Традиционален новогодиштен ручек со припадниците на АРМ - посета на касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец
Недела, 01 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од министерот за одбрана, Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал мајор Горанчо Котески, денес ги посети припадниците на воздухопловниот ВИНГ на АРМ во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, кои за новогодишните празници се на должност, и со нив имаше заеднички ручек.

„Традиционално, како врховен командант, првиот ден од новата година го поминувам со припадниците на Армијата на Република Македонија. Овој пат тоа се припадниците на воздухопловниот ВИНГ на АРМ. Четитајќи им ја Новата година преку ним упатувам честитки до сите припадници на АРМ, особено до војниците во меѓународните мировни мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан,“ изјави претседателот Иванов по средбата со пилотите на АРМ.

Армијата, нагласи Претседателот, останува посветена на чувањето на мирот, слободата и демократијата и е одраз на состојбите во нашето општество.

Запрашан дали очекува годинава да се реши проблемот со името со нашиот јужен сосед, шефот на државата истакна дека кога доаѓа Нова година сите се полни со оптимизам.

„Очекувам процесот за решавање на името да продолжи. Сé што е од наша страна ние ќе направиме. Очекуваме тоа да го направи и другата страна, меѓутоа за жал со нивните досегашни постапки не гледаме дека се посветени со исто внимание како нас,“ нагласи претседателот Иванов.

Тој посочи дека Македонија во секој момент е подготвена да продолжат преговорите во ООН со посредство на амбасадорот Метју Нимиц. „Амбасадорот Зоран Јолевски е во тек со сите настани и нé информира за сето што се случува во процесот на преговори,“ истакна претседателот Иванов.

Во однос на очекувањата Македонија годинава официјално да стане членка на НАТО, шефот на државата одговори дека останува на НАТО да одлучи.

„Очекуваме пресудата во Хаг да влијае на одлуката за членство во Алијансата на Самитот на НАТО што годинава ќе се одржи во Чикаго, САД, но останува на НАТО да одлучи. Имаме одлука на Самит на НАТО и таа одлука може само нов самит да ја промени,“ посочи претседателот Иванов.


 

  Back<<Назад