Новости
Македонија покажа волја за мир - Одбележани 20 години од преземањето на првата караула „Рамна нива“
Недела, 11 Март 2012

Со свечено постројување на некогашниот Одред на Територијалната одбрана „Козјак“ од Крива Паланка и во присуство на претседателот и врховен командант д-р Ѓорге Иванов и началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески, денеска во караулата „Рамна нива“ на македонско-бугарската граница беше одбележана 20-годишнината од преземањето на граничната линија од македонските територијалци од некогашната ЈНА.

Утрото на 11 март 1992 година територијалците од Крива Паланка поделени во три единици ги презедоа караулите „Рамна нива“, „Деве Баир“ и „Коприва“ од некогашната ЈНА, и за првпат во караулата „Рамна нива“ се развиори македонското знаме.

„Со одбележувањето на она што се случи пред 20 години симболично им оддаваме благодарност на сите војници и старешини, како и на државното раководство и раководството на Армијата што го почнаа она што значеше одбележување на границата на суверена и независна Република Македонија,“ изјави претседателот д-р Ѓорге Иванов по свеченоста.

Тој посочи дека со мирното предавање на караулата „Рамна нива“, Република Македонија тогаш испрати порака дека на мирен начин сака да го одбележи она што другите го правеа насилно и со оружје.

„Беше искажана волја дека со поставување на границите ние посакуваме со сите наши соседи да имаме мирни односи. Со овој чин Македонија покажа дека кон сите соседи сака да се однесува достоинствено и во интерес на сите што живеат во регионот и пошироко,“ истакна претседателот Иванов.

„Точно пред 20 години на денешен ден токму на ова место започна да се остварува сонот на плејада генерации македонски дејци Македонија да ја видат како независна и суверена држава. На овој ден македонското знаме гордо се развеа токму овде на караулата „Рамна нива“,“ нагласи Тогашниот министер за одбрана, Трајан Гоцевски.

Тогашниот командант на Обласниот штаб на Територијалната одбрана во Куманово под чии ингеренции била и Крива Паланка, генерал Ѓорги Каракутовски, потсети дека 11 март 1992 година претставува значаен ден и историски момент кој е длабоко врежан во севкупната историја на Македонија како темел во создавањето на Армијата на Република Македонија и независноста на нашата држава.

Централното одбележување на годишницата ќе биде свечената академија во Центарот за култура во Крива Паланка на која ќе се обрати претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

 

8mart_n
Во македонската историја има големи жени борци - прием по повод 8 март за жените вработени во АРМ и МО
Четврток, 08 Март 2012

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, по повод Меѓународниот ден на жената – 8 март, организираше прием за жените вработени во Армијата на Република Македонија – професионални војници, подофицери, офицери и цивилни лица во служба на АРМ и Министерството за одбрана.

Честитајќи им го празникот претседателот Иванов потсети дека Македонија низ историјата имала големи жени борци, но и оти сегашните ги имаат истите вредности во поинакви околности.

„Овој ден е и да се потсетиме дека и ние во нашата историја сме имале многу жени херои, многу жени борци, така што вие доследно ја спроведувате таа традиција која почнува од Сирма Војвода, од Мирка Гинова, Ибе Палиќука, Елпида Караманли, жени кои го дале животот за оваа наша Македонија. Затоа се надевам дека ќе најдете начин како жени, кои сега сте во вооружените сили, кои се бават со една од најмашките професии, да ги одбележите овие наши борци, овие жени кои го дале својот живот,“ им порача претседателот Иванов на припадничките на Армијата.

Утрово, претседателот Иванов преку видео линк оствари контакт со припадничките на АРМ кои служат во мировните мисии - ИСАФ во Кабул, Авганистан и АЛТЕА во Сараево, Босна и Херцеговина, кои како и оние во Македонија даваат придонес за државата.

„Навистина сум особено горд што сум врховен командант на армија која има значаен број жени во своите редови и кои заедно со своите колеги мажи учествуваат во најтешките мисии и задачи. Македонската Армија е темел на нашата независност и сувереност, а Вие - жените во нејзините редови - сте гарант повеќе за успешноста на нејзината мисија, истакна претседателот Иванов.

Сакам, рече Претседателот, да ви честитам на сите ваши успеси што сте ги постигнале во животот бидејќи да се биде војник, да се биде офицер односно да се биде одговорен во една машка професија е нешто што е за почит.

