Новости
За покажаниот интегритет, талент, храброст и победничко срце - ракометарите одликувани со Медал за заслуги за Македонија
Понеделник, 30 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги одликува македонските ракометари со „Медал за заслуги за Македонија“.

„Македонија ја започна годината победнички. Убеден сум дека успехот што вие го постигнавте ќе продолжи на сите полиња, не само во спортот, туку и во економијата, културата, образованието... Ништо не успева како успехот. Покажавте интегритет и храброст, талент и сила, волја и победничко срце. Такви модели ни се потребни денес во Македонија. Луѓе кои ја обединуваат нацијата. Вие сте современите македонски херои,“ истакна претседателот Иванов на доделувањето на медалите на македонската ракометна репрезентација.

Македонските ракометари го освоија петтото место на Европското првенство што се одржа во Србија, и се пласираа на кфалификациите за летните олимписки игри што ќе се одржат годинава во Лондон.

„Покажавте дека Македонија не мора само да учествува, туку и да победува. Едно е јасно, Европа дозна за потенцијалите на македонскиот ракомет. Од денес натаму европските тимови ќе бидат навистина загрижени пред секој натпревар со македонските ракометари,“ посочи Претседателот.

Тој им порача на македонските ракометари дека за нас тие се шампиони, изразувајќи сигурност дека и натаму ќе се трудат да бидат поуспешни и да го постигнат најдоброто.

„И јас бев таму, заедно со илјадници наши сограѓани за да навивам за нашиот тим. Во оваа прилика, сакам да им оддадам признание на сите кои беа покрај вас, на сите македонски навивачи. Тоа беа незаборавни моменти за сите нас. Покажавте фантастична игра до последната секунда. Верувајте дека за нас, вие сте нашите шампиони,“ нагласи претседателот Иванов.

Претседателот на Македонската ракометна федерација Михајо Михајловски е уверен дека ова нема да биде последен успех за македонските ракометари.

„Сигурен сум дека ние можеме и ќе ги поминеме кфалификациите во Гетеборг, Шведска и ќе одиме на Олимпијадата во Лондон. Тука нема да биде крајот. Очекувам да ја победиме Австрија и во јануари 2013 да играме на Светско првенство во Шпанија,“ истакна Михајловски.

Медалите на ракометарите им се доделуваат за афирмација на Република Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во ракометот на меѓународен план и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во нашата земја.

Македонските ракометари на претседателот Иванов му подарија дрес со неговото име и бројот седум.

alt

Претстојат уште многу успешни британски инвестиции – прием за британската делегација предводена од принцот Мајкл од Кент
Недела, 29 Јануари 2012

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со Неговото Кралско Височество Принцот Мајкл од Кнет и за членовите на британската бизнис делегација која го придружува при неговата посета на земјата.

„Ме радува фактот што во последно време британските компании стануваат сè позаинтересирани за инвестирање во Република Македонија. Тоа значи дека ги препознаваат и правилно ги вреднуваат сеопфатните реформски зафати,“ порача претседателот Иванов во своето обраќање пред присутните гости.

Тоа, како што нагласи Претседателот, го потврдува и примерот на „Џонсон Мети“ кои својата најголема фабрика за катализатори во Европа ја изградија во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје.

„Благодарение на ’Џонсон Мети’, Обединетото Кралство денеска е меѓу првите 10 трговски партнери на Република Македонија,“ истакна претседателот Иванов и додаде дека по отворањето на нивната фабрика извозот на земјава значително се зголеми.

„Би сакале да видиме уште многу вакви успешни британски инвестиции и тоа не само во индустријата, туку и во земјоделството, туризмот и услугите. Верувам дека еден од најголемите адути на Македонија е и младата и едуцирана работна сила што претставува одлична можност за аутсорсинг,“ истакна претседателот Иванов, изразувајќи уверување дека оваа посета ќе и даде нов импулс на соработката меѓу двете држави и двете економии.

Тој изрази и благодарност за принципиелната употреба на нашето уставно име во билатералната комуникација со Обединетото Кралство и за јасната поддршка за исправноста на државната политика.

„Уверен сум дека ваквата поддршка ќе продолжи и во иднина и ќе се интензивира особено во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго,“ истакна претседателот Иванов на денешниот прием на британската делегација предводена од принцот Мајкл од Кент.



