|
Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов, денес во Охрид во чест на прославувањето на големиот христијански празник Богојавление Водици, присуствуваше на свечената манифестација на фрлање на крстот во водите на Охридското езеро.
Претседателот Иванов, честитајќи им го Водици на сите граѓани, истакна дека овој празник носи среќа и бериќет не само за оние што ќе го фатат крстот, туку и за сите останати.
„Прекрасно е да се биде тука, меѓу овие луѓе, кога сите сме полни со една позитивна енергија. Овие празници ги сплотуваат и обединуваат луѓето. Гледате - нема разлики, сите сме тука да славиме и меѓусебно да си честитаме успеси, затоа што успесите нé обединуваат, исто како и спомените,“ изјави претседателот Иванов, додавајќи дека чинот на фрлањето крст во Охридското езеро, и денес, како и низ годините, беше навистина величествен.
Тој додаде дека обновувањето и негувањето на оваа традиција кај нашиот народ по повод Богојавление е симбол на нов живот, на појавување на Бога. „Толку луѓе да се соберат и да го почитуваат тој што го фатил крстот и да му посакаат сé најубаво во годината, е навистина величествено,“ истакна Претседателот.
По петти пат крстот во осветените води на Охридското Езеро го фати Митко Топенчаров од Варош. Тој на сите верници им упати желби за среќа, здравје, благостојба и мир. „Ние сме пораснати со таа традиција. Скокаме од мали деца по крстот. Од 12 години ја негуваме традицијата, особено тука во страриот дел на градот,“ изјави Топенчаров, кој 22-ри пат скока по крстот.
Претседателот Иванов на Топенчаров му подари вредна икона на патронот на Охрид „Св. Климент“, изработена од старите мајстори во манастирот Зрзе.
Со чинот на фрлање на крстот и осветувањето на водите на Охридското Езеро се одбележува денот кога во реката Јордан, Свети Јован Крстител го покрстил Исус Христос. Овој празник се слави уште од вториот век, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Се верува дека оној кој ќе го фати крстот цела година ќе го следи среќа, здравје и благосостојба.
На свечениот чин на осветувањето на водите на Охридското Езеро и фрлањето на крстот, денес присуствуваа десетина илјади православни верници од Охрид и од други делови на Македонија, но и посетители од странство. Со церемонијата на осветувањето на езерските води чиноначалствуваше митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј.
|