Заблагодарувајќи му се на претседателот за срдечните честитки, припадничките на АРМ истакнаа дека оваа идеја и остварувањето контактот со претседателот по повод 8-ми Март, за нив е пријатно изненадување и голема чест. Тие упатија честитки до сите нивни колешки кои работат во Армијата на Република Македонија, како и до нивните семејства, до нивните мајки, баби и сестри.

Во мисијата ИСАФ има вкупно 170 припадници на АРМ, меѓу кои четири жени – професионални војници. Мисијата трае шест месеци од јануари 2012 до јули 2012. Во мисијата на ЕУ, АЛТЕА во Босна и Херцеговина, има 11 припадници на АРМ, од кои седум жени – состав на медицинскиот тим. Мисијата трае шест месеци од ноември 2011 до мај 2012.

 

Она што го прават во економијата, Грците го прават и во политиката - Интервју на Претседателот за Die Presse
Вторник, 06 Март 2012

Во интервју за австрискиот весник Де Пресе, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов зборува за иднината на македонските евро-атлански интеграции и перспективите за решавање на спорот со името со Грција. Претседателот во интервјуто наведува дека Грција намерно го одолговлекува решавањето на проблемот со името, како и дека актуелната грчка Влада во моментов го нема поставено тоа прашање високо на нивната политичка агенда.

„Во услови кога се справува со економската криза, Грција не е преокупирана со решавање на отворените прашања. Ние имаме проблем, Грција нема никаков проблем. Ние изгубивме 20 години, затоа што Атина го блокира почетокот на преговорите со ЕУ. За членството во НАТО ги исполнивме сите критериуми, во 2008 година Атина постави вето. Однесувањето на Грција има негативни последици за целиот регион. Нас не блокираат, Косово не го признаваат. Истото што го прават со Кипар, го прават и со нас. И тоа го прават од позиција на членка на ЕУ. Тоа е логиката на одолговлекувањето. Сè поочигледно е дека како што се справува со економијата, Грција така се справува и со политиката,“ наведува претседателот Иванов.

Претседателот појасни дека со блокирањето на влезот на Република Македонија во НАТО, Грција ја прекрши на Времената спогодба, поради што Македонија беше принудена да иницира процес во Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Судот пресуди дека Грција ја прекрши спогодбата и очекуваме НАТО да ја прифати таа пресуда“, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов се осврна на неодамнешната посета на Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен на Атина, при што Грците како подарок му дадоа реплика од мечот на Александар Македонски и додаде дека симболиката на пораката во овој случај можеби била јасна дека со него би требало да го пресече Гордиевиот јазол.

Македонската јавност, според претседателот, ја разбира ситуацијата и фактот дека правиме сè што е во наша моќ да го затвориме ова прашање. Тој исто така истакна дека граѓаните на Република Македонија и Република Грција немаат проблеми меѓу себе.

„Многу Македонци традиционално одат на одмор во Грција, и голем број грчки бизнисмени инвестираат во Македонија. Многу грчки граѓани секојдневно патуваат во Македонија и ги користат услугите кои кај нас се поевтини. Двете општества немаат никаков проблем во комуникацијата, тој проблем е создаден од грчката политичка елита. Грчки политичари профитираат со користењето на оваа политика кон Македонија,“ нагласи претседателот Иванов во интервјуто за австрискиот Де Пресе.


Членството во ЕУ е највисок национален стратешки приоритет – ЕУ амбасадорот Аиво Орав ги предаде акредитивните писма
Понеделник, 05 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор - Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Аиво Орав.

Посакувајќи му топло добредојде и успех во извршувањето на новата должност, Претседателот во поздравното обраќање изрази уверување дека богатото професионално искуство и познавање на Република Македонија, како и проактивниот ангажман на амбасадорот Орав, ќе придонесат кон достигнување на крајната цел – полноправно членство во Европската унија, за што земјата веќе ги исполни критериумите.

„Членството во Европската унија е највисок национален стратешки приоритет, за кој постои континуиран и цврст консензус од граѓаните на Република Македонија. Европската комисија во три наврати, последователно, препорачува отворање на пристапните преговори со ЕУ. Нашиот регион во изминатиов период постојано добива позитивни вести, сведоци сме на позитивни придвижувања во ЕУ интеграцијата во целиот регион,“ истакна претседателот Иванов на церемонијата на предавање на акредитивните писма.

