„Алкалоид“ е успешна приказна за Македонија - Претседателот Иванов во посета на најстарата фармацевтска компанија
Понеделник, 23 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ја посети фармацевтската компанија „Алкалоид АД - Скопје“ при што беше запознаен со производствените капацитети и програми, стратегијата на компанијата и постигнатите резултати.

По обиколката на погоните за производство, лабораториите и центарот за контрола на квалитетот, заедно со кинескиот амбасадор во Република Македонија, Цуи Џивеи, претседателот Иванов изјави дека компанијата „Алкалоид“ е навистина успешна приказна во Македонија, која ги задоволува највисоките стандарди за најпребирливите пазари, што укажува дека како држава работиме на унапредување на можностите и капацитетите во согласност со побарувањата на странските пазари.

„Можам само да му честитам на тимот предводен од господинот Мукаетов, што успеваат да ги одржуваат тие стандарди и да нудат производи за сите странски пазари. Посетата ја искористивме сето тоа да му го презентираме и на кинескиот амбасадор, за да може да ги види потенцијалите на фармацевтската индустрија во Македонија и можностите за извоз и за трговска размена меѓу двете земји,“ истакна претседателот Иванов.

Кинескиот амбасадор Цуи Џивеи истакна дека е импресиониран од тоа што го видел денеска, особено од можностите на компанијата во делот на билките и чаевите, и дека ќе ги вложи сите напори за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Кина.

„Имавме чест да покажеме дека во Македонија има потенцијал за развој, напредок и уште подобри резултати. Во овој момент се уште сме во една фаза на снимање на ситуацијата таму, бидејќи се работи за еден голем и комплициран пазар, каде секој град кој е над еден милиони жители, има своја филозофија на функционирање и економско работење. Сепак, Македонија има билки и чаеви кои во Кина ги нема,“ нагласи директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.


alt


  Back<<Назад