тетово.

Македонија, како што нагласи претседателот Иванов, е дел од глобалната коалиција на држави што ги споделуваат истите вредности и идеали - мир и стабилност во светот, промоција на слободата и демократијата и заштита на недолжните од насилство.

„Токму затоа во оваа мисија вие ја имате целосната подршка од македонските граѓани,“ истакна Претседателот, додавајќи дека Македонија како партнер и сојузник на антитерористичката коалиција во Авганистан ќе остане се додека е неопходно и ќе го следи трендот на транзиција и предавање на севкупната власт на авганистанскиот народ во согласност со интересите на Македонија.

„Имав можност да ги посетам вашите соборци во Кабул и војниците во мисијата во Сараево. Можам слободно да кажам дека нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници. Моја гордост е да бидам ваш врховен командант. Сакам да им оддадам јавно призанание и почит на сите мировници на АРМ кои во досегашниот период вложија голем труд и посветеност во ангажманот во мисиите во Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина и Либан. Тие придонесоја во воспоставувањето на мирот во земјите каде беа ангажирани, воено афирмирајќи ја нашата татковина на меѓународен план,“ посочи македонскиот претседател.

На свеченото испраќање на новиот контингент, покрај Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, присуствуваа и министерот за одбрана, Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Горанчо Котески и неговиот заменик генерал мајор Насер Сејдини, командантот на 2. механизирана пешадиска бригада бригадниот генерал Методија Величковски.



Војниците од новиот контингент кој треба да замине во Авганистан, на денешната свеченост во Тетово за прв пат ги облекоа новите униформи со автохтона дигитализирана шара, со кои и ќе учествуваат во мировната мисија.

Во дванаесеттата ротација што ќе трае од јануари до јуни годинава учествуваат 149 припадници на тетовскиот гарнизон од 2. механизирана пешадиска бригада, а тие ќе бидат распоредени во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство на обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.

Македонските Леопради ќе вршат обезбедување и патролирање на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата. Покрај нив во ротацијата ќе биде распореден и менторски тим за обука на авганистанските безбедносни сили и за време на овој период тие ќе бидат во Мазар-е Шариф во рамки на регионалната команда Север под раководство на вооружените сили на СР Германија.

Традиционален новогодиштен ручек со припадниците на АРМ - посета на касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец
Недела, 01 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од министерот за одбрана, Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал мајор Горанчо Котески, денес ги посети припадниците на воздухопловниот ВИНГ на АРМ во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, кои за новогодишните празници се на должност, и со нив имаше заеднички ручек.

„Традиционално, како врховен командант, првиот ден од новата година го поминувам со припадниците на Армијата на Република Македонија. Овој пат тоа се припадниците на воздухопловниот ВИНГ на АРМ. Четитајќи им ја Новата година преку ним упатувам честитки до сите припадници на АРМ, особено до војниците во меѓународните мировни мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан,“ изјави претседателот Иванов по средбата со пилотите на АРМ.

Армијата, нагласи Претседателот, останува посветена на чувањето на мирот, слободата и демократијата и е одраз на состојбите во нашето општество.

Запрашан дали очекува годинава да се реши проблемот со името со нашиот јужен сосед, шефот на државата истакна дека кога доаѓа Нова година сите се полни со оптимизам.

„Очекувам процесот за решавање на името да продолжи. Сé што е од наша страна ние ќе направиме. Очекуваме тоа да го направи и другата страна, меѓутоа за жал со нивните досегашни постапки не гледаме дека се посветени со исто внимание како нас,“ нагласи претседателот Иванов.

Тој посочи дека Македонија во секој момент е подготвена да продолжат преговорите во ООН со посредство на амбасадорот Метју Нимиц. „Амбасадорот Зоран Јолевски е во тек со сите настани и нé информира за сето што се случува во процесот на преговори,“ истакна претседателот Иванов.

Во однос на очекувањата Македонија годинава официјално да стане членка на НАТО, шефот на државата одговори дека останува на НАТО да одлучи.