Тој додаде дека Република Македонија со полно право очекува ЕУ што поскоро да ја донесе одлуката за отворање на пристапните преговори за време на Данското претседателство.

„Бараме и очекуваме еднаков и фер третман од Унијата и од земјите-членки. Очекуваме позитивниот пример во интеграциските процеси од нашиот регион, принципот на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните разлики да биде применлив и во нашиот случај,“ нагласи претседателот Иванов потсетувајќи дека нашата добра вера и конструктивност за надминување на отвореното прашање со Република Грција за името е потврдена и со неодамнешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата.

ЕУ амбасадорот Аиво Орав, истакна дека интересот на Европската унија е земјата-кандидат да постигне напредок кон Европската унија и да може да стане полноправна земја-членка.

„ЕУ и натаму придава огромна важност на нашите билатерални односи, а претстојниот дијалог на високо ниво со Европската комисија претставува дополнителен доказ за тоа. Се надевам дека и двете страни ќе ги искористат овие можности во најголема можна мера,“ посочи амбасадорот Орав, додавајќи дека претпристапната помош на ЕУ е важна алатка за приближување на една земја-кандидат до Унијата, како и  дека ЕУ и натаму дава целосна поддршка за одредбите и духот на Охридскиот рамковен договор.


Средба Иванов – Фишер: Прашањето за името е пречка за битни одлуки во Европа
Петок, 02 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој престојува во работна посета на Република Австрија, денес оствари средба со неговиот австриски колега, сојузниот претседател Хајнц Фишер.

Во фокусот на разговорите на претседателите на Македонија и на Австрија во Виена, беа прашањата од заеднички интерес за двете земји, начините како да се зголемат австриските вложувања во Македонија, како и прашањето од врвен приоритет за Република Македонија - евроинтеграциите.

„Зборувавме за односите меѓу Македонија и Австрија, ги отворивме прашањата за зголемување на интересот на австриските бизнисмени да инвестираат во Македонија. Разговаравме за актуелните состојби во регионот за прашањата што се од заеднички интерес, како и за она што најмногу нас не оптеретува, прашањето за нашите евроинтеграции и позитивните примери во регионот кои можат да се искористат и во нашиот случај,“ истакна по средбата претседателот Иванов.

Двајцата претседатели разговараа и за новата атмосфера на Западен Балкан, со Хрватска како членка на Европската унија, и кандидатски статус кој Србија го доби пред неколку дена.

„Македонија поради наметнатиот проблем со нашето име од страна на Грција е во статус-кво состојба. Секој пат имаме поддршка од претседателот Фишер кога станува збор за нашата перспектива во ЕУ за што сме благодарни,“ нагласи претседателот Иванов.

Фишер, претседателот на Австрија, која важи за еден од најсилните поддржувачи на процесот на проширување на ЕУ, меѓу другото во оваа прилика го посочи проблемот што Грција го има со нашето уставно име како пречка при донесувањето одлуки значајни за поширокото европско семејство.  

„Нема да кријам дека разговаравме и за една тема која долги години ја мачи Европа, односно прашањето околу името. Не може некој друг да го реши ова прашање освен самите Македонија и Грција, но постои голем интерес тоа да се реши на коректен начин со изнаоѓање фер решение, оттаму што тој спор претставува пречка за значајни одлуки во Европа,“ истакна претседателот Фишер.

Австрискиот претседател го информираше претседателот Иванов за неговите разговори што вчера ги имал со претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ, посветени на актуелната ситуација во Западен Балкан.

Австрискиот претседател Фишер уште истакна дека со задоволство ја прифатил поканата на Иванов следната година да дојде во официјална посета на Република Македонија.

Работната посета на Австрија претседателот Иванов ја продолжува во Салцбург, каде утре на свечена церемонија ќе биде инаугуриран во заштитник на Европската академија на науките и уметностите (ЕАНУ). Со оваа почесна титула претседателот Иванов ќе се приклучи кон групата заштитници на престижната академска институција, во која протектори се уште и претседателите на Австрија, Русија, Словачка, Словенија, Грција и на Швајцарската Конфедерација - Хајнц Фишер, Владимир Путин Иван Гашпарович, Данило Тирк, Каролос Папуљас, Дорис Лојтхарт, како и суеверените на Шпанија, Белгија и на Луксембург. Почесни сенатори на оваа академска институција се голем број актулени и поранешни шефови на држави и влади и други високи функционери и јавни личности.