Средба со директорот на Вишеградскиот фонд, Петр Вагнер – позитивната практика да се реплицира во Југо-источна Европа
Среда, 25 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес го прими Петр Вагнер, директор на Вишеградскиот фонд. Вишеградскиот фонд е меѓународна организација со седиште во Братислава, која ја поддржува соработката меѓу државите на Вишеградската група - Чешка, Словачка, Полска и Унгарија, во области како што се образованието, културната размена, младинската соработка и туризмот.

На средбата, претседателот Иванов и директорот Вагнер ја поздравија иницијативата истакната на неодамнешниот неформален состанок на ниво на министри за надворешни работи на државите од Вишеградската група и Западен Балкан (В4-ЗБ) во Прага, за формирање фонд на државите од Југоисточна Европа, кој би функционирал на сличен начин како фондот на Вишеградската група, и кој би придонел кон подобро меѓусебно запознавање и разбирање на граѓаните од балканскиот регион.

Претседателот Иванов нагласи дека веќе е време средбите на регионално ниво да имаат конкретни резултати и во тој дух оцени дека оваа иницијатива ќе биде сериозно разгледана и ќе биде предмет на разговори со останатите држави од регионот во наредниот период.

Претседателот Иванов истакна дека иднината на Македонија и на земјите од регионот е во меѓусебно поврзување, интегративни процеси и подобро разбирање. Во таа насока, претседателот Иванов оцени дека продолжувањето на евро-атланските интеграции на Македонија, останува наша стратешка цел која ќе придонесе кон стабилноста и просперитетот во регионот.

Претседателот Иванов нагласи дека високо ја цени поддршката од страна на четирите држави од Вишеградската група за интегрирањето на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија.



„Алкалоид“ е успешна приказна за Македонија - Претседателот Иванов во посета на најстарата фармацевтска компанија
Понеделник, 23 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ја посети фармацевтската компанија „Алкалоид АД - Скопје“ при што беше запознаен со производствените капацитети и програми, стратегијата на компанијата и постигнатите резултати.

По обиколката на погоните за производство, лабораториите и центарот за контрола на квалитетот, заедно со кинескиот амбасадор во Република Македонија, Цуи Џивеи, претседателот Иванов изјави дека компанијата „Алкалоид“ е навистина успешна приказна во Македонија, која ги задоволува највисоките стандарди за најпребирливите пазари, што укажува дека како држава работиме на унапредување на можностите и капацитетите во согласност со побарувањата на странските пазари.

„Можам само да му честитам на тимот предводен од господинот Мукаетов, што успеваат да ги одржуваат тие стандарди и да нудат производи за сите странски пазари. Посетата ја искористивме сето тоа да му го презентираме и на кинескиот амбасадор, за да може да ги види потенцијалите на фармацевтската индустрија во Македонија и можностите за извоз и за трговска размена меѓу двете земји,“ истакна претседателот Иванов.

Кинескиот амбасадор Цуи Џивеи истакна дека е импресиониран од тоа што го видел денеска, особено од можностите на компанијата во делот на билките и чаевите, и дека ќе ги вложи сите напори за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Кина.

„Имавме чест да покажеме дека во Македонија има потенцијал за развој, напредок и уште подобри резултати. Во овој момент се уште сме во една фаза на снимање на ситуацијата таму, бидејќи се работи за еден голем и комплициран пазар, каде секој град кој е над еден милиони жители, има своја филозофија на функционирање и економско работење. Сепак, Македонија има билки и чаеви кои во Кина ги нема,“ нагласи директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.


alt


Позитивната празнична енергија сите нé сплотува – одбележување на Богојавление Водици во Охрид
Четврток, 19 Јануари 2012

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов, денес во Охрид во чест на прославувањето на големиот христијански празник Богојавление Водици, присуствуваше на свечената манифестација на фрлање на крстот во водите на Охридското езеро.

Претседателот Иванов, честитајќи им го Водици на сите граѓани, истакна дека овој празник носи среќа и бериќет не само за оние што ќе го фатат крстот, туку и за сите останати.