„Очекуваме пресудата во Хаг да влијае на одлуката за членство во Алијансата на Самитот на НАТО што годинава ќе се одржи во Чикаго, САД, но останува на НАТО да одлучи. Имаме одлука на Самит на НАТО и таа одлука може само нов самит да ја промени,“ посочи претседателот Иванов.


 

Дочек на Новата 2012 година на плоштадот „Македонија“ во Скопје
Недела, 01 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, заедно со неговата сопруга г-ѓа Маја Иванова и во придружба на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и неговото семејство, ја дочекаа Новата 2012 година на плоштадот „Македонија“.

Како и во многу други светски метрополи, на новогодишната прослава на скопскиот плоштад присуствуваа голем број граѓани, кои ја споделија енергијата и убавите желби на прагот на новата година.

Како придонес за афирмација на нашите музички ѕвезди, во рамки на новогодишната музичка програма настапија голем број македонски изведувачи. Граѓаните на скопскиот плоштад ги забавуваа: Каролина Гочева, Есма Реџепова, Елена Ристеска, Лаура Крлиу, Влатко Илиевски, Владо Јаневски, Ламбе Алабаковски, Гаро Тавитјан, Тони Зен и Фул Стоп Бенд.

Дочекот на Новата 2012 година на плоштадот „Македонија“, обогатен со новогодишен маркет, забава за најмладите и голем новогодишен концерт во центарот на Скопје, помина во дружење и моменти вредни за споделување за сите генерации.


 

Претседателот Иванов им подари новогодишни пакетчиња на децата во Клиниката за детски болести
Сабота, 31 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и неговата сопруга Маја Иванова, денес ја посетија Клиниката за детски болести во Скопје, каде што им подарија стотина новогодишни пакетчиња на болните деца, честитајќи им ја новата година со желби за побрзо оздравување и побезгрижно и радосно детство.

„И оваа година сме на оваа Клиника, на најмладите да им посакаме во Новата година многу здравје, бидејќи овие дечиња тоа најмногу и го очекуваат. Им посакуваме и на нивните родители што побрзо да си ги видат своите деца дома, да бидат со нив, да се радуваат, а идната година да им донесе многу здравје бидејќи тоа го имаат како најголема желба,“ истакна претседателот Иванов.

Претседателот додаде дека целта е овие новогодишни посети да станат традиција и на болните дечиња да им се разубави денот пред Нова година и тие да чувствуваат дека со нејзиното доаѓање ќе се исполнат и нивните желби.

Претседателот Иванов деновиве им подари новогодишни пакетчиња и на децата во Институтот за белодробни заболувања-Козле и на децата на загинатите бранители и на припадници на Армијата кои се во мисии во странство.


Новогодишни пакетчиња за децата во Институтот за белодробни заболувања - Козле
Петок, 30 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, заедно со членовите на Алумни асоцијацијата на Иванов школата за млади лидери, денес го посетија Институтот по белодробни заболувања кај децата-Козле. Тие на децата кои се лекуваат во Институтот им посакаа побрзо оздравување и им поделија 100 новогодишни пакетчиња.

Претседателот на Алумни асоцијација на Иванов школата за лидери (ИСЛАА), Даниел Ѓоќески, истакна дека во новогодишна атмосфера им поделија пакетчиња на децата од нивните спонзори и партнери Мак прогрес, преку брендот Винчини, и Алкалоид, преку брендот Бекутан.

Тој посочи дека членовите на алумни асоцијацијата имаат желба да им помогнат на колку што можат повеќе групи од македонското општество кои имаат потреба од среќа, поддршка, радост и дружба во овој период од годината.

Директорот на Институтот по белодробни заболувања кај децата-Козле, Оливер Зафировски истакна дека секогаш во вакви моменти хуманоста на луѓето е многу важна.

Во моментов на Институтот се лекуваат 75 деца, но тенденцијата е тој број денес да се намали за да може што повеќе деца во домашни услови да ја пречекаат Новата година со своите блиски.



Новогодишни пакетчиња за децата на припадниците на Армијата на Република Македонија
Среда, 28 Декември 2011
 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 149 од 198