Текстилната индустрија има потреба од работна сила - претседателот Иванов во посета на Штип
Среда, 29 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во рамки на работната посета на Општина Штип, оствари средба со градоначалникот на општината, Зоран Алексов. На средбата претседателот се запозна со проектите кои во изминатиот период ги реализираше локална власт, со економскиот развој на општината, тековните и идните инвестиции. Градоначалникот Алексов го информираше Претседателот и за активностите и зафатите кои ќе овозможат помодерен и поубав изглед на градот.

На средбата на Претседателот со претставниците на бизнис секторот, беа презентирани инвестициските потенцијали на градот Штип, со акцент на можностите за инвестирање во индустриските зони и во Технолошко развојно индустриската зона. Сепак, меѓу клучните забелешки на штипските стопанственици е потребата источниот дел од државата да добие помодерна патна инфраструктура што ќе овозможи побрза комуникација и транспорт на производите кон европските пазари.

„Цела источна Македонија има потреба од нова посовремена инфраструктура. Сега е моментот да се стави поголем акцент на обновување за да можат максимум да се искористат и соодветно пласираат овдешните ресурси. Патниот правец Миладиновце - Штип би овозможил поголема комуникација и самите бизнисмени не би трошеле многу време и ресурси за транспорт. Потребно е подобрување и на јавниот превоз кон околните места,“ истакна претседателот Иванов.

Штипските бизнисмени, исто така, го информираа Претседателот дека поради економската криза, претрпуваат одредени застои при извозот на производите, но дека вложуваат напори тие пречки да се надминат.

Претседателот Иванов ја посети и текстилната конфекција „Албатрос“, која како што посочи, ја отсликува економијата на Штип.

„Разговаравме за можностите кои ги нуди оваа индустриска гранка и за перспективите за во иднина, но и за тоа што може од тоа богато искуство на штипската текстилна индустрија да се искористи за поголем развој. Во текстилната индустрија постои потреба од работна сила, голем дел од текстилните погони се соочуваат со недостаток на работници. Има потреба од работна сила во непосредното проиводство, но и од соодветен стручен кадар кој ќе овозможи да се задоволат критериумите на европските пазари, каде што најголем дел од ова производство се извезува,“ истакна Претседателот.

Во изјава за медиумите при денешната посета на општина Штип, Претседателот се осврна и на постигнатиот договор за меѓународно претставување меѓу Србија и Косово, што е уште еден пример за паралелно одвивање на интегративните процеси со напорите за изнаоѓање решенија за билатералните спорови. Како што нагласи тој, тоа треба да биде модел кој ќе го применат и Скопје и Атина во надминување на спорот со името.

„Кога има волја, има и начин. Ние не гледаме волја кај нашиот сосед да го направат истото што го направија Словенија и Хрватска – паралелно да ги водат интегративните процеси и да најдат решение. Волја да дојдат до решение покажаа и Србија и Косово. Ние потрошивме 20 години да ги поттикнеме нашите соседи да покажат волја да се дојде до решение за проблем кој тие го создаваат. Имајќи ја предвид нивната политика досега, очигледно е дека тоа што го правеа со Кипар, што го прават со Турција, сега го прават и со нас. Својот проблем го даваат да го решава Европската унија, го препуштаат да го решава НАТО,“ истакна Шефот на државата денеска во Штип.

Запрашан како ќе ги коментира изјавите на Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмунсен и американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс, дека консензустот е клучот кој нè спречува да влеземе во НАТО, Претседателот нагласи дека ваквите изјави не влеваат голем оптимизам во однос на одлуките на претстојниот Самитот на НАТО во Чикаго.

„Ние се надеваме и очекуваме она што беше сторено во Букурешт да се исправи. Затоа што Грција ги доведе во заблуда другите членки укажувајќи им дека не дава согласност, а Грција со Времената спогодба има обврска да го почитува тоа што го договорила со нас и со меѓународната заедница,“ истакна претседателот Иванов додавајќи дека НАТО треба да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата, кој стриктно и јасно кажа дека е направена грешка на Самитот во Буркурешт.

Претседателот Иванов ја заокружи посетата на Општина Штип со посета на Заводот за заштита на споменици и Музејот на град Штип.


 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 145 од 198