„Прекрасно е да се биде тука, меѓу овие луѓе, кога сите сме полни со една позитивна енергија. Овие празници ги сплотуваат и обединуваат луѓето. Гледате - нема разлики, сите сме тука да славиме и меѓусебно да си честитаме успеси, затоа што успесите нé обединуваат, исто како и спомените,“ изјави претседателот Иванов, додавајќи дека чинот на фрлањето крст во Охридското езеро, и денес, како и низ годините, беше навистина величествен.

Тој додаде дека обновувањето и негувањето на оваа традиција кај нашиот народ по повод Богојавление е симбол на нов живот, на појавување на Бога.  „Толку луѓе да се соберат и да го почитуваат тој што го фатил крстот и да му посакаат сé најубаво во годината, е навистина величествено,“ истакна Претседателот.

По петти пат крстот во осветените води на Охридското Езеро го фати Митко Топенчаров од Варош. Тој на сите верници им упати желби за среќа, здравје, благостојба и мир. „Ние сме пораснати со таа традиција. Скокаме од мали деца по крстот. Од 12 години ја негуваме традицијата, особено тука во страриот дел на градот,“ изјави Топенчаров, кој 22-ри пат скока по крстот.

Претседателот Иванов на Топенчаров му подари вредна икона на патронот на Охрид „Св. Климент“, изработена од старите мајстори во манастирот Зрзе.

Со чинот на фрлање на крстот и осветувањето на водите на Охридското Езеро се одбележува денот кога во реката Јордан, Свети Јован Крстител го покрстил Исус Христос. Овој празник се слави уште од вториот век, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Се верува дека оној кој ќе го фати крстот цела година ќе го следи среќа, здравје и благосостојба.

На свечениот чин на осветувањето на водите на Охридското Езеро и фрлањето на крстот, денес присуствуваа десетина илјади православни верници од Охрид и од други делови на Македонија, но и посетители од странство. Со церемонијата на осветувањето на езерските води чиноначалствуваше митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј.


 

Средба со претседателот на Европската академија на науките и уметностите, Феликс Унгер
Вторник, 17 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес го прими Претседателот на Европската академија на науките и уметностите, проф. Феликс Унгер, кој е во неколкудневна посета на земјата.

Професорот Унгер на средбата му врачи на Претседателот Иванов официјална покана и програма за свечената церемонија на инаугурација на Претседателот во патрон, заштитник на Европската Академија на науките и уметностите (ЕАНУ), што беше меѓу главните цели на неговата посета на Македонија. Свечената пленарна сесија на ЕАНУ по тој повод ќе се одржи во март во Салзбург.

Како патрон на ЕАНУ, претседателот ја презема обврската да биде покровител на настани и конференции, кои во периодот што следи ќе бидат иницирани и организирани во Македонија. Претседателот Иванов изрази посебна благодарност за оваа укажана чест, што воедно претставува голема чест и за Република Македонија, нагласувајќи дека со посебна посветеност ќе се труди да биде вистински заштитник на науките и уметностите во својата земја.

Меѓу патроните на Академијата се и шпанскиот крал Хуан Карлос де Борбон, австрискиот претседател Хајнц Фишер, словачкиот претседател Иван Гашпаровиќ, словенечкиот претседател Данило Тирк, белгискиот принц Филипе, германскиот претседател Кристијан Вулф, како и грчкиот претседател Каролос Папуљас.

На работниот ручек, на кој присуствуваа и дел од македонските академици, беше потпишан договор за соработка меѓу Македонската академија на науките и уметностите и ЕАНУ, за неколку настани во нивна заедничка организација, преку кои ќе се интензивира соработката и со други меѓународни организации, културни и образовни институции во државата.

Претседателот изрази задоволство од досегашната соработка помеѓу МАНУ и Европската академија, вклучително и фактот што во моментов девет академици од Македонија членуваат во ЕАНУ.

Академикот Унгер го информираше Претседателот и пренесе дел од импресиите од остварените средби во текот на неговата посета, со Министерот за образование и наука, Панче Кралев, и со раководството на Медицинскиот факултет, како и за отворените можности за меѓусебна натамошна соработка.

Претседателот беше запознаен и со програмите на Универзитетот „Алма Матер Еуропеа“ основан во 2010 година од Европската академија, на кој покрај редовните студии се организираат и летни програми, при што беше разговарано и за иницирање поголема соработка и размена со Школата за лидери на Претседателот Иванов.

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 147 од 198