Средба со директорот на Вишеградскиот фонд, Петр Вагнер – позитивната практика да се реплицира во Југо-источна Европа
Среда, 25 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес го прими Петр Вагнер, директор на Вишеградскиот фонд. Вишеградскиот фонд е меѓународна организација со седиште во Братислава, која ја поддржува соработката меѓу државите на Вишеградската група - Чешка, Словачка, Полска и Унгарија, во области како што се образованието, културната размена, младинската соработка и туризмот.

На средбата, претседателот Иванов и директорот Вагнер ја поздравија иницијативата истакната на неодамнешниот неформален состанок на ниво на министри за надворешни работи на државите од Вишеградската група и Западен Балкан (В4-ЗБ) во Прага, за формирање фонд на државите од Југоисточна Европа, кој би функционирал на сличен начин како фондот на Вишеградската група, и кој би придонел кон подобро меѓусебно запознавање и разбирање на граѓаните од балканскиот регион.

Претседателот Иванов нагласи дека веќе е време средбите на регионално ниво да имаат конкретни резултати и во тој дух оцени дека оваа иницијатива ќе биде сериозно разгледана и ќе биде предмет на разговори со останатите држави од регионот во наредниот период.

Претседателот Иванов истакна дека иднината на Македонија и на земјите од регионот е во меѓусебно поврзување, интегративни процеси и подобро разбирање. Во таа насока, претседателот Иванов оцени дека продолжувањето на евро-атланските интеграции на Македонија, останува наша стратешка цел која ќе придонесе кон стабилноста и просперитетот во регионот.

Претседателот Иванов нагласи дека високо ја цени поддршката од страна на четирите држави од Вишеградската група за интегрирањето на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија.



  Back<<Назад